1. По изјавата на премиерот Љубчо Георгиевски дека “министрите премногу ги работат државните работи”, почнав да ги жалам претставниците на власта. Замислете, по 12 часа да се занимаваш со државничка, наместо со некоја попаметна работа. И згора на тоа, новинарите не ти го признаваат трудот. Сиромашките министри. Каде се видело државни функционери најмногу да работат државнички работи.
Министрите ни се преморени. Нека си земат одмор. Покрај нив, ќе одмориме и ние. Во таа смисла и му давам безрезервна поддршка на премиерот и целосно се согласувам со неговото откритие на суштинското прашање од каде доаѓаат шпекулациите во медиумите. Главниот проблем е што тие најмногу работат државни работи. Тоа е лошо за државата. За да не прават штети, најдобро е воопшто да нè работат.
2. Со последната изјава, откривме и како премиерот ја замислува демократијата. Тој вели дека во Македонија има многу демократија штом новинарите можат да пишуваат што сакаат и да не бидат одговорни. Исто како и министрите. Можат да прават што сакаат и да не бидат одговорни. Ова демократијата ти била многу неодговорна работа. Само што за неодговорно однесување секогаш се виновни новинарите, а не и министрите.
3. Дури и претседателот Борис почнал да се однесува демократски и да не биде одговорен пред партијата. Ќе им го враќа законот за “крајслерите” на пратениците. На Владата не ѝ требале толку луксузни возила.
Е, Доста, Доста, се каеш ли што на времето му даде збор на човекот, а сега тој ти враќа што не ти дава луксузни возила да увезеш?
Остави возилата, туку претседателот и за Тајван ќе размислувал. И коридор за бегалците од јужна Србија ќе организирал. А Љубчо вели дека лесно ќе сме се снашле со 20 – 25 илјади бегалци. Така ли, Борисе, му се враќа на Арбен Џафери за гласовите во западна Македонија?
Изгледа дека од многу државнички работи, другите имаат малку време да се среќаваат со претставниците на НАТО и на Европската унија, па мораат да одат на дополнителни објаснувања кај Џафери. Зар е можно претседателот Трајковски уште да не го сфатил значењето на Џафери, штом се дрзнал да го нервира со предлози за некакви коридори. Зар не гледа дека дури и Бугарите сфатиле дека Џафери ни е најважен во државава, па со него го расправаат и македонското прашање.
4. Не само министрите, туку и претседателот на државата мора да работи државнички работи. За подобра организација на работата, ќе се врши рекомпонирање на кабинетот. Наводно, дошол стручњак од САД и ќе го уредува кабинетот на претседателот Трајковски по урнекот на кабинетот на Клинтон.
Можеби ќе треба да се бара нова локација, надвор од Собранието на Македонија. Зашто, ако Трајковски сака кабинет како на Клинтон, ќе му треба и овална соба. Ако има овална соба, ќе се отвори и прашањето од која политичка партија на коалиционите партнери ќе се најде стажантка која ќе биде во позиција на Моника.
Сепак, мислам дека и во овој случај има тенденција кај новинарите да се претерува во приказните за кабинетот на претседателот на Македонија. Не верувам дека во кабинетот ќе работат 90 луѓе. Да не утнал Трајковски пак нешто со термините, па наместо “кабинет” да рекол “комбинат”. Сигурно термините му ги разбира шефот на кабинетот, зашто тој објаснува дека “бројот на вработените ќе зависел од обемот на работата на шефот на државата”. Не знаевме дека обемот на работа на шефот на државата е променлива категорија. Мислевме дека тоа е регулирано со Уставот, а не со натфрлање на нормите. Логично, ако станува збор за комбинат, може ќе има многу работа, па ќе треба да се работи и во смени, па и 90 луѓе ќе бидат малку.
Најубаво е кабинетот на Трајковски да се вика комбинат. “Кај работиш? – Во комбинатот на Борис Трајковски!” Во тој случај не треба да се грижи Министерството за финансии како ќе обезбеди плата за сите вработени. За комбинатите и за останатите мали и средни претпријатија е задолжен Циле. Борис само треба да побара кредит, а Владата да му го одобри. Има само еден мал проблем. Ќе мора да го прими и тајванскиот амбасадор.
5. Циле има извонреден начин како повторно да ги смири односите меѓу коалиционите партнери. Тој не е загрижен за тоа што премиерот за некои министри рече дека имаат магла во главите. Не за џабе Агенцијата за обнова и развој го форсираше проектот за растерување магла. Така и Циле, на неговите министри кои имаат магла, ќе им ја растера со јапонска метода. Од маглата се прави дожд. И потоа со дождот им ги мие мозоците.
6. Министерот за земјоделство Марјан Ѓорчев, во интервју за неделникот “Денес” открива дека нема ништо спорно што неговата партија основа профитабилни фирми. Тој вели дека не треба да се заборави на историскиот континуитет што партијата го презела од историската ВМРО. “Во нејзиниот развој од 106 години, во партијата секогаш имало активности со кои се здобивала со одредени објекти и други финансиски извори за егзистенција”, вели Ѓорчев.
Значи ВМРО-ДПМНЕ уште како деца ги бидувало за бизнис. Имаат тапии уште од турско. Комитите влегувале по куќи и го земале данокот на револуцијата за своја егзистенција. “Дај сестро, испечи едно јагне, револуцијата мора да тече”. А да не зборуваме за Отоманската банка и за бродот “Гвадалкивир” кои се во втората фаза на планираното профитно работење.
Зошто тогаш нè чуди што првиот даночник во државата Сашо Станинов ја глоби Комерцијална банка. И тоа е во духот на историскиот континуитет на ВМРО за обезбедување финансиски извори за егзистенција. Домаќински и одговорно.
7. Американците ќе ни направат беља што ја одредија Комерцијална банка преку неа да одат плаќањата на американските војници во Македонија. Што ако Станинов им ги земе парите. Ќе останат Американците на наш грб.