1 Уште на почетокот на текстов, сакам да расчистиме со една работа. Многу се радувам на визното олеснување. Многу пишував против визите, многу се жалев на личната фрустрираност кога ги пополнував оние понижувачки формулари и кога ги фотокопирав сите можни документи. И не сакам со овој текст на ниту еден начин да го омаловажам овој датум на ослободување на македонските граѓани.
Но, денеска, кога ја славиме можноста конечно слободно да излеземе од земјата, сакам да потсетам дека ова е како повторно да славиме нешто што пред дваесет години веќе сме го имале. И повеќе од тоа.
Првите 148 патници што денеска симболично ќе го урнат Шенгенскиот ѕид, во Париз ќе слетаат со авион на турска компанија. По речиси дваесет години самостојна и независна Република Македонија, ние во Европа ќе се радуваме под турско, наместо под македонско знаме.
И во овој факт нема никаква симболика на некакво пусто турско. Ова е чиста ситуација и израз на состојбата во која сега се наоѓа Македонија. Додека политичките елити речиси дваесет години се расправаа што направиле олигарсите, тие уништија с што олигарсите не успеале да фатат.
Има една шеговита песничка која с уште си ја потпевнувам: “Иде возот од Кочани, вози деца помочани”. Возот од Кочани с уште иде два пати дневно до Скопје. Тоа е истиот воз од пред триесетина години, со истите вагони, и се движи по истите шини. Само што децата од песничката, во меѓувреме, станаа министри. Ако воопшто тогаш и биле родени.
Се сеќавам дека меѓу Скопје и Битола, покрај обичните возови, имаше и деловен воз. Одеше двапати дневно, ама бидејќи застануваше само во Велес и во Прилеп, се викаше “Пелагонија експрес”. Помеѓу двата најголеми града во Македонија се патуваше два и пол часа. Тоа беше пред триесет години. Пробајте сега со воз да стигнете од Скопје до Битола за помалку од пет часа. Ако воопшто тргне навреме.
Охридскиот аеродром никогаш не бил екстремно фреквентно воздушно пристаниште. Меѓутоа, од април до октомври секоја година на него слетуваа барем двапати неделно авиони од Амстердам и од Диселдорф, едно време имаше чартери од Лондон, а чатпат доаѓаше и авион од Манчестер. Покрај редовните линии за Белград, во летната сезона имаше редовна линија Охрид Дубровник и Охрид Љубљана. Тоа беше во средината на осумдесеттите години на минатиот век. На крајот од 2009 година, на Охридскиот аеродром кој сега се вика “Свети Апостол Павле”, слетува еден, а понекогаш и два авиона. Ама неделно.
Во 1991 година, кога почна војната во Југославија, една година беа прекинати телефонските врски со Словенија. Ама од Скопје редовно летаа 13 авиокомпании за европските центри. А сега до Сараево мораш да патуваш цел ден. И тоа со авион. Оти мора да леташ преку Виена.
Нема пруга до Тирана. Нема пруга до Софија. Нема редовна автобуска линија за Солун
Да не одиме подалеку од Скопје. Од Драчево до Ѓорче Петров не само што нема директна автобуска линија. Не само што мора да преседнеш во центар, туку имаш десет минути пеш од една до друга станица за да смениш автобус. И тоа обичен. Не двокатен.
Полесно ја убедивме ЕУ да ни ги укине визите отколку што можеме себеси да се убедиме дека треба да си изградиме цивилизиран сообраќај. И дома и со светот.
.
2 Визното олеснување за македонските граѓани најподготвена го дочека Словенија. Преку ноќ излегоа со атрактивни и евтини туристички понуди. Тоа значи дека уште додека се преговараше за визно олеснување, некој седнал, размислил, направил низа состаноци со приватните хотелиери, водел сметка за платежната моќ на овдешните граѓани и смислил туристичка кампања за привлекување гости од Македонија. А во моментите кога Словенија во ЕУ ја турна идејата визното олеснување наместо од 1 јануари, да важи од 19 декември, веќе им бил испечатен и пропагандниот материјал на македонски јазик.
Додека другите работат, ние плачеме. Охридските хотелиери се пожалија дека со укинувањето на визите, традиционалните домашни гости и гостите од Србија ќе им избегаат во Европа оти таму аранжманите се поевтини. Небаре укинувањето на визите ги изненади. Како да дојде преку ноќ и сега не знаат што да прават. Па прво штом им текна, рекоа дека ќе мора да ги покачат цените, за да не бидат во загуба. Супер се сетиле. Тие што ќе им одат на гости да платат и за тие што не им дошле.
Македонија полесно ќе влезе во Европска унија отколку самите охриѓани да се убедат дека можат да живеат од туризам. Ама охридските хотелиери барем имаат и за што да се жалат. Тие с уште ги имаат хотелите. Што да прават сиромашките хотелиери од Преспа? Уште ги чекаат португалските седум ѕвездички во Отешево. Исто како што на скијачките патеки на Пелистер чекаат да им го вратат ратракот, а на Попова Шапка да им ги заменат сајлите на жичниците.
А сите ние нетрпеливо го чекаме туристичкиот бран што ќе не заплисне по спотовите што цел свет ги виде на СиЕнЕн.
Сето тоа го имаше и функционираше во 1989 година. Среќна Нова 1990.
3 Вчера Скопје славеше со величествен концерт на плоштадот Македонија. Завчера, по системот на лотарија, беа извлечени 100 биометриски граѓани што денеска ќе ги шетаат коцките кои го инспирирале скопскиот градоначалник во Париз.
А ден пред тоа, неколкумина болни од леукемија плачеа пред камерите, молејќи ја државата да им ги покрие трошоците за лекување. Оти од педесетина болни, имало пари само за петнаесет души.
Како ги избираат кој ќе живее, а кој ќе умре? Ги извлекуваат на лотарија? Па и таа ја укинаа.