Добра журка

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:49:"Борисе,колкусепиперките?

    1. Сè можеше да се очекува од нашиве воени профитери. Се научија на продавање и купување, па почнаа да тргуваат и со душите на луѓето. Со кое лице излегуваат пред роднините на киднапираните на кои не им се знае судбината и им велат: “Ние сме со вас!”. А од друга страна, политички профитираат со траумите на најблиските и со нивните семејни трагедии.
    Прво им велеа дека се живи во Варвара. Потоа дека некои се убиени, а некои живи на Косово, подготвени за трампа. Па после им рекоа дека биле масакрирани па погребани во масовна гробница. И сега државата не може да влезе на територијата што е посочена како место каде што е гробницата. Непроштено не е пилот општина.
    И уште, по сите комбинаторики што ги направија во Собранието, се појави оној командант Лека, водач на терористите на територијата што ја контролираше ОНА, и изјавува дека и нему му било жал за киднапираните.

    2. Буш не го фаќа сон. Откако го доби писмото од Борис, дење-ноќе мисли како да ги врати Македонците во Преамбулата. Каков Авганистан, каков Бин Ладен, каков антракс, каква вариола вера… Македонците треба да се вратат.
    Уште да му го врати помнењето на Борис, да се сети што правеше во Охрид, додека обезбедувањето му ги собираше тениските топчиња низ грмушките во Горица. Додека учеше да игра, оние четворицата мангупи му го извадија народот од Уставот. И сега тој мора да го врати.
    Убаво вика неговиот советник Фрчкоски дека расправата за уставните измени е многу забавна. Којзнае колку било забавно и во Охрид.
    Фрчко е познат по забавите. За него и универзитетот во Речица беше роденденска журка. Споменуваше и некакви испукани балони. Има бујна фантазија за лисабонските журки на Киро Глигоров. А и дипломатијата му беше како турнеја на “Ролинг стонси”.
    Како тргнале со Владо Поповски, убаво штона сè гледаат како на добра забава. Нека штедат здравје. Ќе му требаат и на следниот претседател на држава. Може и тој ќе има некој план, па ќе му требаат советници за промена на Уставот. “Ролинг стонси”. Или, во превод – камења што се тркалаат. Од еден до друг претседател – од еден до друг устав.
    Паметни се море тие. Камења што се тркалаат, мов не фаќаат.

    3. Буш ќе има проблем да му го врати народот на Борис во Уставот. Цел народ му е на улица.
    Додека во парламентот се прави добра журка, 450 илјади невработени молат за леб. Па дури и Џорџ Робертсон од НАТО им порача да ги заборават амандманите и малку да мислат на леб и путер. И – пратениците го послушаа. Завчера ги баталија амандманите. Се фрлија на виски и закуска да ги пречекаат двајцата нови пратеници од СДСМ. Дури и адетот го сменија. Место со леб и сол, со виски и сендвичи се почестија.
    За џабе Робертсон ни порачува да јадеме леб и путер. Ние сме навикнати на леб и ајвар. Сирењето ни остана на окупираните територии. Ги чека пилот-полицајците да го ослободат.
    Претседателот сега почна да шета по кафулиња, да види како живее народот. Цели шест месеци не излегол. Планот го пишуваше.
    Туку, нели на времето одеше по пазари и се поздравуваше со продавачите. Што не оди сега на пазар. Да види дали луѓево со леб и путер ќе го имплементираат Рамковниот договор, или ќе си дозволат луксуз и ајвар да каснат. Борисе, колку се пиперките?

    4. Џорџ Робертсон ни даде добра идеја кога ни кажа дека тој како Шкот, навива против репрезентацијата на Англија, иако живеат во иста земја. Како не му текна на Борис во Рамковниот договор да предвиди и фудбалска репрезентација на Албанците. Ваков превид на Џафери никогаш нема да му биде заборавен од неговите. А и ние, против кого ќе навиваме. И во иднина ќе мора да навиваме против себе.
    Затоа, дај додека трае журкава, да предложиме амандман за албанска репрезентација. Не за друго, туку засекогаш да го решиме проблемот. Немој по извесно време да им текне на некои борци за човекови права да припукаат зашто немаат репрезентација. Дај сега сме решиле да дадеме сè. Сега му е мајката.

    5. Додека бев со група колеги во Брисел, Питер Фејт нè изнервира, зашто ни кажа дека во Македонија живееле Словени, Албанци, Турци и други… Македонци, во етнички смисла нема. Има само во политичка.
    Каде ли го научил тоа пријателот на Али Ахмети? Универзитетот на Штул уште не почнал со настава. Од универзитетот во Мала Речица не се признаваат дипломите. Сигурно бил во вечерна школа во Шипковица.

    6. САД им порачаа на своите граѓани дека веќе не мора да се евакуираат од кај нас. Значи, Македонија стана безбедна земја.
    Туку, каде е Илинка Митрева? Што не издаде нашето министерство за надворешни работи предупредување до граѓаните на Македонија да не патуваат во САД поради ризик за нивната безбедност.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари