1. Бранко му се закани на Чакала и на останатите од потерниците на МВР. Им рече дека ако дојдат во Скопје, како што се појави несреќниот Поштар, полицијата и нив ќе ги апси. Не прецизираше во кој дел од градот. Дали во Карпош, до Ѓорче Петров, или во Центар, до Камениот мост, или евентуално кон Аеродром.
Власта прави напори да функционира во главниот град на државата. Не се само криминалците на удар на полицијата кога ќе дојдат во урбана средина. И дуќаните без фискални сметки што се на територијата десно од Вардар во Скопје се на удар на инспекцијата.
Засега луѓето од потерниците се безбедни. Портпаролката Мирјана Контевска рече дека потерниците не се дневна активност на МВР. Тие се ноќна активност. Ама бидејќи ноќе е опасно и криминалците можат да се скријат, полицијата се фокусира на други дневни активности. Како што се на пример вадење таблички од погрешно паркирани возила. Или строго затворање на кафеаните.
Бидејќи Чакала не е влезен во дневната активност, ќе чека некој друг план. Тој е предвиден за апсење во првата петолетка. Во втората петолетка ќе се апси Бреза. За третата петолетка ќе се појави уште некој нов.
2. Министерот за внатрешни работи Хари Костов има тешка задача. Дали да ги лови криминалците, или да глови кои новинари поставуваат прашања на прес конференција на лавовите.
На прашањето по кој критериум ги одбрала медиумите што биле поканети да присуствуваат на сослушувањето на лавовите од Карпалак, портпаролката Мирјана Контевска за “Вечер” одговори: “Начелно, оние што поставуваа прашања на прес конференција на припадниците на поранешната единица “Лавови”.
Од каде знае полицијата кој поставува прашања на прес конференции? Ги снима конференциите? Дневна активност на МВР е следење на прес конференции. Полицијата прави акција. Снима новинари.
3. Пред два дена во Редакцијата се јави Чакала и побара да даде изјава. Вечерта го чувме на вестите на една локална скопска телевизија. На прашањето на новинарот што е тоа што се слуша зад него, тој одговори дека се овци. Чакала се пофали и дека три пати им се јавувал на министерот Хари и на заменикот Дехари. И им порачал да дојдат да го уапсат. Да го стават на агендата на дневната активност.
Во ниеден криминален филм нема да запали таква приказна. Ама може да запали за нова игра на “хот лајн” телефон. Чакала си изнајмува телефонска линија на “0500”. Кој сака да го слушне, му се јавува. Ти прашуваш, Чакала “хот лајн” одговара.
Дури и Батлер може да му се јави. Да ги слушне овците, зошто тие го одмарале.
Импулсите вртат. Чакала си чува овци и штека пари. А полицијата брка дневна работа.
4. Македонија е богата држава. На една Русија и прости 20 отсто од долгот и плус се согласи остатокот да и биде вратен со компензација.
Кој бизнисмен не би сакал да прави зделки со Бранко. Ем ќе ти одбие 20 отсто, ем ќе се ослободиш од стоката што не ти треба, наместо да даваш пари.
Дел од долгот ќе бил вратен со владин авион од типот “јак”. Поради бучавата, и поради зголеменото загадување, на таков авион не му се дозволува да слета на половина европски аеродроми. Јакиот бизнисмен направи јака зделка за “јак”. Ем ќе си останеме без пари, ем ќе ни подметнат стока за која ќе треба да правиме нови трошоци. На крај “јак-от” на Бранко ќе заврши како бугарските тенкови на Кљусев.
Бидејќи нема да му дозволат да слета, кога ќе тргне на пат, Бранко ќе кружи над Европа. Додека кружи, ќе размислува на кој датум да ја даде апликацијата за членство во ЕУ. Бидејќи нашите пилоти не знаат да возат јак-ови, ќе си ги земе Илинка и Рада за резервни пилоти, додека рускиот капетан бара кај да слета. Ќе кружи Бранко, ќе кружи, и со апликацијата ќе си се врати дома. Сосе Рада и Илинка.
5. Двајца министри во два наврати пробуваат да манипулираат со јавноста, користејќи ги новинарите. Никола Поповски на првиот брифинг како министер за финансии кажа која банка е проблематична, ама им рече на новинарите да не го цитираат. Демек, дознале од “високи извори во Министерството”. Славко Петров на новинарите им рече дека евтиното свинското месо од увоз, во ЕУ им го даваат на кучињета. Ама и тој не сака да му се споменува името. Демек дознаваме од “компетентни извори во Министерството за земјоделство”.
И во двата случаи, прават паника кај народот, а немаат стискавец да застанат со име и презиме. Ако има проблем, тогаш зошто не го решат?. Министри се, за тоа се платени. Ако не, тогаш нема потреба да кажуваат. Освен ако не се во прашање некои други интереси. Оти во едниот случај во прашање се пари, а во другиот – здравје. Или, можеби грешам. Да не се во прашање пари и во двата случаја.
6. Се јави еден читател и ни кажа дека со некој пријател пресметал: Ако во Македонија им требаше толку време да ги објават резултатите од пописот, во Кина ќе им требаат 750 години.
Арно ама, Кинезите сепак ќе ги обработат резултатите за една година. Нив пописот не им зависи од меѓународната заедница и дали странските амбасадори ќе им ги признаат резултатите.