1 Европската унија ни се качи на глава да го донесеме законот за полиција. И – Собранието конечно го донесе. Арно ама сега не чини што е донесен оти за него не гласале пратениците на ДУИ.
Мисијата на ЕУ во Скопје веднаш по изгласувањето на законот изјави дека “тоа е битен чекор на реформската агенда, но за жал во текот на расправата се покажало дека постојат длабоки недоразбирања во однос на клучните аспекти на законот”.
Може ли еднаш ЕУ да поздрави некој закон, а да не се пожали дека законот не им е по ќеф на Албанците? И тоа не на сите Албанци, туку на тие од ДУИ.
Нормално, ДУИ веднаш се закани дека нејзините градоначалници нема да го почитуваат законот. И уште понормално, излезе претставникот на ЕУ Ерван Фуере да ја заштити ДУИ. Наместо да удри по Али Ахмети што се осмелува да не почитува закон, тој отиде кај министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска да и каже дека владата мора да ја убеди ДУИ да го прифати законот.
Се слуша ли Фуере што кажува? Или, на англиски тоа не му звучи толку бесмислено? Може ли такво нешто да каже во Англија, Франција, Шпанија, Германија и во која било западна демократија? Нека оди премиерот на Велика Британија Тони Блер да го убедува опозиционерот Камерон да почитува закон за кој што не гласал во Парламентот!!! Да не зборуваме ако во ваква улога на местото на Камерон се најде ИРА. Или можеби шефот на Фуере, Хавиер Солана знае како шпанската влада ја убедува ЕТА да почитува закон што е изгласан во Парламент.
Дали законот е донесен во Парламент? Да. И што има тука ЕУ да жали, или да не жали. Има закон и – точка.
Кај нив кога ќе се донесе закон во Парламент тој е светиња и мора да се почитува. За непочитување на закон се оди во затвор. Ако некому не му се допаѓа законот нека се жали на Уставен суд. И – точка.
И што треба сега Владата да направи затоа што ЕУ жали? Треба да се пазари со ДУИ за да го почитува законот. А ЕУ ќе посредува во пазарењето.
Не знам што сака ЕУ да постигне. Да воведе ЕУ стандарди во Македонија, или да поттикне анархија?
2 Еве јас нема да го почитувам законот.
Што ќе се случи со мене?
Дали Фуере ќе изјави дека тоа го забавува процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, ќе ме поддржи и ќе бара од министерката да ме убеди за да го прифатам законот?.
Дали претседателот Црвенковски ќе рече дека многу жали оти не бил постигнат консензус меѓу мене и Парламентот?
Или полицијата едноставно ќе ме пикне во затвор. Како што би направила и полицијата во татковината на Фуере со секој што не почитува закон.
Ако ДУИ има право да не почитува закон и тоа ЕУ да го поддржува, тогаш и секој граѓанин посебно има право да не почитува закон. Нека дојде Гордана Јанкуловска, а богами и премиерот и со секој од нас посебно нека се убедува. Оти така ќе сме влегле побрзо во ЕУ.
3 Претседателот Црвенковски кога го отповика амбасадорот во САД Љупчо Јордановски избирајќи го “помалото зло” рече дека тоа го прави “прв и последен пат”. Веќе нема да и прави отстапки на владата на Груевски.
Црвенковски го одржа зборот. Му рече “Не” на Груевски за новото работно време на државната администрација. Претседателот ќе работи по старо.
4 Завчера во интервју за ТВ Тера во Битола поранешниот премиер Владо Бучковски почна да ја открива Америка. Зборувајќи за луѓето на Бранко Црвенковски во СДСМ кажа дека кандидатот за генерален секретар на партијата бил дистрибутер на пиво.
Тој растурач на пиво во времето кога СДСМ беше на власт беше раководител на Службата за општи и заеднички работи на Владата. Таа служба покрај тоа што набавува канцелариски материјали и тоалетна хартија за министрите се грижи и за функционирањето на владината авио служба.
А ние се чудевме зошто паднал владиниот авион кога загина претседателот Трајковски и осум негови соработници. И зошто пилотите не биле вработени, туку биле хонорарци. И зошто била потрошена батеријата на локаторот на авионот. И зошто капетанот на воздухопловот не бил на задолжителен симулатор за тренинг на тој тип авиони речиси дваесет години.
Не знаел човекот. Да знаел можеби и ќе наредел. Тој си го работел тоа што го знаел. Сигурно не го оставил авионот да биде и без пиво.
5 Министерката за економија Вера Рафајловска кога даваше изјава дека е поништен тендерот за ТЕЦ Неготино не објасни зошто владата се одлучила на тој чекор. Рече: “Ќе чуете вечер на телевизија”.
Не кажа на која. Таа уште живее во времето кога во Македонија имаше само една телевизија.