1 Има еден стар виц на кој сакам да ве потсетам. Командирот на полициска станица им објаснувал на полицајците што е логика. И им дал пример. Ако чуваш куче, значи сакаш кучиња. Ако сакаш кучиња, значи сакаш животни. Ако сакаш животни, значи ги сакаш луѓето. Ако ги сакаш луѓето, значи ги сакаш жените. Ако ги сакаш жените, значи дека не си педер.
И отишол научениот полицаец дома кај некој пријател и решил да ја практикува логиката. И го прашал: Имаш ти аквариум? Овој му одговорил: “Немам”. “Немаш риби!?”, се изначудил полицаецот. “Па ти си педер!”.
2 Повод да се потсетам на овој виц ми беше исчудувањето околу последната анкета на “Дневник”, која покажа дека 51 отсто од анкетираните се изјасниле дека Македонија треба да ги прекине преговорите со Грција. А речиси 90 отсто сакаат да влезат во ЕУ и во НАТО.
Прво францускиот амбасадор Жан Клод Шлумберже рече: “Ми се чини контрадикторно со претходните анкети дека 94 отсто од населението го поддржуваат приклучувањето на Македонија кон ЕУ, сега ако 51 отсто се за прекинување на преговорите, не знам што да кажам…”.
Е навистина што да се каже. Обидете се вицот да го пресликате на странските бирократи што даваат изјави за името. Според вицот, “ако немаш, риба значи дека си педер”, нивната логика е: Не сакаш да го смениш името? Значи дека не сакаш да влезеш во ЕУ!
3 Да се согласиме дека Македонија ни сега ниту, пак, некогаш имала власт која има капацитет да го реши спорот за името. Ова го кажувам колку да се оградам за да не ми лепат етикети дека сум за Никола, или за Бранко, или за Ахмети.
Кога би ме прашале да одговорам на анкета, и јас би одговорил дека сум за ЕУ и за НАТО и сум против промената на името.
И јас сум еден од тие 90 отсто граѓани што сакаат да влезат во ЕУ и во НАТО затоа што тоа е демократска заедница на рамноправни народи и затоа што сметам дека ќе ми биде подобро.
Ама и јас сум еден од тие 51 отсто што сметаат дека не сакам да влезам во ЕУ ако треба да бидам нејзин нерамноправен член.
Што е толку чудно во тоа? Што е толку контрадикторно? Каде е тука проблемот? Зошто овој мој став заслужува да биде психолошки анализиран од странските бирократи? А богами и од домашните медиумски експерти. Затоа што мислам со своја глава и сакам да кажам што мислам?
Каде е проблемот ако во заедницата на рамноправни народи сакам да влезам како рамноправен граѓанин?
4 Последната закана е дека ЕУ ќе не ставела надвор од дневниот ред. Пратеникот во Европскиот парламент Зоран Талер, кој е и известувач за Македонија, повторно потсети дека “без решение за името, нема преговори”, и предупреди дека “постои опасност Македонија да биде симната од дневниот ред и повеќе да не биде во фокусот на ЕУ”.
Баш би сакал Талер на своите гласачи во Словенија вакви пувки да им продава. И нека вика булдожер дипломатија да го реши проблемот со Хрватска. А не да свикуваат референдуми, што кај нас не се пожелни оти логиката вели: Ако си за референдум, тогаш си против ЕУ.
Што значи тоа дека ќе не симнат од дневниот ред? Па нели станува збор за принципиелна заедница со конзистентна политика и со сериозни институции. Како до пред неколку месеци ни викаа дека сме ги исполниле условите за да почнеме преговори, а сега ќе не заборават. Зошто? Затоа што сме ги испочитувале критериумите, ама не сме го смениле името, што не е критериум!
Има ли некоја држава која добила потешки услови за влез во ЕУ? Ќе дојдат тука, ќе кажат нешто, ние од вести не ги симнуваме, три дена дебатираме за нивните изјави. А тие заборавиле дека правилата што важеле за сите пред да влезат во ЕУ, не важат и за Македонија.
А и кога ќе влеземе, што не чека таму? Пак Грција не чека.
5 Сфаќам дека и ЕУ и НАТО сакаат да си го решат проблемот. И сфаќам дека каде што има сила, нема правдина. Ама со тоа што не силуваат, не го решаваат ни својот проблем, а ни нам не ни помагаат да го решиме за да ни биде на сите добро. Единствено што со секоја изјава му го креваат рејтингот на Груевски. И му ја комплицираат ситуацијата на Црвенковски. Му прават обврска ако падне Груевски, тој да го смени, ама да го смени и името. А Бранко, бидејќи е многу решителен, сигурно ќе го смени името и ќе остане на власт.
Ако немаш аквариум, педер си.
6 За солидарните членки на ЕУ Грција лансира нова туристичка кампања за летната сезона: “Добредојдовте во Грција Вашите евра се веќе тука”.
И тука не сме рамноправни. Ние мора да одиме во Грција за да им ги оставиме еврата