1 Ми треба ветување од Бучко. Ај може денеска и мене нешто ќе ми вети.
Кај стигне дели ветувања. На стечајците, ама само на тие што се сиромашни, им вети по 4.000 денари. На пензионерите им вети зголемување на пензиите за 10 отсто. На постарите од 65 години им вети бесплатни лекови. На Љубе Бошковски му вети пари за адвокат. На Хрватите им вети место во уставот. На странски инвеститори им вети евтини плацови. На Елена и вети фустан за Евровизија. На фубалерите им вети дека ќе им донесе млад фудбалер од странство. Дури и на Љубчо му вети дека ќе му помогне да го донесат укинувањето на злоупотребата на службената должност.
Лесно му е на Бучко да ветува кога си го има Никола Поповски. Знае дека тој нема ништо да даде.
2 Си оди Бучко во некое село, во рамките на редовните државнички активности, воопшто не размислува за кампања бидејќи тоа му е забрането, и помеѓу два шута на кош и пресоблекување од фармерки во костум, а потоа во тренерки ги прашува селаните:
Ти што сакаш? Јас сакам два декара земја. – Ќе добиеш!
Ти што сакаш? Јас сакам трактор за да ја орам нивата. – Ќе добиеш!
Ти што сакаш? Да ми дадеш пари за краставиците. – Ќе добиеш!
Ти што сакаш? Пари за тутунот и грозјето. – Ќе добиеш.
Ти што сакаш? Јас сакам две јајца.
Бучко се зачудил, го промашил кошот и го прашал селанецот: Зошто само две јајца?
За да можам да го комплетирам тоа што ќе го добијат другите.
3 Кампањата уште не е почната. ЕУ и САД бараат фер и демократски избори. Сакаат да ги знаат предизборните трошоци и кој ги плаќа. Партиите уште немаат отворено сметки, а наголемо трошат за избори. Бучко се правда дека шета по селата и градовите и ветува во рамки на државничките активности. А Груевски вели дека сите прошетки и презентацијата на програмата му се редовна партиска активност.
Овие од ВМРО-ДПМНЕ значи редовно, кога ќе пукне пролет си ги префарбуваат комбињата. Годинава решиле да им бидат портокалови. Фарбам коли за да фарбам народ.
4 Емил Илиќ и група спортисти од Скопје вчера тргнаа со трчање кон Брисел. Целта им е да поминат 14 држави и 11.000 километри за да придонесат за приемот на Македонија во ЕУ и во НАТО. Ќе го комобинираат пешачкиот, пливачкиот и велосипедскиот маратон.
Мисијата на Европската унија во Скопје ја поздрави иницијативата на скопските спортисти. Тие соопштија дека “целта на пешачењето е стремеж да се нагласи важноста на спортот во процесот на евроинтеграциите, како и преку спортот да се зацврсти пораката на пријателство и духот на надеж помеѓу сите народи во Европа”.
Од сега Македонија ја менува тактиката за влез во Европа. Воведуваме спортски пристап кон Европа. Нема да чекаме пред амбасадите. Нема да играме ни оро. Ќе одиме пеш. И после ќе се затрчаме. А ако ни дадат грчка виза може и ќе запливаме.
5 Во скопски Чаир се одржа протестен собир на граѓаните. Таму невино загинаа три деца застрелани во бандитска претсрелка во интернет кафе, па луѓето излегоа да протестираат под мотото “Кажи му ‘Не’ на оружјето”
Кој во Македонија му викаше “Да” на оружјето? По војната во 2001 година беа организирани две акции за собирање на оружјето. Кој на собирните пунктови носеше музејски експонати и им се потсмеваше на акциите?
Ги гледав на телевизија огорчените граѓани. Лути и се на полицијата. Прашуваат: Каде е да не заштити?
Велеа дека полицијата им ги плаши децата. Бараа да не патролира по нивните маала. Не сакаа полициски станици во нивна близина. И кога полицајците одеа да патролираат мораа да одат во придружба на ОБСЕ и Проксима.
Жалосно е што требаше деца да загинат за да сфатат дека животот им зависи од бандити. Нека и се лутат на полицијата. Ама треба да си се лутат и на себе. Оти молчешкум го трпеа теророт.