(На одмор сум. Ама имав ентузијазам дека ќе го напишам “Сакам да кажам” од далеку. И секоја вечер си ја арчев на Интернет. Барав интересни вести од Македонија. Па кога ме фати очај, си протарашкав по сопствената архива. Да видам што сум пишувал во јули и август изминатите дваесет години.
Еј драги мои, дваесет години во Македонија ништо не се случува. Затоа одлучив да ви дадам едно ретро “Сакам да кажам”. Почнувам од јули 1997 година кога сме биле на прагот на ЕУ. Завршувам со август 2002 кога се бараше идиотот од корумпираните во Владата.
Некои имиња може само да замените. Но, ако имињата ги гледате според партиска припадност, се ќе би биде исто. Дваесет години ништо не се менува. Само ние остаревме.
19 јули 1997
“Нема место за разочарување, туку за реалност”, вели министерот за надворешни работи Благој Ханџиски, коментирајќи ја одлуката на Европската комисија, во својата “Агенда 2000”, да не ја спомене ни буквата “М” од нашата држава, кога станува збор за проширувањето на Европската унија.
Нема место за разочарување, туку за реалност. Европската унија покани на преговори десет земји од Источна и Средна Европа, а Македонија ја заборави заедно со Албанија и СР Југославија. Разочарувањето би можело да дојде подоцна. На пример, кога ќе патуваме за Бугарија со шенгенска виза.
Нема место за разочарување, затоа што и покрај сî, нас Европа нî сака. Скоро исто колку НАТО. Ни признаваат дека сме подобри од другите, нî удираат по рамо, ама ни викаат да ги сфатиме оти такви биле политичките прилики, па нî бодрат да попричекаме некој друг круг за проширување. Првиот круг го пропуштивме, за вториот очигледно не нî есапат за живи.. . Белким ќе дочекаме нешто во деветтиот круг.
Нема место за разочарување. Нам сите ни ја признаваат европската ориентација. И постојано нî тешат дека вратата за членство во НАТО и ЕУ е отворена. Само треба да се пречекори прагот. Бидејќи многу сме напреднале и со демократските реформи и со пазарната економија и со приватизацијата, веќе сме на прагот на Европа. Таму кадешто обично стои чергичето за бришење чевли.
Нема место за разочарување. Туку за реалност. Реалноста е разочарувачка. Македонија е чергичето на Европа.
11 јули 1998
Повторно е актуелизирана идејата за трамвај во Скопје. Додека сите светски метрополи размислуваат за супер брзи возови и надземни железници на една шина, ние сонуваме за превозно средство од минатото. Со трамвај од 19 век, ќе се исклацкаме во 21 век.
4 август 2000
Туку, се сеќава ли некој на Бранко Црвенковски? Го немаше во Парламентот, ни збор не му слушнавме за новата влада, за законот за високо образование, за реформата на државната управа. Помина Галичката свадба, а Бранко не се качи на тапан. Помина и Илинден, а наместо Бранко се појави Шеќеринска.
Му станало жешко на Бранко па си бара дебела ладовина. Сигурно тргнал по шумите да ги лови паравојските што му ги јавуваат општинските комитети. И така ловејќи, легнал под некое дрво. Уште ја прави владата во сенка.
21 јули 2001
Којзнае колку Европа е збунета од нас. За Америка пак, ич да не правиме муабет. Во ниедна шема не им се вклопуваме. Луда држава.
Во Македонија воопшто не е лесно да си луд. Има преголема конкуренција.
17 август 2002
Македонија не е само библиска земја. Македонија е и мистериозна земја. Се шетаат неидентификувани типови.
Се сеќавате дека пред четири години, кога на Бранко му пукна аферата со октоподот, некој мистериозен министер во тренерки со вреќи ги изнел парите од ТАТ. Бранко уште ги бара тренерките.
Сега и околу Љубчо има мистерии. Меѓународната кризна група вели дека договорот за продажба на ОКТА мора да го склучил или идиот или, корумпиран владин службеник.
Според романот на Артур Кларк, Кјубрик го сними филмот “Одисеја 2001”. Сега, според извештајот на Меѓународната кризна група, во Македонија ќе игра филмот “Одисеја 2002”.
Мистеријата ќе биде разрешена ако се најде кој го потпишал договорот со ОКТА. Ако бараат само корумпиран во Владата, тешко ќе го препознаат. Затоа, нека го бараат идиотот меѓу корумпираните.