Ееее… Џорџ

Какви ребра има на Плетвар, такви мекици на Стража никогаш немало

    Ееее… Џорџ

    1. Љубчо многу се засили. Побара екстрадиција на Хебиби и ќе го смени министерот за правда Мемети.
    Само доцна му текна. Полицијата го имаше Хебиби. Љубчо ја имаше полицијата. Германците не мораше да го  фаќаат нашиот бомбаш од Теарце. зошто ние си го имавме фатено. Башка, на Љубчо му беа тука и Доста и Љубе. Кога го фатија со оружје, можеа да го пријават. А Џиков можеше да го однесе на суд. Можеа, ама нејќеа.
    Ако Љубчо сега може да бара екстрадиција на Хебиби, значи дека можел да бара екстрадиција и на Фазли Велиу и Џавид Асани. Можел дури и да го смени тогашниот министер за правда Џевдет Насуфи.
    Ама, тогаш Насуфи се снашол и ги скрил работите. За награда што бил махер, тој е унапреден. Од министер стана потпретседател на Влада. Освен тоа, како што објасни портпаролот Милошоски, во случајот со Велиу и Асани, работата била политичка. Ако го донесеа Асани во Скопје по барање на Љубчо, кој сега ќе му принесуваше баклави на НАТО во Шипковица. И кој ќе се правеше амбасадор на ОНА во Швајцарија, ако Велиу го ставевме во Идризово.
    Сега Љубчо може да го смени Мемети. Зашто тој не крие што прави како Насуфи. Апла, јавно си кажуваше дека нема намера да побара екстрадиција на Хебиби. Не е вешт и нема да добие унапредување.
    Затоа и Љубчо прави разлика меѓу Насуфи и Мемети. Ние во заблуда си мислиме биле исти. Е – не биле. ВМРО-ДПМНЕ има шема со ДПА. Така што правната држава важи само кога има политички договор со Џафери.

    2. За Љубе Бошкоски може да се каже дека е доследен по прашање на поетскиот израз. Додека лешочани го молеа со недели да дојде да ги заштити од терористите, Љубе вдахновено поетски рецитираше за ни едната педа од македонската земја што нема да остане неодбранета.
    Кога терористите не само што го исчистија  Лешок од Македонци туку и го дигнаа во воздух светилиштето на македонската култура во Лешочкиот манастир, Љубе пак се огласи со рецитација. Во соопштението на МВР беше насобран во едно целиот поетски занес на министерот. “Струшките вечери на поезијата” в година нека не се мачат да бараат нобеловци за венценосец. Нека го овенчаат Љубе и да завршиме со тоа еднаш.
    Исто така, доследна се покажа и МАНУ. Чекаше три дена како сите ќе реагираат за уривањето на споменикот, за да се огласат конечно и академиците. Со осуда – се разбира. Да не згрешат случајно.

    3. Ееее… Џорџ.
    Снимаме семејни веселби, свадби, крштавки, сунети, родендени и телефонски разговори… Особено – историски. Кога генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон, точно три минути по пладне, му телефонира на нашиот Борис, тогаш тој историски чин мора да се забележи на камера. Да се види како шефот на државата не е кој било. Ееее… Џорџ му се јавува.
    За момент нацијата беше во дилема. Дали Џорџ Буш се јавува или Робертсон трупи праќа. Ама Буш во тоа време спие. Исто како и Кофи Анан. Ееее… Кофи, додека ти спиеш, Британците веќе во авион се качија, а грчкиот поп сета света вода ја истроши, прскајќи ги војниците за среќен пат во “Горна Македонија”.
    Каква Горна, подолна од оваа којзнае дали ќе дочекаме. Ееее… Борис…

    4. Се сеќавате кога Љубчо велеше дека конгресот на ВМРО-ДПМНЕ ќе го држи во Солун. Не Солун, и Крит е наш. Ееее Љубчо… Од Черното Море, кога бркаше Бугарки по Златните Пјасци, до Крит да се стаса, скапо чини. Што подалеку Љубчо оди толку помала Македонија станува.
    Фино си одеше во Бугарија. Што му требаше да го научат и на Грција. Тој Циле е крив што го однесе во Порто Карас да ни прават промени. Ептен ни го сменија животот.
    Кога се врати од одморот во Порто Карас, ја продаде рафинеријата. Лани беше на Крф, па кога си дојде го продаде Телеком. Сега по Крит, којзнае што ќе продаде. Море да не тргне по патеките на Александар Македонски. Замисли до Индија да оди, а ние веќе нема да имаме што да продаваме.
    Блазе си му на Љубчо. Цел свет е негов. Ама ние половина Македонија ја изгубивме.

    5. Ееее… Македонецот е горд. Научен е да трпи. И снаодлив. Голема работа што сега до Охрид мора да се патува преку Битола, наместо преку Кичево. И таму планини, и таму планини. Ваму Плетвар, таму Стража. И многу важно што ќе попатуваме некој саат повеќе. Времето и онака работи за нас.
    Се сеќавате кога последен пат сте одморале на Плетвар, на патот за Охрид? Само повозрасните паметат кога до Охрид се патуваше по пет часа. Треба и помладите да го доживеат тоа чувство.
    Башка, какви ребра има на Плетвар, такви мекици на Стража никогаш немало.
    А и ОБСЕ не мора да ти гарантира безбедност. Значи и Џиков може слободно да помине.

    6. Крајно несериозно е да се тврди дека колата со која  Али Ахмети се прошета во Шипковица била украдена. Зар да ги резили пријателите под чии знамиња се сликаше? Ставил американско знаме и знаме на ЕУ, а ваму до едно “ауди” му дошло. Не му личи на еден борец за човекови права да биде избирлив со колите. Ќе вози што ќе му дадат.
    Ахмети – крадец!? Тоа е навреда за него. Човекот е терорист, не е арамија. Уште не влегол во Влада.

    7. Министерката Илинка Митрева ни рече дека бугарската политика го сменила стилот.
    Два дена пред нејзината посета на Софија, тамошните весници прашуваа: “Ќе остане ли нешто и за нас од Македонија?”
    Ден по нејзиното заминување од Софија, пак изразија загриженост за уривањето на бугарските цркви во Македонија.
    Бугарија го сменила стилот. Ама не и фазонот.

    8. Тешко на Бранко. Ич нека не се мачи да победува на изборите. Ќе треба да коалицира со Ахмети.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира