1. Дојде Американецот Брус Џексон и ни рече да се подготвуваме за Самитот на НАТО во Истанбул. Не добивме ветуање дека Македонија ќе биде примена во НАТО. Ама, ни кажа дека не сакаат.
Брус рече дека има разлика ако ти каже дека те сака, или ти дава понуда за брак. Тој рече: “Во Истанбул ќе има љубовна афера, ама нема да има и брак”. А секс ќе има ли?
Можеби затоа и американскиот амбасадор Лоренс Батлер, пред некој ден со свое апаратче ги сликаше кандидатите за НАТО. Може ќе им прави каталог пред Самитот во Истанбул.
Бучко и Илинка нека се спремаат. До каде се со акционата програма за приближување кон НАТО? Во Истанбул ќе бидат на проба, пред да им понудат брак. Дали си купија нова долна облека? Дали гаќите се доволно секси? Стандардите мора да се почитуваат.
Бучко и Илинка, немој да ја ирезилите нацијата. Не се срамете. Знаете што ве чека во Истанбул.
Блазе си ви.
2. Внимание! Маскирани интелектуалци делат памет по улици. Ги извлекуваат од кола луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што не се за Љубчо и им го дотеруваат паметот. После претседателот на партијата Никола Груевски ги посетува дотераните во болница и им порачува дека тие можат да издржат и полошо.
И Батлер се загрижи од напливот на старите интелектуалци. Тој го искарал Ден Дончев оти враќањето на Љубчо ќе било лошо за ВМРО-ДПМНЕ, ама и за Македонија. Најде кому да каже.
Батлер му помага на Љубчо да се врати. Толку време е тука и уште не е свесен дека за инает на Батлер, Македонците се во состојба да гласаат и за Љубчо.
3. Покрај сите грижи што ги има за Македонија, Батлер сега треба да ја оправа и ВМРО-ДПМНЕ. Малку ли му се државничките обврски, па сега мора да си нагрби и партиски.
Ако ви треба совет за судството – прашајте го Батлер. Ако треба совет за економија, кој друг, ако не – Батлер. Па и во авиосообраќај се разбира…
Ех да можат сите што имаат проблем да му се обратат на Батлер за совет – како Америка би биле. На пример, да му отвориме на американскиот амбасадор едно катче во весникот. Читателите ќе прашуваат, а Батлер ќе им одговара.
Па имаме: “Драги Батлер, имам проблем со девојката, како да се смирам, а да не и го загрозам правото на демократски избор? Или: “Жена ми секој ден ја загорува манџата. Дали стандардите на НАТО дозволуваат канцерогени материи од загорена манџа и дали да ја дадам на меѓународен суд за загрозување на здравјето?” Или: “Драги Батлер, жена ми не ми дава колку што сакам. Дали станува збор за влошени меѓучовечки односи, или според строгите критериуми за евроатлантска интеграција станува збор за болење глава? Дали да прејдам во офанзива или Проксима ќе апелира на воздржаност од обете страни?”
4. Ако веќе им помага на сите со совети, и јас би имал едно прашање до американскиот амбасадор.
На Скопскиот универзитет има политика на позитивна дискриминација за студентите – Албанци. На Тетовскиот универзитет има политика на негативна дискриминација за студентите – Македонци. И двата универзитети се државни и се финансираат со наши пари. Драги Батлер, како да побарам од државата да ги заштити човечките права на Македонците?
5. Вадете ги парите. Напаѓаат Турците, ама напаѓаат и Словенците. А и Грците добро се држат. Ќе се отвара уште еден трговски центар. Скопје не е центар на Западниот Балкан. Ама сигурно ќе биде шопинг центар.
Дали кога на некој од овие трговски центри што се најавуваат ќе му рикне бизнисот, ќе ја продаде земјата по истата цена како што му ја даде владата, или ќе наплати десеткратно?
Земјиштето за турскиот трговски центар на Рахми Коч беше продадено со непосреден договор. Затоа и газдата на словенечкиот “Меркатор” Зоран Јанкович отиде директно кај Бранко. Бизнисмен е човекот. Не сака да губи време.
6. Пенов се согласи со Бранко дека Гошев не е добар за министер за финансии, ама го препорача за гувернер.
Гошев стана гувернер за Пенов да не бара да биде доживотен градоначалник на Скопје. Ако Гошев е цената што Бранко мора да ја плати за да го откачи Пенов, мораме ли и сите ние да ја плаќаме? Зошто сто пати да плаќаме за бајата роба?