ДРЖ’ТЕ ГО КРАДЕЦОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:116:"Наместатанакоиедозволенокапењетоќебидатпоставенитабли

    1. Битката против “криминалот во сите форми, сивата економија и коруп­цијата”, што неделава со смена на шестмина високи функционери ја најави премиерот Бранко Црвенковски, во некои политички кругови беше прокоменти­ра­на дека заличува на познатата осма седница на ЦК СК на Србија, кога Мило­шевиќ со голема чистка го започна својот поход. Глупости! Кај нас не е сменет Стамболиќ.

    2. Кај нас за почеток се сменети шестмина раководители на клучни сектори во некои министерства и во владините служби поради тоа што “не работеле на потребното ниво и во согласност со појавите и проблемите со кои се соочуваме”. Така изгледа официјалното образложение за смената. Што, пак, тоа има врска со најавениот проект за борба против криминалот и корупцијата, не е јасно. Ако луѓето не работеле како што треба, односно “на потребното ниво”, тоа е една работа. Ако пак биле вмешани во некои матни води врзани со корупција, мито и криминал “од сите видови”, тогаш белким постојат и некои други инструменти освен нивното споменување  на прес-конференција на која се најавува решителна битка против криминалот во владините редови.
    По оваа бомбастична најава за чистка со носителите на организираниот криминал во државата, не ќе е лошо јавноста да се потсети на едно сменување на исто така висок функционер од Министерството за внатрешни работи, пред повеќе од една година. Потсекретарот за јавна безбедност во МВР Павле Трајанов тогаш одговорно тврдеше дека “организираниот криминал во Македонија зема сé поголем замав” и во едно интервју за “Нова Македонија” изјави дека “во организираниот криминал во нашата држава се вклучени и многубројни носители на власта, особено во министерствата на Владата на Македонија”. Дури тој и конкретно кажа дека митото и корупцијата ги има во Министерството за урбани­зам, во економскиот сектор на Министерството за надворешни работи, во Управа­та за приходи и министерствата за финансии и стопанство. Година дена потоа преми­­ерот соопштува дека ги разрешил токму директорот на Управата за јавни приходи и потсекретарите во министерствата за надворешни работи и за урбанизам.
    Камо сега рехабилитација за господинот Трајанов, од кого тогаш веднаш побрза да се огради неговиот министер Љубомир Фрчковски, барајќи од него “во разумен рок” да ги докаже своите наводи. Имаше и некакви кривични пријави, но дел од нив воопшто не ни стигнаа до  Обвинителството, а некои беа одбиени.
    Што ако сега медиумите, до кои премиерот апелираше да ѝ помогнат на Владата, според истата логика од пред година дена побараат од Бранко Црвенков­ски во разумен рок да ги докаже своите наводи за “неработењето на потребното ниво и во согласност со појавите и проблемите со кои се соочуваме” на шестмината сменети функцонери. Што ако тој во разумен рок сепак ги потврди своите наводи? Значи ли тоа дека ќе дојдат на ред и ресорните министерства? Значи ли тоа дека ако треба ќе се прави и реконструкција на Владата? Можно ли е кога сите ја знаеја финтата: “По 1500 пати ти реков дека таа дозвола не можеш да ја добиеш”, или, за поевтина услуга, “Илјада пати да ме молиш, тешко ќе ја средиме таа работа” и слично, тоа да не го знаеја ресорните министри, чиишто службеници сега се сменуваат со небулозни објаснувања?
    Да сме здрави и живи, па ќе видиме до каде ќе стигне проектот на Владата. Да не бидеме злобни уште на самиот почеток, иако почетокот требаше да биде многу одамна, ќе почекаме да видиме колку целата програма е сериозна или ќе остане на нивото на замачкување на очите на јавноста. Да не излезе на крајот дека на проектот можело да му се стави и работен наслов: “Држ’те го крадецот”. Како во познатата приказна.

    3. Тоа не би требало многу да нé секира, бидејќи ние сме сериозна правна држава. По донесувањето на законот за судовите, ние сме најправна држава по квадратен километар. Затоа што речиси секое гратче си доби свој суд.
    Пратениците овој пат се покажаа пред своите избирачи. Во новиот закон се земени предвид и фрустрираноста на валандовчани и традицијата уште од Римската империја на кратовчани и честа на демирхисарци…
    Само мојот пратеник дебело ме разочара. Зошто, на пример, не се избори и во мојата месна заедница да се отвори судско одделение? Нема смисла да се чувствуваме фрустрирани во однос на валандовчани. Сега не може ни да се карам со соседите. Не се исплати. Немаш во соседството суд и треба да одиш да се судиш којзнае каде. И после нема да бидеме фрустрирани…

    4. Што среќа ќе бевме, па да ни се роди толку жито.
    Беља работа! Кога го нема – не чини. Кога го има премногу – пак не чини. Како и да ја земеш работава, не ја бива. Министерот за земјоделие Иван Ангелов најавува план како да се ублажи оваа природна катастрофа. Ќе поскапи лебот и житото за три денари, за да може да се соберат пари за откуп.
    Ете ти класична пазарна економија. Ем го има претерано, ем ќе поскапи. Ако го немаше доволно, дали ќе поевтинеше!?

    5. По забраната за капење на неколку плажи на Охридското Езеро, Минис­терството за здравство деновиве донесе решение со кое се забранува капење и на реките Треска, Вардар, Лепенец и Пчиња.
    Се очекува да се постават табли. На местата на коишто капењето е дозволено.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира