1. Грците се на наша страна. Внимателно ги следат нашите барања за предвремени избори и конечно им текна како да ни помогнат. Како услов за признавање бараат да распишеме избори во кои покрај Албанците, кои и онака учествуваа на минатите избори, сега да се појават и тие и Србите.
Така, граѓаните на Македонија пред да влезат во Европа ќе имаат таква чест, својата патриотска должност да ја остварат гласајќи за кандидатите на Српската радикална странка, Социјалистичката партија на Србија, ПАСОК и Нова демократија. Сите останати партии кои во своето име го содржат и зборот Македонија се забранети.
2. Подготвувајќи се за активност во длабока илегала, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде најзабранета (зборот “македонски” го употребува два пати во своето име), раководството на оваа партија отпатува за Бугарија. Од извори блиски на партијата се дознава дека патувањето во Софија не е само за да се изрази благодарност за признавањето, туку и да се манифестира неизмерна радост пред камерите на бугарската телевизија затоа што армијата си оди. Се работи за монструозен план, зготвен на релацијата Скопје – Софија – Анкара, со цел да се подготви терен за шопинг на потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Доста Димовска по продавниците за ќебиња и завеси на Игнација во Солун.
Така ти е тоа кога “внатрешна” организација се занимава со надворешна политика. Уште кога во своето име ја има и додавката “револуционерна”- тогаш мора да станува збор за вистинска тајна дипломатија. Сé е во духот на традициите на Тајната македоно-одринска револуционерна организација од 1893 во Солун. Тајниот план предвидува легално преминување на границата од страна на “граѓанката од скопско потекло” госпоѓицата Доста Димовска, која божем решила да си прави мираз, па тргнала на шопинг-тура по Балканот. Со себе си води два верни придружника: Љупчо Георгиевски и Драги Арсов. Тие божем се задолжени да ѝ ги носат купените работи: постелнината од Софија, ќебињата и завесите од Солун и кожата од Истанбул, а всушност нивната тајна мисија се состои во агитација и предизборен маркетинг за кандидатурата на Доста Димовска за илегален градоначалник на Солун.
3. Вистински погодок ќе биде ако, наспроти митингот што го организираа Грците во Солун под мотото: “Македонија во нашето срце”, ние си организираме митинг во Скопје со мото: “Ефхаристо Елада!” Ќе биде тоа наша најсрдечна благодарност кон загрижениот јужен сосед, зашто ако тие не беа толку параноични и не ја забавуваа Европа со смешки од типот “бараме Македонија да си го смени името”, Европа ниту ќе знаеше за нас, а уште помалку ќе размислуваше да ни признае независност.
Грција не само што активно работеше на признавањето на Македонија и на афирмацијата на македонската надворешна политика, туку ја фрли Европа во очај, затоа што цело време ѝ се претставуваше како мајка на демократијата. Сиромашките Европејци си велат, ако навистина Грција е мајка на демократијата, тогаш подобро да побараат некој да ги посвои. Или пак да се откажат од недозреаната мајка и сите нејзини долгови направени во нивно име да не ѝ ги признаваат.
4. Црногорците пак упорно не се откажуваат од услугите на Бранко Костиќ кој сега им нуди јака српско-црногорска држава. Минатата недела ги убедувал на една трибина во Иванград дека “давајќи го својот глас за заедничка држава, ќе се определат за сигурност, мир, слога, за најсилна држава на Балканот, подготвена да одговори на секој кој би посегнал по нејзината територија”.
Со по еден тенк во секое семејство, кога жителите на “најсилната држава на Балканот” ќе тргнат на годишни одмори, определени за мир, сигурност и слога, тешко на тој што ќе може да им застане на патот. Па радосни дека им пораснал стандардот, затоа што наместо оклопни возила возат тенкови, ќе застануваат да одмораат на паркинзите крај патиштата и ќе пеат: “Ко то каже, ко то лаже, Србија је мала, није мала, није мала јер је у њу цела ЈНА стала…”
5. Така распеани ќе им прават илје на митингашите од Куманово и Гостивар, кои толку многу сакаат да се возат со тенкчиња по “суверена Македонија во Југославија”. Со солзи во очите ќе ги поздравуваат воените туристички конвои и длабоко, длабоко во душата ќе мечтаат за некоја најнова Југославија, која ако човек добро размисли за нив и не е толку неостварлива. Најважно е дека најдоа заеднички јазик со партиите на албанската националност. И едните и другите се против суверена Македонија. Им недостига само Милошевиќ. Да ги усреќи за цел живот.
6. Ние усреќувањето ќе го чекаме од Европа. Пустото признавање толку нé избезуми што во очекување на вестите од некоја европска метропола заборавивме дека треба да ѝ спискаме на Владата затоа што сé полошо живееме.
Дај веќе еднаш нека нé признаат. Белким тогаш и министрите ќе почнат да ги посетуваат самопослугите и да се чудат колку малку стока има, а колку скапо се продава. А можеби ќе имаат и повеќе време за да застанат во редиците пред бензиските пумпи.
Бадијала се радував дека се откачивме од Бранко Костиќ. Што ни вреди тоа кога и нашиве ни го нудат неговиот специјалитет. Корења.