1. Во време кога потпретседателот на Владата Јане Миљовски со сета своја тежина ги притискаше Европејците во Брисел да го прифатат нашето сфаќање за регионалниот пристап и еволутивната клаузула за асоцирање со Европската унија, во Собранието на Македонија конечно се случи – живот. Пратениците цели пет и пол часа поставуваа прашања од нивното секојдневие.
Во целата атмосфера на европеизација на Македонија сосема природно прозвучи прашањето на пратеникот Вељо Тантаров, зошто опинците се оданочуваат со стапка 20 од сто, а тракторските гуми само со 5 од сто? Тука веќе не станува збор за дилема: опинок или трактор? Во ова време на дискусии како побрзо да стигнеме до Европа, прашањето за опинците е од суштински карактер. Прво, да разјасниме дали се работи за кожни или за гумени опинци. Ако се кожни – добро. Тие се квалитетни и здрави за нозете. Ако ништо друго, барем во Европа нема да загазиме како дустабанлии. Ама, ако се гумени – не е добро, не се еколошки и со нив Европа не нé прима.
Опинците се добра основа за приспособување кон регионалниот пристап со којшто нé условуваат во Брисел. Гумените опинци се прават во Пирот. Вицепремиерот Беќир Жута најави формирање слободна трговска зона со СР Југославија. Пиротските опинци ќе можат да се најдат на македонските нозе, растоварени од царина. Слободната трговска зона меѓу Македонија и Србија ќе профункционира со размената на опинци. Тие ќе го пробиваат патот преку регионална соработка сé до Европа.
Со опинците, Европа ќе покаже разбирање и за еволутивната клаузула. Само што според спогодбата нема да може прецизно да ни каже колку чифта опинци треба да се износат за да се стигне до Брисел.
Што се однесува до нас, не постојат никакви дилеми. Затоа што кај нас веќе стана правило да не се почитува еволутивната клаузула. Кај нас од опинок веднаш се скока на – ѓон.
2. Што ти е еволуција! Некогаш оган го гореше Брезово, а денес скакулци го пустошат Мариово. Од беља да не куртулиш. Кај го најдоа Мариово, таму нема што да се опустоши!
Чувствувам, Владата ќе има сериозен проблем да одговори на пратеничкото прашање: Кој вид скакулци го пустошат Мариово? Според логиката на нештата, скакулците ќе треба да ги лови министерот за земјоделие Паракеов. Барем во почетокот на акцијата, зашто додека во Владата се натегаат кој да лови скакулци, тие можат сé да испојадат. Или, не дај боже, да измутираат во некој друг вид. Што знаеш какво ќе биде летото.
Подоцна, ако се открие дека Паракеов не може сам да се пресмета со скакулците, Владата ќе прогласи вонредна состојба или елементарна непогода. Во тој случај ќе мора да се вклучи и Министерството за внатрешни работи. Министерот Чокревски за момент ќе ја прекине офанзивата за вистината и наместо да ги лови новинарите и внатрешните непријатели во Министерството, ќе му се приклучи на министерот за земјоделие во ловот на скакулци. Доколку пак, не дај боже, ситуацијата стане толку алармантна, на помош ќе притекне и Министерството за одбрана. Настапува Благој Ханџиски и неговата единица што ја тренира за НАТО-вежбите.
Така Владата ќе забележи уште еден голем успех. Ќе утврди кој вид скакулци го нападнале Мариово!
3. Има една англиска песна, “Каде и да одиш, времето со себе си го носиш”. Претседателот Глигоров е европски ориентиран човек. Наместо балкански турбо-фолк повеќе му лежат англиските песни.
Затоа кога замина за Скандинавија и тука застуде. Зошто само на претседателот да му студи? Ако тој во Финска и Шведска мораше да носи мантил, зошто ние тука да се шетаме со куси ракави? Глигоров по два дена се врати. Нам ни се врати и топлото време.
Само да не му текне следното патување да му биде некаде во монсунските предели. Доста ни беа дождови. Башка што немаме гумени чизми, имаме само – опинци.
4. Минатата недела во Рим се одржуваше манифестацијата “Македонија во чест на свети Кирил”. На чело на македонската државна делегација беше претседателот на Собранието Тито Петковски.
Минатата сабота господинот Петковски, во еден познат римски ресторан, приредил вечера за членовите на делегацијата и за новинарите. Таа сабота беше 25 мај. Сите се сеќаваме дека пред многу години на 25 мај го прославувавме роденденот на Јосип Броз Тито.
Има ли попригоден датум за претседателот на Собранието Тито Петковски да приреди вечера, отколку 25 мај? Кога, ако не на именден? Е, па ајде, за многу години името, другар Тито!