1. Одам да си ја земам колата, најнормално паркирана на тротоар сред центар. Кога гледам – некој полицаец ми пишал казна за погрешно паркирање. Збеснав. Бидејќи имам исклучително чувство за човекови права, се најдов многу загрозен. Лут и навреден појдов до првата полициска станица и им се заканив. Или ќе ми ја скинат пријавата, или ќе ги дигнам во воздух. Потоа си заминав, не обрнувајќи внимание дали можеби полицајците накриво ме погледнале. Не сакав повеќе да се нервирам. Тие ме пуштија да си одам без збор.
Е така изгледа било и во полициската станица во Слупчане. Се налутиле луѓето на полицајците оти упасиле некој нивен што подметнал мина на пат и загинале луѓе. Им рекле дека ако не ги ослободат ќе почнат со диверзии. И си заминале. Полицајците ништо не им направиле. Среќни што не ги соблекле до гаќи како пред некое време нивните колеги во Матејче, само му се јавиле на министерот дека некој ќе подметнува бомби.
И ете вчера – мина во полициската станица во Јегуновце. Се гледа дека тие од Слупчане се луѓе од збор.
И јас сум човек од збор. Затоа и случајот со моето погрешно паркирање и заканата дека ќе ја дигнам станицата во воздух очекувам да биде разгледан на средба меѓу Бранко и Али Ахмети. Ако треба да се формира и коалициона комисија што ќе го испита случајот. Комисијата да побара да нема иритирање од двете страни. Во случајот ќе се вклучат НАТО, ОБСЕ, американскиот амбасадор, претставникот на ЕУ и сите релевантни фактори во меѓународната заедница и пошироко. Затоа што еднаш засекогаш треба да се запамети: “Единствениот излез за Македонија е во почитувањето на рамковниот договор”.
И друг пат, да не сум видел ливче на шофершајбната, или не дај боже пајак да ме крене. Паркирањето е дозволено. А во случај на вадење таблички од колата, инцидентот ќе ескалира и ќе се радикализира со долготрајни несакани последици за безбедноста на регионот и неговата интеграција во Европската унија.
2. Градоначалникот на Липково бара помош од полицијата да го спаси населението од криминалните банди. Ако полицијата го послуша, криминалците веднаш ќе станат борци за човекови права. Затоа, нека не чепка кај што не и е работа.
3. Државата ја спасува црквата. Од едната страна Бранко и Хари, а од другата страна архиепископот Стефан и владиците Кирил и Тимотеј, со шефицата на Кабинетот Наташа. Комбинација: Ас, џандар, три попа и дама.
Тоа што таму беше Бранко е јасно. И згодната шефица наспроти поповите е во рамките на максимата: “Што е убаво и на Господ му е драго”. До неа беше и Сашо Чолаковски. Во адутите на МПЦ во борбата против СПЦ мора да има и џокер. Ама што бараше Хари Костов како министер за внатрешни работи да ја спасува црквата од српска окупација?
Сила бога не моли, ама кај нас Бог ја моли силата.
4. Од пред два дена ја следиме новата епизода од американската серија “Како Љубе стана Али”. Во вестерн филмовите лошите каубојци носат црни шапки. И Љубе Бошковски носи црна шапка, па како лош каубоец, го ставија на црната листа и го заменија за Али Ахмети. И ние Љубе за Али имаме.
За Љубе да не биде повеќе на црната листа, треба да оди во шума. Да се слика со книга на Интернет и да организира подметнување бомби по полициски станици. Потоа ќе стане борец за човекови права. Откако ќе ја остави пушката, ќе стане лидер на партија и така спонтано Американците ќе го симнат од црната листа.
А до тогаш и Бин Ладен можеби ќе го фатат, па и опасноста од Љубе ќе биде помала. Светот пак ќе стане пријатно место за живеење, а Македонија оаза на мирот во регионот.
5. Љубчо Георгиевски на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ доби златна плакета. Заблагодарувајќи се тој рече дека конечно партијата и нему нешто му дала.
Бидејќи партијата до сега не му давала, Љубчо мораше сам да си зема. Па на крајот од премиерскиот мандат изјави дека е богат колку еден просечен бизнисмен. Што значи дека работното место во владата си го сфатил како бизнис.
Во случајот со Љубчо има еден пазарен парадокс. Ако фирмата што ја водел била Македонија, значи дека слабо му одел бизнисот. Лоша фирма, а тој пари пак има.
6. Минатата недела во Белград беше обновено Југословенското драмско позориште. Веста ми привлече внимание затоа што целата инвестиција од 15 милиони евра била обезбедена од Собранието на градот Белград.
По три војни и бомбардирања, едно собрание на банкротиран град во осиромашена држава наоѓа толку пари да си обнови културен споменик и да ја сочува традицијата, а нашиов Пенов ни канделабри, клупи и улични часовници не може да постави без да побара пари од Пивара и Кометал.
Освен за плочките на “Урбан инвест”, Скопје пари за давање нема.