ЕУ ГРАДИНКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:103:"Андовежртванакомунизмотзатоаштовеќенеекомунист

    1 Премиерот Бучковски ја обвини опозицијата дека ги организира протестите и ја дестабилизира државата.
    Сега знаеме со што опозицијата ја дестабилизира земјата.
    Ама се уште не знаеме со што власта ја стабилизира државата. Веројатно со тоа што ја држи во статус – кво.

    2 Претседателот на Меѓународната кризна група Гарет Еванс за четирите случаи што Хаг треба да и ги врати на Македонија рече дека “е важно случаите да не бидат вратени овде се додека правосудниот систем не биде значајно реформиран”. Тој мисли дека предметите за Липковската брана, малтретирањето на градежните работници на “Маврово”, киднапираните тетовци и за ОНА треба да се одложат додека не се реформира судството.
    Судството во Македонија не чинеше и за Љубе и Јохан, па ги пратија во Хаг.
    Македонците можат да ги судат и во нереформирани судови. А Албанците ќе чекаат да завршат реформите. Или барем да им завршат мандатите како министри и амбасадори.
    Кај нас не е проблем само судството. Ние имаме проблем и со нереформираното здравство. Што би ни препорачале од Меѓународната кризна група по тоа прашање? Не се разболувајте!? Чекајте да се лечите во реформирано задравство!? Или, наместо тука, да одиме во Хаг да се лечиме.

    3 Во воениот транспорт во еден воз на НАТО на станицата во Волково македонската полиција фатила петмина илегалци од Косово. МВР побрза да објасни дека тоа не било шверц на луѓе. Илегалците само имј се протнале на обезбедувањето на КФОР.
    Кога наши возачи на камиони заглавуваат по затворите во Грција и Италија затоа што во камионите им нашле слепи патници, тамошните судови ги судат за шверц на луѓе. Ама кога на НАТО под церадите на камионите ќе му пронајдат луѓе, шверцувањето се вика “протнување”.
    Кога веќе замижуваат пред возовите, тогаш нека замижат и за нас. Нека ја стават Македонија во еден конвој и нека не протнат во НАТО. Наместо “Во НАТО со јато”, ќе одиме “во НАТО со воз”. Како слепи патници.

    4 Либералната партија побара Собранието да донесе декларација со која државата ќе им се извини на жртвите од комунизмот.
    Претседател на Либералната партија е Стојан Андов. Тој во времето на комунизмот беше потпретседател на републичка влада, член на Сојузен извршен совет, претседател на општина Кавадарци, а најголема жртва дал кога беше југословенски амбасадор во Ирак. Цело време бил во репресија.
    Андов кога стана реформист, а потоа и либерал беше и претседател на некомунистичкото Собрание. Зошто како претседател на Собранието не покрена таква декларација? Или, ако не сакал да биде сфатен погрешно можел да покрене изгласување декларација и како опозиција. Нека ја предложел, па нека му ја одбиеле.
    Знаете ли зошто Андов е жртва на комунизмот? Затоа што веќе не е комунист.
    Поранешниот чешки претседател и познат драматург Вацлав Хавел кој одлежал затвор како жртва на комунистичкиот режим имаше доблест да каже дека “полош од комунизмот е само антикомунизмот”.
    Во времето на комунизмот во Македонија страдале илјадници луѓе и нивните семејства и ним државата треба да им се извини. Така еднаш и кај нас ќе се затвори прашањето на националното помирување. Но, што правиме со наследниците на комунистите? Ако од комунистите страдале илјадници луѓе, од нивните наследници страдаат два милиони.
    Ќе чекаме да ни се извинат, или пак да ги гласаме?

    5 Некое македонско друштво од Австралија собрало пари за 78 деца на загинатите бранители. Тука направија некое сликање и на сите деца им поделија по 2.000 денари. Се потрошија нашинците. На 78 деца по 2.000 денари собрале 156.000 денари. Или, околу 4.300 австралиски долари. За 78 деца потрошиле просечна австралиска плата.
    Да не сакаат за тие пари да им дадеме и да гласаат? Тие ќе пуштат по два долара, а ние ќе им дозволиме да манипулираат со нашата иднина.
    Не само за децата на бранителите, туку пари ќе ни пуштат и за оружје да купиме за да се тепаме со “клетите Шиптари”. А тоа што ќе ни остане, ќе го употребиме да го освоиме и Солун.

    6 Новата економска заедница што ја смисли ЕУ за земјите на Западен Балкан не е обнова на старата СФРЈ. Тоа е само подготовка за влез во ЕУ. Тие што не се дораснати треба да одат на претшколска настава.
    Ние сега ќе тргнеме во ЕУ градинка.
    Децата во градинка учат песнички, цртаат, си играат. Ние за почеток ќе учиме почитување закони. Во градинка учителките одат од масичка до масичка и на сите деца им викаат: “Твојот цртеж е најубав”. Нам ќе ни викаат: “Вие сте лидери во регионот”.
    И така децата ќе се заборават во играњето. Уште и кога учителката ќе ги пофали дека се најдобри може и да се подмочаат од радост.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира