1 Ова со признавањето на Косово беше одлична државна стратегија.
Првин резолуција во ОН и веднаш потоа резолуција во македонското Собрание. Генералното собрание на ОН ѝ даде право на Србија Меѓународниот суд на правдата да одлучува за легалноста на косовската независност. Светот се изјасни за барање правда на суд, а македонското Собрание за правдата на посилниот. И бидејќи македонската Влада е за почитување на правото, а не на силата, мораше да постапи според одлуката на Собранието и да го признае Косово.
Значи, затоа Владата не го призна Косово уште во февруари, кога го признаваа сите други. Чекале пратениците да донесат резолуција.
Во меѓувреме, уценувавме. Им велевме дека првин треба да ја одбележат границата и да ни дадат гаранции дека ќе воспостават дипломатски односи со нас со уставното име.
И ни успеа уцената. Од Косово порачаа дека подоцна ќе размислуваат како ќе нѐ признаат тие. И еден тракторист откорна неколку гранични камења. Колку за симболика дека одбележувањето на границата е само техничко прашање. Се решава со техника. И со лесна механизација. Со трактор.
Верувам дека тоа со тракторот, можеби, ја поколебало Владата. Ама затоа дојде секретарот за одбрана на САД Роберт Гејтс. И Владата мораше да постапи според државните интереси. Нашите интереси. Не на САД.
2 Ако се пазариме, барем да ќариме. Мислите дека нашите добро се испазариле? Или како и кај секое наше пазарење пак ќари другиот?
Ако не го добиеме она што го сакаме, зошто чекавме толку време со признавањето? Мислевме дека за седум месеци ќе нѐ заборават Србите? Како што 15 години мислевме дека ќе нѐ заборават и Грците?
3 Груевски не се појави да позира нареден со целата Влада за да се пофали со новото остварување признавањето на Косово. Пред тоа не се појави да даде изјава што се договориле за името на лидерската средба.
Наместо него, се појави новиот портпарол. Антонио Милошоски.
Но, затоа Груевски храбро излезе да рецитира поезија пред 40 илјади луѓе на концертот во спомен за Тоше. Злобниците велат дека дел од публиката го свиркала. Оние што го поддржуваат мислат дека тоа било морална поддршка за да може да го прочита ливчето докрај.
Му требаше на Груевски едно убаво соочување со реалноста. Концертот на Тоше како добар тренинг. Да знае дека кога се појавуваш некаде каде што луѓето плаќаат со свои пари и не ги носат со партиски автобуси, можеш да очекуваш некој и да не те сака.
Ако не сака да го прифати тоа, нека менува професија. Се рецитира на школска приредба, а не на стадион.
4 Државниот врв, конечно, се состави. И откај Бранко и откај Никола велат дека секој нов предлог на Нимиц е полош од претходниот.
Што очекуваа тие? Дека во Њујорк ќе пратат двајца преговарачи без став и предлогот ќе биде добар за Македонија? Што треба да им кажат и на Грците и на Нимиц? Ние ќе се караме меѓу себе, а вие бидете фер. Ве молиме, имајте разбирање за нашето неразбирање.
Добро е што Нимиц го дал и овој предлог. Република Северна Македонија е одлично решение во однос на она што можело да му падне на ум кога ги гледа Бранко и Никола. Бидејќи се караат најдолно што може, ќе ни го фукнел предлогот “Долна Македонија”. Со посебна точка со објаснување дека името не имплицира територијални претензии кон Пелопонез во “првата страна”, туку опис на духот на политичката култура на “втората страна”.
5 Македонија не смее да отстапи од двојната формула за решавање на спорот со Грција. Едно име на државата за Бранко, друго име за Никола. Не е важно што мисли Грција. Преговорите меѓу Бранко Никола ги засенија преговорите меѓу Атина и Скопје.
6 Штом на лидерската средба што ја закажа премиерот беше и Амди Бајрам, значи дека проблемот со името навистина е многу сериозно прашање. За другите не сум сигурен, ама Амди не би го продал името ни за две метра платно. Особено ако платното е од фабрика со уставно име “Македонка”. Заедно со Амди, стратегија за преговори за името правеа и Ѕинго, Борис Стојменов, Кенан Хасипи, Павле Трајанов, Лиле Поповска, Иван Стоиљковиќ, Евдија Пепиќ… Кој од кој поважни и повлијателни фигури на политичката сцена.
Многу сум разочаран оти меѓу нив не беше и Алија Шакиќ. Можеби баш конструктивноста на Алија ќе се надоврзеше на елоквентноста на Амди и со мудроста на Ѕинго ќе помогнеа Бранко и Никола да излезат со заеднички став. Да не ги праќаме Димитров и Протуѓер во Њујорк само по фармерки. Нека си купат и “ролекси” од улица. Да бидат фраери како Фрчко и Бранко.
7 Оваа недела беше многу бурна. И непријатна. Првин премиерот беше исвиркан и му се тресеше гласот. Потоа добивме нов предлог за името. Го признавме Косово. Србија многу се налути. И згора на сѐ, светската криза почна да се чувствува и кај нас.
Не може да се живее со толку проблеми одеднаш. Ќе мора Груевски да смисли некоја убава вест. Се виде дека од изјавите на Милошоски нема фајде. Мора да помогне Гордана Јанкуловска. Некое спектакуларно апсење убаво би ја релаксирало нацијата.