1 СДСМ најде вистински кадар за да ја коментира одлуката на Владата да ги покачи платите на државната и на јавната администрација. Најрелевантно мислење даде поранешниот министер за финансии Никола Поповски.
Тој рече: “Секој лош политичар ќе ви каже дека ова е добра мерка, а секој добар економист ќе ви каже дека е лоша мерка”.
Во која категорија самиот си се вбројува Поповски?
Којзнае колку го боли срце кога гледа како Груевски му ги троши грижливо собраните пари. Додека беше министер упорно си ги чуваше под перница и секое утро гледаше како му расте сметката.
Можеби ако Поповски беше лош економист, СДСМ уште ќе беше на власт. А ако беше добар политичар, сега ќе молчеше. Кога веќе нема што да каже.
2 Откако помина цела недела со секојдневните пресконференции станува јасно зошто премиерот и министрите работат по 16 часа на ден. Затоа што, за да бидат убави пред камерите на фамилијарните пресконференции, најмалку четири часа им требаат за да се подготват за сликање.
3 Во 1998 година имало 64 илјади вработени на државна плата. Денеска се 108.000. Дали се рамковни обврски или партиски војници, не е важно. Тука се и треба да се хранат. Во 1998 година за нивните плати требало да се заработат 255 милиони евра. Годинава треба да се исплатат 550 милиони евра.
Ме радува успехот на Груевски. Затоа што тоа е и мој успех. Сум работел, редовно сум плаќал даноци и придонеси и сум заработил и за десетте отсто покачување на луѓето што треба да ме услужат. Ако од ноември оваа година барем за 10 отсто бидам позадоволен од услугите на медицинарите, шалтерските работници, судиите, на негувателките во градинките, наставниците, амбасадорите, од министрите…, тогаш значи дека Груевски направил добра инвестиција со моите пари.
Бидејќи успехот ни е заеднички, очекувам од премиерот да не се потпира само на моите пари. Работам во странска компанија што не ја краде државата и вработените. Ама не сум само јас даночен обврзник. Ако премиерот сака и натаму да остварува, треба да обезбеди и други фирми да ги пријавуваат вработените на цели плати и да си ги плаќаат придонесите и даноците. Нели создава клима за странски инвестиции? Нели странците треба да ги заштити од нелојална конкуренција? Затоа би го замолил да ги натера и другите да работат легално, а не да ги толерира за да добие ситно медиумско внимание.
4 Следниот чекор што го очекувам како даночен обврзник е премиерот пак да ги собере сите министри на сликање. И да најави: Сега ја намалувам државната и јавна администрација за 10 отсто.
5 Скопскиот аеродром конечно ќе си го заслужи името “Александар Велики”. Сега во холот за чекирање има поставено и глава на Александар Македонски. Споменикот е одличен како дополнителна удобност за патниците. Може врз Александар да се потпреш за да се одмориш. Дамите може врз брадата на Великиот да си ја стават чантата додека си тарашкаат за да си ги средат билетите, пасошите или шминките. На белиот постамент може да се пишуваат графити. На пример, командант Џејми Шеј ќе ни остави порака пред да замине за Немачка или за Швицарска. Некое палаво дете ќе му ги наполни ноздрите на Александар со мастика за џвакање. Тоа е за да се заштити патронот на аеродромот од смрдеата од цигари и пржени јајца што се шири низ халата во која го шлапнале.
Патниците на МАТ, кои летово често не знаат кога ќе им дојде авионот, имаат доволно време да ја покажат својата уметничка креативност. Да го доработат споменикот. На Александар може да му никнат мустаци. Ќе биде како Гоце Делчев. Ако задоцни авионот уште некој час, ете ти и брада. Никола Карев е, исто така, доволно историска личност што заслужила да ги испраќа патниците од Македонија.
Вработените на аеродромот добија скапи униформи. Сега се комплетни. Облеката им е од странско, а Александар од домашно производство. Тоа што кога ќе слетаат во исто време два авиона, таму е како да се случила елементарна непогода и што нема каде да се измочаш како човек и да си измиеш раце е ништо во однос на славната глава што ќе им посакува добар лет на патниците кои тргнале кон Европа.
Важно е дека на аеродромот глава имаме. Само уште да почне и да мисли.