ЕДНОПАРТИСКИ ПЛУРАЛИЗАМ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:56:"ЗасèекривмачоротодВолково

    1. Цело време се чудам како изгледа да потпишеш лојалност. Дали има некаков формулар, дали самиот си го пишуваш текстот, дали ти го пишуваат, а ти само потпишуваш, дали прво гледаш во цветилка или во вентилатор едно половина час… Дали е исто како во партизанските филмови или во мемоарите од комунистичкото време.
    Пред неколку дена ми стана појасно, откако го видов новиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Игор Гиевски, кој триумфално ни соопшти дека седуммина градоначалници на ДА преминале во ВМРО-ДПМНЕ. И тамам си ја склопив фразата “лојален како алтернативец – секогаш има алтернатива”, надежниот но, сепак, сè уште неискусен портпарол се испушти дека “само еден, од Пробиштип, сè уште издржува и опстојува да си остане во ДА”. Сиромашкиот. Се ставил на тешки маки да го издржи мандатот за партијата за која го избрале граѓаните.
    Во преодниот период на лојалните им се дава можност да соработуваат со партијата. Тоа им доаѓа нешто како покајание. Ако се покајат, Љубчо ќе им прости. Само што пред тоа ВМРО-ДПМНЕ ги става на искушение. Лојалноста се испитува по партиските ќелии. За поведението се одговара пред партиските органи. За казната одлучува судот на партијата. Нема простор за повторна грешка. Пред ќелиите чекаат уште многу кои сакаат да се покајат.
    Баш ме интересира кому одговараат лојалните. На граѓаните што ги избрале? Или на ВМРО-ДПМНЕ? Да сакале граѓаните да си имаат лојален градоначалник, ќе си го избрале кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Ама граѓаните немале смисла за лојалност. Што не значи дека нема и да ја добијат. Како што би рекол младиот портпарол, сега засега луѓето цврсто опстојуваат на определбата. Да преживеат.

    2. И пратениците на СДСМ, за да не останат покусо од нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ, си слушаат што ќе им каже партијата. Па ако им рече дека не треба да одат на седници на Собранието, тие не одат. Затоа што тие се лојални кон партијата што ги предложила, а не кон граѓаните што ги избрале.
    Ако неодењето на седници на Собранието им е за забава за да го нервираат Андов, добар им е штосот, ама не пали повеќе пати. Ако сакаат да докажат дека Владата нема мнозинство, малку се зезнале. Владата си доби мнозинство кога се гласаше. Ако не им се оди на седници, уште подобро за Владата. Ниту некој ќе ја критикува ниту, пак, ќе ги нервираат. Ако не помине некој важен закон – Љубчо пак има алиби пред странците – виновен е СДСМ.
    Бранко пред неколку години викаше “ем ВМРО-вчиња, ем мангупчиња”. Мангупчето, ако се изнервира, може да купи уште некој пратеник. Ама, тоа што Бранко пак е зезнат од Љубчо, тоа е веќе негов личен проблем. Само, зошто тоа да биде проблем и на граѓаните што гласаа за СДСМ, ако изнервираниот лидер им вели на нивните пратеници да не одат на седници.
    Ако некогаш се успее да се донесе нов деловник за работа на Собранието, во него задолжително да се стави дека мнозинството пратеници мора да бидат од СДСМ. За да може парламентот да работи. Ако СДСМ не е на власт, не мора да има ни парламент.

    3. Сиромашкиот Бранко. Го искритикуваа дека е антиреформски, анти-НАТО, антиалбански, антиевропски… Анте се врати во Скопје, а Бранко правец – Белград.
    Доста отиде во ФБИ. Да им ги фати трагите.

    4. Ај, белки ќе има некогаш избори. Народот, навистина, има кратко паметење, ама не е будала. Особено што веќе е извежбан. И едните и другите ни прават исти финти.
    Полека, но сигурно, додека се занимаваме со броење на парламентарното мнозинство и вардиме кој ќе влезе, а кој ќе излезе од собраниската сала, во Македонија се создава нов политички феномен. Еднопартиски плурализам. Има разногласие. Една партија, а повеќе гласови.

    5. Министерот за здравство Драган Даниловски не знаел што потпишува. Му влегувале советничките во канцеларија и му подметнувале хартии. А тој се потпишувал на сè што ќе му донеселе. Како да делел автограми. На крај од работниот ден ќе здивнел и ќе прашал: “Колку автограми денеска поделив?” И советничките ќе му кажеле. А тој, среќен, ќе одговорел: “Супер, колку ме сакаат”.
    Ама, реалноста е сурова. Не било до популарноста. До фармацевтска мафија било.
    Министерот не ги сменил луѓето блиски до директорот на Фондот за здравство Војо Михајловски. Затоа што тие не се советнички. Тие имаат повисоки функции. На советничките им било работа само да му ги донесат документите на Даниловски за автограм. А другите ги подготвувале документите.
    А којзнае, пак, можеби министерот мислел дека наместо автограми, потпишувал лојалност кон партијата. Не разбрал дека потписи се собираат само од алтернативците. Си рекол, ај овој Михајловски е секретар на партијата, овие околу мене можеби се со него, дај јас да си се потпишам на сè што ми даваат. И така се потпишал стотина пати. За секој случај.

    6. На општото лудило во државава уште беснило ни фалеше. Ама, не се криви советничките. За сè е крив мачорот од Волково.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира