1. Претседателот на државата Киро Глигоров патува за Германија. Премиерот Љубчо Георгиевски не се ни враќа – од Америка заминува за Тајван. Ќе ги нема ни лидерите на коалиционите партии, Васил Тупурковски и Арбен Џафери. Башка, во придружба на претседателот и премиерот, ќе патуваат и неколку министри.
Кога човек потрезвено ќе размисли, можеби и не ни требаат дома. И онака целиот живот во државата се сведе на живот во камповите. Бидејќи раководството не го избиравме за кампери, излегува дека за нив нема работа. Па затоа и можат да заминат.
За секој случај, Саво Климовски се враќа од Бугарија. Со Саво ќе имаме голема сигурност. Тој ќе ни ја води државата. А, бидејќи државата ни се состои од кампови, Климовски ќе има задача да се грижи за нив. Саво ќе биде управник на камповите.
2. Покрај камповите, во Македонија сé уште не дочекавме да никнат кокошарници. Иако, според однесувањето, потсетуваме на чесни кокошки. Го знаете вицот за двете кокошки што бегале пред петелот, кога едната престанала да трча, а другата рекла: “Јас ќе истрчам уште еден круг, за да не помисли дека сум лесна кокошка”.
Гледате ли што му правиме на НАТО? Тие велат ќе ви испратиме уште војници, а ние им бараме писма. Па нешто се фемкаме, па трепкаме, па божем размислуваме. Дури и им одговараме на писмата. И на крај се согласуваме на нивното барање. Иако тие уште прв пат кога споменаа, знаеја дека ќе мора да им дадеме сé што бараат.
Тоа значи дека Македонија со НАТО се однесува како невина кокошка пред петел. Тие однапред знаат дека ќе им дадеме, ама нé чекаат да истрчаме уште еден круг. Многу се фини. Ни дозволуваат барем да се занесуваме дека не сме лесна кокошка.
3. Васил Тупурковски сигурно ќе се кандидира за претседател. Најдобар доказ за тоа е што Агенцијата за обнова и развој организираше некаква презентација на јапонска техника за претворање на маглата во дожд.
Минатата година Циле остави многу магла зад себе. Се приближуваат избори, па можно е да има уште многу магла. Затоа Циле бара систем за разбивање на маглата. Досегашната македонска технологија не дава резултати. Можеби јапонската ќе биде пософистицирана. Досега функционираше системот “ветер и магла”. Бидејќи Јапонците ќе нé научат како од маглата да правиме дожд, отсега ќе профункционира системот “ветер и дожд”.
Значи, повеќе нема да има магла. Односно, колку поголема магла ќе треба да се растури толку повеќе дождови ќе имаме. Со јапонската технологија, применета на македонските историски традиции маглата ќе се разбива со ветер и дожд. За да се разбие густа магла, ќе треба да имаме поројни дождови и силен ветер.
Значи, од Циле ќе ни зависи какво ќе ни биде времето. Ако претера, нé очекува луња. А луњата носи потоп.
4. На Македонската телевизија оди еден циклус емисии под наслов “Носталгија”. Гледачите се потсетуваат на стари емисии од разни жанрови, од музика, до документарци.
Зошто известувањето од конгресот на ВМРО-ДПМНЕ не беше ставено во циклусот “Носталгија”? Баш убаво ќе се вклопеше во програмската шема, бидејќи многу потсетуваше на конгресите на СКМ и СКЈ.
Се виде дека кај луѓето проработела носталгијата по конгресите на СКМ, ама, сепак, многу работи не беа исти како тогаш. На пример, зошто уште пред да се одржи конгресот на владејачката партија, конгресните документи не беа разработени по основните организации на ВМРО-ДПМНЕ. Каде беа репортерите на МТВ да направат анкети меѓу работниот народ, да им кажат луѓето какви спектакуларни резултати се очекуваат од конгресот. Каде се приказните за најстариот и најмладиот делегат. Зар така се сфаќа професијата новинар како општествено-политички работник? Зошто немаше портрети на делегатите, кој на колку конгреси учествувал, каде беа сториите за татко и син, брат и сестра и за слични роднини што дошле заеднички на конгресот.
Затоа, одговорниот уредник на Информативната програма Бане Димовски треба да се земе на партиска одговорност. Го фатила носталгија, ама не си ја сфатил сериозно историската одговорност. Кога веќе сакал сé да биде исто како од времето на комунистичките конгреси што се одбележуваа како празник, можеше да си ја заврши работата докрај. Барем нему му е лесно. Работел на такви конгреси, а и има документарци од тоа време. Можел да ги погледа и автентично да нé врати во минатото. Вака, џабе народот зборува дека не биле професионалци.
5. Интегрирањето се Европа ни оди многу добро. Колку повеќе се фалиме дека сме поблиску до Европа толку повеќе земји ни воведуваат визи. Еве, сега и Словенија воведува визи за македонски пасоши, што значи дека сме на добар пат. Врвот ќе го достигнеме кога и за Бугарија и Албанија ќе мораме да чекаме во ред за виза.
Изолацијата што светот ја прави кон Македонија не е комплетно успешна. Сепак, одвреме-навреме, по некој успева да излезе од земјата. Затоа, тие треба да смислат уште поригорозни мерки. Еве, нé наполнија со бегалци. Ни велат да си ги чуваме бегалците дома и преку летото. Така полесно ќе фатат болести. Ако припука сонце, како што знае да пука во Македонија, во камповите ќе се јават и заразни болести. Така, тие истите што нé убедуваат да ги чуваме бегалците поблиску до Косово, ќе имаат причина да ни воведат и здравствен карантин. Зошто би се занимавале со бирократски процедури? Нека нé одбележат сите како заразни и нека нé стават во тотален карантин.
6. Дали сега кога Милошевиќ потпиша капитулација пред НАТО, истите што пееја по мостовите и плоштадите, ќе продолжат да пеат во слава на “победата” и “миротворството” на големиот вожд. Или, ќе пеат на работните акции што ќе ги организираат за обнова на земјата која, ако Милошевиќ се свестеше порано, и не мораше да биде разурната. Или, ќе пеат, повторно за инает на Запад, кој прво го прогласи Милошевиќ за воен злосторник, а сега ќе преговара со него.