ЕВРОПА АПАНСАЗ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:137:"Башсмесреќници.Светскатакризауштенедошлакајнас,авеќесизаминала.

    1 До кога уште самите ќе се лажеме дека сме лидери во регионот. Можеби сме лидери, ама лидери во бавен развој.
    Еве неколку болни примери. Ми се плачеше кога пред неколку дена излезе веста дека за време на летните месеци ќе се отворат директни авионски линии Њујорк Тирана и Њујорк Приштина. Ќе лета некоја компанија “Скендербег ер” со авиони регистрирани во Сакраменто, Калифорнија.
    Знаете ли дека откако пропадна МАТ и ги нема утринските летови за Виена и за Цирих, со кои можеше да се фати авион за Америка, ние немаме излез од земјава?
    Во 1995 година имавме тринаесет компании кои летаа од Скопје. А сега? Треба апансаз да ги фаќаме Австријците уште пред зори, во 4.30 да го фатиме авионот за Виена. Тоа ли е нашата европска перспектива, тоа ли е нашиот пат кон Европа и светот? Да слетаме во Виена уште во шест наутро, за да ги фатиме Европејците на спиење. Иако, ако и на тоа сакаме да му дадеме оптимистички тон, можеме да се фалиме дека први сме стасале до Европа. Уште дуќаните не се отворени, а ние сме веќе во Виена, многу порано и од Хрватите, и од Албанците, и од Србите, и од Косовците. На некој начин, и тоа е своевидно лидерство.

    2 Ако на веста дека Тирана и Приштина ќе се врзат директно со Њујорк ми доаѓаше да плачам, веста дека завчера беше пуштена макар и само една лента од автопатот од Драч до Кукс во Албанија и оти за само два часа возење Приштина ќе биде поврзана со пристаништето во Драч, ме фрли во очај.
    Автопатот е долг 170 километри и градежните работи почнале во февруари 2007 година. Го изградиле за две и пол години.
    Ние само ден пред тоа свечено ја пуштивме целата обиколница околу Скопје. Изградбата на автопатот, со кој од Хиподром до Сарај се стига за 10 минути и е долг 14 километри, траеше седум години. Речиси исто толку колку што се реконструираше Камениот мост во Скопје. А барем уште четири години ни треба за да го осветлиме. И колку што се градеше втората по големина брана во светот “Итаипу” меѓу Бразил и Парагвај на реката Парана.
    Ако е за утеха, зад нашите 14 километри за седум години, доцнат само Кинезите. Ним им требале цели 12 години да ја изградат најголемата брана на светот “Трите клисури” на Јангце. Притоа морале да иселат милион и пол луѓе од неколку градови.

    3 Така е тоа со нас. Словенците уште во 1989 година, пред да се распадне СФРЈ, излегоа со официјален слоган “Европа сега”. Ние тој слоган го прифативме дури во 2004 година. Ама малку изменет “Европа апансаз”. Да се надеваме дека ќе го одржиме задоцнувањето на само 15 години.

    4 На почетокот на неделата беше објавено дека во првиот квартал од годинава економскиот раст бил 0,9 проценти.
    Но и на ваков податок може да се гледа од ведрата страна. Вицепремиерот Зоран Ставрески, задолжен за ширење оптимизам, рече дека “малото негативно придвижување покажува, всушност, дека најлошото е зад нас, односно дека Македонија успеа да го избегне најлошото во услови кога многу земји имаат драстично намалување на економската активност”.
    Стварно сме среќници. Според Ставрески, кризата уште не дошла кај нас, а веќе си заминала.
    Но ден потоа беше објавено дека и индустриското производство во мај паднало за 15,3 отсто, во однос на истиот месец лани.
    Ставрески, кога следниот пат ќе добие задача да н расположува, нека го каже и вицот зошто светската криза во Македонија ќе дојде последна. Зошто? За да си умре дома.

    5 За да не заборавиме дека е жив и дека е на црна листа за влез во САД, лидерот на ДПА Мендух Тачи побара нов рамковен договор во кој ќе има нов грб, нова химна и ново знаме. Заборави да побара стап за знамето. Може ќе го побара кога ќе побара Албанците рамноправно да плаќаат даноци, сметки за вода, струја и телефон. И да ги апсат кога ќе ги најдат со оружје и кога ќе пукаат. Тогаш може и Тачи ќе добие стап. А може и ќе добие американска виза.

    6 Поранешниот косовски премиер Агим Чеку, по кого има потерница на Интерпол, беше уапсен на влез во Бугарија на границата со Македонија. Тоа значи дека двапати ја минал македонската граница и никој не го забележал.
    Интерпол функционира во Македонија. Ама во случајот на Чеку, наводно, нашиот систем не можел да го прочита неговото презиме. Транскрипцијата во пасошот била поинаква од таа што нашата полиција можела да ја прочита.
    Се прашувам ако не може да го прочита Чеку, дали нашиот Интерпол ќе може да го прочита Бин Ладен и едночудо други белосветски ликови по коишто има меѓународни потерница.
    Нели имаме некакво “интегрирано гранично обезбедување”. И по тоа сме лидери на Западниот Балкан.
    Проблемот е во читањето на зборот “интегрирано”. Да не кажам во транскрипцијата. Кај нас терминот “интегрирано обезбедување” се чита “демократска унија за интеграција”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира