1. Знамето на Албанија ќе се вее во Македонија легално. Така што спикерот ќе го фати несоница. Оти до сега сонувал. Со албанското знаме ќе живеел во космополитска Македонија. Сега кога веќе му се остварил сонот, ич не мора ни да спие.
Љупчо Јордановски се истакна со мислата на Мартин Лутер Кинг: I have a dream.
Мартин Лутер Кинг се борел за правата на Црнците.
А Јордановски се бори за правото на СДСМ-овците за фотелји.
2. Французите ги предупредиле своите граѓани дека Македонија не е безбедна, особено во северниот и западниот дел.
Претседателот Црвенковски рече дека Македонија е безбедна за секој намерник.
Ако е безбедна што не одат сите заедно на екскурзија во Кондово? Или тие не се намерници. Се прават странци. Не се од тука.
3 Бранко даде ултиматум Кондово да се реши до 15 јули. Ако не, ќе го свикал Советот за безбедност. И ќе барал да му се реферира.
Е баш му се стресоа гаќите на Агим Красниќи. Само не знаеме дали повеќе се плаши од советот, или од реферирањето. Сериозна работа е кога претседателот ќе се закани со седница на Советот. Јак фактор вози трактор.
Кога Бранко го бранеше концептот на територијалната поделба го прашавме дали ќе оди во Кондово. Тој се пофали дека ќе оди. Еве, нека не оди сам. Нека ги земе и членовите на Советот со себе. Нека си ги повика и Солана и Роберстон да му го олеснат патот. До таму можат да стигнат дури и со градски автобус оти Кондово веќе им е во Скопје. Тоа им беше сон.
Агим Красниќи ги чека.
4 Зошто требаше да загине четиригодишно девојче во Прилеп, за да сфатиме дека некои македонски полицајци станале рекетари и што е уште пострашно, МВР знаело за тоа, ама не ги апсело.
Зошто? Затоа што се пазарат со Красниќи, па немаат образ да ги гонат сопствените бандити.
5 Жителите на Брест се исплашиле од полицијата. Многу ги малтретирала. Еден од НДП се жалеше дека кога влегле во куќата на командант Бреза и кога нашле цел арсенал оружје акцијата била многу непријатна. Вели и дека ги малтретирале нивните жени и ќерки.
За хаубицата и митралезите ништо не кажа. Таму е нормално секоја куќа да личи како на магацин од бивша ЈНА. И жените и ќерките не се жалат на оружјето. Оти им треба. Кога одат на свадба пукаат со митралези, а кога одат на лов распалуваат со хаубици.
Какво е тоа недолично однесување на полицијата. Ти влегува дома и ти ги собира сите пушки. Башка, пред тоа не се најавува. Оти и тој од НДП немал ништо против акцијата. Ама МВР требало да ја најави. Да бара дозвола од локалните власти за да влезе. За да може оружјето да се скрие. Или, да остават репрезентативен музејски примерок. Па по таква акција сите ќе бидат рамковно среќни. Ем полицијата имала успешна акција, ем командантите се ослободиле од старото оружје.
6 Британскиот амбасадор не се извини за понижувањето на битолските играорци при барањето виза. Зошто би се извинувал, кога тоа никој од него не го побара. МНР чека играорците писмено да ги образложат деталите за инцидентот.
Илинка Митрева не протестираше. Лошо е да се вознемирува британскиот амбасадор оти Обединетото Кралство сега е претседавач на ЕУ. Страв и е да не ни се налутат. А и нема потреба. Таа кога оди во Лондон – и даваат виза.
Илинка мисли дека ако им премолчи, повеќе ќе ја сакаат. И дека ние со молчење ќе влеземе во ЕУ.
Во МНР покрај сите сектори што ги имаат треба да воведат и играорна секција. Ионака дипломатите ги избираат како пеачко друштво, па можат да свртат и некое орце.
7 Конзуларниот службеник на Велика Британија не ги терал Битолчани да играат туку да заземат став, за да види дали се кохерентнта група. Така го оправда британскиот амбасадор. И рече дека за да се добие виза за Велика Британија “треба да имаш добра причина за патување, уредни документи и навремена пријава”.
Значи ли тоа дека ако сакам да патувам за Лондон од ќеф и за свои пари тоа “не е добра причина” за добивање виза? Ако е така, зошто британскиот конзулат не издаде список “од кои причини може да се патува” за да се добие виза.
Лондон ќе биде домаќин на Олимпијадата во 2012 година. Пред Британската амбасада ќе се направат спортски терени. Од Хоум офисот ќе дојде специјална екипа да ги гледа нашите олимпијци пред да им даде виза. Ќе фрлаат ѓулиња, ќе трчаат, ќе се борат, ќе пливаат… Конзуларниот службеник ќе води сметка дали ќе ги исполнат олимписките норми. Оти, ако не ги исполнат, нема да имаат “добра причина да патуваат за Лондон”.
За македонските спортисти во 2012 година нема да важи олимпиското мото: “Не е важно да се победи, важно е да се учествува”. Мотото на нашата репрезентација ќе биде: “Не е важно да се победи, важно е да се добие виза”.