Дворски шутови

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:64:"СкопјеиКабул-збратимениградови

    1. Ни го сменија Уставот. Сега уште нив да ги смениме.
    Е тоа ќе оди малку потешко. Да гледаме тие нас да не нè сменат.

    2. ОНА успеа да го смени Уставот. Сврши работа. Да видиме сега дали и АНА е за промени.
    Пустата АНА. Иако има само 14 “комуникатиња”, никој не сака да чуе за неа. Амбасадорот на НАТО Клаус Волер, не ја знае. Како и би ја познавал. Нели ги разоружаа.
    Е, па драга моја АНА, тешка е борбата за човекови права. И ОНА, како тебе, никој не ја знаеше. Џабе пишуваа комуникатиња. Додека не станаа бандити по планините, сите се правеа дека не ги гледаат. А сега, гледај до каде ја дотераа работата. Не само што Али Ахмети во костум шета, со државно “ауди”, туку во Шипковица на поклонение ги збира и Џафери и Имери и Хаџиреџа. Не само што му се поклонуваат туку и ги кара.

    3. Што се мачеше Стојан Андов среде ноќ да му го одзема мандатот на Хисни Шаќири. Требаше да се остави човекот малку да се порадува на уставните измени. Вака, излегува дека за џабе се бореше по планините. Добро е што НАТО го разоружа. Инаку, како непоколеблив борец за човекови права, веднаш ќе одеше кај АНА.
    Сепак, Шаќири не треба да се грижи. Ако сака да се врати во парламентарните клупи, нека ги почека изборите. Сега претседателот ќе го амнестира и него. Бидејќи нема никој да го гони, Шаќири може пак да се кандидира за пратеник.

    4. Нема ништо спорно во тоа што полицијата сака да влезе во окупираните територии. Ама, брат Љубе сака да биде транспарентен. За да не му забележат дека прави нешто скришно, тој сите свои акции ги најавува. Затоа и ги повика новинарите на излезот од Ѓорче Петров да ги сликаат “лавовите” и “тигрите”. Од каде да знае дека и терористите гледаат Македонска телевизија. Само беа изненадени, не можеа да реагираат навреме. Да им кажеше Љубе малку порано, немаше да убијат тројца полицајци дури во Требош. Уште кај Групчин ќе ја поставеа заседата.
    После секоја парада на Љубе на телевизија, во Македонија гинат луѓе. Исто беше и со снимките на убиените терористи во скопска Гази Баба. Тамам МВР се пофали преку државната телевизија дека отепала терористи на спиење, тие ни отепаа прво десет, па осум војници.
    Љубе војнава си ја сфати како видеоигра. Кога ќе те убијат, имаш уште пет животи. И на крај собираш поени.
    Сето тоа интересно изгледа на екран. Ама што правиме, кога по два дена мораме да гледаме слики на погреби?
    И после што се случи? “Лавовите” и “тигрите” се повлекоа. На нивно место дојдоа – “лисиците”. Сега амбасадорот Клаус Волер има уште едно воено искуство. Влегување на НАТО во окупирани села “на македонски начин”. Кај го има тоа, тигри и лавови да ѝ отстапат место на лисицата. Само кај нас. Ама, не било во силата. Во итроштината било.

    5. Бидејќи Љубе е лут, реши да протестира. Министерот за внатрешни работи напиша протестно писмо против претседателот на државата.
    Бидејќи Љубе многу е лут, пиша уште едно писмо. Против Илија Филиповски, кој е вицепремиер. А Илија им пиша писма на премиерот Георгиевски и на претседателот Трајковски. Георгиевски, пак, не напиша писмо, туку го испрати владиниот портпарол Трендафилов да го озборува Филиповски.
    Ако Љубе ептен многу се налути, тогаш може да му текне сите да ги поапси. Ама, нека не го најавува апсењето на телевизија. Нема да му успее.
    Борис се жали дека на неговите состаноци се собирале малограѓани и потоа озборувале по медиумите. Како портарки одат од новинар на новинар и раскажуваат кој што кажал на селската чешма кај Борис.
    Андов не се жали никому. Тој дава интервјуа за странски весници и ги озборува сите по ред, а тој се фали дека се жртвува за да ја спаси татковината. Бучко го озборува Љубе, Љубе го озборува Бучко. Филиповски не сфативме што сака да каже. Кога зборува, мислиш дека има реферат на некој историски конгрес на ЦК СКМ.
    Тоа се вика функционирање на власта “на македонски начин”. Интриги и сплетки. Дворски игри. Во нормални држави царот има само еден шут. Ама ние цар си немаме. Затоа имаме шутови колку сакаш.
    Кај нас сè уште нема луди крави. Има здрави говеда.

    6. И на крај, дури и премиерот, преку својот кабинет, се пожали дека ВЕСТ пишувал невистини кога пред некој ден објавил текст со наслов “Љубчо му бегал на Борис”. И уште нè обвини дека измислуваме приказни “во овие тешки моменти за земјата кога треба да сме единствени”.
    Нашол кој да каже како да се однесуваме “во овие тешки моменти за земјата кога треба да сме единствени”. Единствени како нашата влада.
    Јас сум длабоко убеден дека ние не можеме да ги исправиме глупостите на власта, ако ги објавуваме. Ама, ќе ги следиме и натаму, зашто, за жал, нашите животи зависат од нивните глупости.

    7. Предлагам Скопје да се збратими со Кабул. Имаме нешто заедничко. И Скопје и Кабул се ослободени на 13 ноември. А и нас нè бричат на суво.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира