1 Зошто премиерот на Косово, Хашим Тачи, дојде во Скопје да ја слави 100 годишнината на албанската држава? За да може да му се поклони на знамето на Албанија. Затоа што веењето на знамето на Албанија беше забрането во Косово. Еулекс интервенираше оти, според закон, забрането е официјално веење знамиња на туѓи држави.
Не ме чуди што веењето знаме на туѓа држава е забрането со закон. Ме чуди тоа што таа забрана во Косово се почитува. А во Македонија не. И во Македонија има закон. Ама Албанците се изборија за нив да не важи.
2 Немам никаков проблем да се слави и знаме, и име, и државност, и личности… Па и денот на првата ерекција и денот на првата пенетрација… Ова е слободна земја. Секој може да слави што си сака. Само имам проблем со тоа како се слави. Кога се слави со калашников, со воинствено однесување и агресивни изјави за обединување на сите Албанци во една држава, прославата не ја сфаќам како празник, туку како заканување.
И што треба сега сите ние да правиме? Да им се извиниме што ни пречи нивната агресија?
3 Бидејќи верските лидери ги решија небесните проблеми, како вистински духовни лица се фатија за политика. Поглаварот на МПЦ ОА, г.г. Стефан, ја коментираше прославата на албанското знаме и повика на “поголема будност, но и за сериозни испитувања”. Па праша: “Како да се разбере палењето знаме на некоја институција или држава, претепувањето невини граѓани во автобуси и на улица?” И поентираше со мудриот заклучок дека “и посетата на премиерот беше искористена да го гаѓаат со јајца или шишиња”.
Жити Господ, попе, не нe брани. Оти ене го од другата страна реисот што има да изјави по тоа небесно прашање. Реисот Сулејман Реџепи рече: “Обединувањето на албанските земји е божја волја” и мудро заклучи дека “Албанија ќе има единствена граница таа што ја создал бог”.
Леле, леле… По вакви длабокомислени изјави на духовници се плашам дека нам, на божјите чеда, рајските порти ќе ни се отворат предвреме. И без тропање. Може ќе има некое пукање од калашников, ама да не го спуштаме во овој миг нивото на духовноста.
4 Прекуноќ на клучката на Битпазар во Скопје никна метална скулптура на двоглав орел. Сигурно стигнал од Фиренца. Од леарницата каде што се лееше споменикот на Воинот на коњ. Останал вишок материјал. Може од мадињата на Букефал се роди двоглав орел.
5 Министерот за здравство Никола Тодоров прво со судска пресуда им го забрани штрајкот на лекарите. Потоа одбиваше да признае дека лекарите штрајкуваат. Дури и јавниот сервис МРТВ не информираше за штрајкот. Потоа премиерот, на јавна седница на Владата, рече дека работите ќе си легнат и лекарите со време ќе сфатат дека грешат. А вчера министерот Тодоров, конечно, виде дека, сепак, штрајк има и се закани дека од понеделник ќе преземе законски санкции.
Ова веќе губи смисла. И веќе не станува збор само за штрајкот на лекарите. Овде станува збор за ароганција на власта со која се укинуваат цивилизациски придобивки. Нели, кога веќе еднаш правото на штрајк сме го ставиле во Уставот, сме прифатиле дека сме цивилизирана земја?
И сега, 21 година по донесувањето на Уставот на независна и демократска Република Македонија, проблемот на нефункционалното јавно здравство сакаат да го решат со истата ароганција со која ги сменија фасадите во центарот на Скопје, не почитувајќи го правото на меморија, историја и културно богатство. Оти и фасадите што не им се допаѓаат се цивилизациска придобивка. Исто како што е и правото на штрајк.
Можеби, по извесно време нема ни да се сеќаваме дека некои доктори некогаш штрајкувале. Ама ќе се сеќаваме дека оваа власт арогантно се обиде да укине цивилизациска придобивка. Работите ќе си легнат, како што би рекол премиерот. И сите ние ќе си легнеме. Кој на брашното, кој на болнички кревет, кој на избори.
6 Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, го прогласи поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Владо Бучковски, дека е маша во рацете на Никола Груевски. Во СДСМ и Димитар Бузлевски го обвинуваат дека работи за ВМРО-ДПМНЕ. Сите што не размислуваат како Бранко и го критикуваат веднаш ги обвинуваат дека се платеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои работат на штета на опозицијата. Каде е Никола Поповски, поранешен генерален секретар на СДСМ? Каде е Ѓорѓи Спасов, исто така поранешен генерален секретар на СДСМ? Каде е Благој Ханџиски, кој важеше за учител на Бранко?
Ако поранешен лидер и двајца генерални секретари на СДСМ се платеници на ВМРО-ДПМНЕ и работат за Груевски, тогаш за кого работи Бранко?
7 Вчера, пијан скопјанец фрли молотов коктел врз американската амбасада. Бил револтиран оти гледал американски филм и не му се допаднал крајот.
Среќа што гледал филм. Што ли ќе запалел ако гледал вести?