1. Ако Европа мисли да задржи барем малку од своето достоинство, крајно време ѝ е да дигне раце од Југославија и да нé остави на мир да си ги решиме проблемите. Со војна. Уште и ако мисли да си поврати барем дел од изгубениот кредит, вложен во досегашните јалови преговори, ќе мора да нé искористи за свои потреби.
На пример, нашите таканаречени преговарачи можат да се покажат како многу погодни за обновување на традиционалните белези на Холандија- ветерниците. Лордот Карингтон ќе биде задолжен лично, со токмак во рацете, да ја испита цврстината на материјалот од кој се создадени главите на југословенските главешини. Оној што ќе успее да го скрши токмакот, останува во Европа. Другите – назад на Балканот. Така по пат на природна селекција Холандија ќе добие првокласен материјал за реновирање на своите ветерници. Класа: тврдоглавост со пет ѕвездички. Тие што ќе бидат избрани, ќе бидат вработени на неодредено време во Холандија. Во ветерниците ќе се користат како камења. И ќе можат да мелат колку што сакаат.
2. Само на тој начин Европејците ќе можат да се спасат од заканите на самоименуваниот претседател на Претседателството на Југославија во непосредна воена опасност, Бранко Костиќ, партизанско име – Корен. Тој заедно со неговиот сонародник Момир Булатовиќ деновиве беше во обиколка на единиците на федералната армија која се подготвува да го “ослободува” Дубровник и таму забележа дека “Европа многу агресивно се однесува”, а и оној усташоиден Холанѓанец “Брук поставува некои услови кои се крајно неприфатливи и овој народ очигледно не е подготвен да ги прифати”. На пример, што би правел овој народ, ако некоја здружена европска војска му ги изгази корењата. И ако почне да го бомбардира со лименки пиво и кока кола. Отиде Бранко засекогаш во Холандија.
Просто ми се растрепери срцето и ми навреа солзи на очите кога прочитав дека сентименталниот Момир Булатовиќ се воодушевил од “борците” за Дубровник, бидејќи наместо тој нив, тие него го тешеле “сакајќи да дадат свој придонес за разрешување на грижите што го мачат”. Во моментов Момо има најголема грижа како да ги редефинира воените цели, во ситуација кога Црна Гора не е во војна. Почетната цел на црногорските резервисти беше да пијат кафе на дубровничкиот Страдун. Сега охрабрени од јуначките зборови на Костиќ-Корен и Булатовиќ-Слобо Мали, црногорските јунаци ги редефинираат своите цели. Каков Дубровник, какво кафе! Има да пијат капучино во Анкона. На тој начин ќе направат безбедна отстапница за војската. Кога ќе се повлекува на Крф.
3. Затоа пак Слобо Велики нема никакви грижи. Ете, сега дури и му ги одложија локалните избори. Одлагање побара претседателот на српскиот парламент Александар Бакочевиќ, со образложение дека моментно 130 илјади нејзини граѓани се мобилизирани и се наоѓаат надвор од Републиката.
И Бакочевиќ и Милошевиќ се категорични: Србија не е во војна. И нема воени цели.
4. Своите воени цели деновиве ни ги предочува редакцијата на “Борба” со објавување на фантомски фељтон за “црвено, југословенско Куманово и македонски Книн”. Фељтонот доаѓа сосема случајно. Нема никаква врска со изјавите на потпретседателот на српското собрание Павиќ Обрадовиќ дека, ако Македонија се отцепи, Србија ќе си ги земе Скопска Црна Гора и Кумановското Поле.
Неодамна Извршниот одбор на Лигата за демократија изнесе интересен предлог: Во Куманово, од 160 илјади жители на општината, 12 илјади се Срби. Значи, околу 8 од сто. Во Белград како милионски град живеат околу 150 илјади Македонци. Значи – 15 од сто. Следејќи ја Милошевиќевата логика, според која ако во Гвинеја Бисао живеат двајца Срби, тие можат да си направат САО Гвинеја Бисао и според која само 8 од сто население може да решава да ѝ се припои на Србија, ќе му го дадеме Куманово. Ама ќе си го земеме Белград.
По ова Милошевиќ нека му се моли на господ да не ни текне да почнеме да си правиме разни МАО низ Војводина, низ селата кои се населени со колонисти од Македонија. Па да ја лансираме паролата: “Сите колонисти од Македонија во една држава!”
5. Се разбира доколку во тоа не нé спречи некој пуч. Минатата сабота своевиден удар направија кумановските сестри Маријана и Росана на финалната вечер на “Макфест” во Штип. Истрчаа на сцената облечени како генералки, со еполети на црните кошули. И тоа без петокраки, зашто знаеле однапред дека Костиќ и неговите тројца верни другари ќе донесат наредба за симнување на петокраките како обележје на армијата. Под спонзорство на “Застава” од Крагуевац, позната како бивша фирма на Бора Јовиќ, која пропадна во производството на автомобили, но сега минусот многу успешно го покрива со производство на оружје, му порачаа на таму присутното македонско раководство: “Луди сме, луди сме, немој да уништиме сé!” Настрана што низ песна се прашуваа: “Кој ќе ни суди од Триглав до Вардар?” Само да не биде “Застава”, со својот широк асортиман на производи.
6. Пучот не успеа, па народот во мирна атмосфера продолжи да си прави вицеви на сметка на актуелната ситуација:
Решил претседателот Киро Глигоров да ги прошета лордот Карингтон и господинот Сајрус Венс низ Македонија. Ги качил во авиончето за одозгора да ја видат оазата на мирот. Арно ама, долу ништо не се гледало. Сите градови завиткани во чад, а оган избива речиси од секоја улица. Им станало сомнително на светските дипломати, па го прашале домаќинот: “Добро, каква е оваа оаза на мирот, кога повеќе чади, отколку во Хрватска?” А Киро им одговорил: “Не се секирајте. Луѓето си прават ајвар за зимница!”