1. Ако внимателно слушаш сé што ќе кажат претседателските кандидати и ако немаш попаметна работа отколку да им ги гледаш спотовите и платената политичка програма, ќе те фати еуфорија од самата помисла колку убаво ќе ни биде кога кој било од нив ќе ни дојде на власт. Ако сите ни дадат барем една десеттина од тоа што ни го ветуваат во евтините приказни, ние нема да знаеме што да правиме со себе од радост и богатство.
Затоа, за да не се занесуваме премногу, не е лошо камерманите и фоторепортерите да ги снимаат кандидатите одзади. Да видиме дали кога ни зборуваат за убавиот живот што нé очекува, не ја држат раката затскриена за да не им се забележи дека средниот прст го префрлиле над показалецот. Така обично прават децата кога лажат и се колнат дека не лажат. За да не ги фати баксуз.
2. Еве Циле порачува дека лагите немало да го сопрат. Резултатите ќе се виделе. Сега оди по селата, потпишува договори и дели пари. Прво чек на рака, па митинг. Блазе си им на селаните, туку, да не претера Циле со расфрлањето пари наоколу, па ако му прејде во навика и ако стане претседател, да добиеме расипник и недомаќински шеф на држава. Проблемот со чековите без покритие, ако не те фатат на самото место, обично доаѓа подоцна. Кога ќе дојдат сметките за наплата.
Борис не ни помислува да лаже. Тој е верник. Верува во Македонија, верува во љубовта, верува во семејството, верува во традицијата, верува во младите… Верува во сé, ама изгледа не верува во себе. Затоа, без Љубчо никаде не мрда.
Успеаја дури и Андов да го збунат, па не знае против кого да зборува, против Борис или против Љубчо. А Андов е за ред. Не за џабе се токми да стане прв редар во земјата. “Рим, Берлин, Токио / верни во борбата / тие ште направат / нов ред на земјата.”
Тито настапува со принципи. Неговата партија го држи континуитетот на КПМ, а Тито не ги менува принципите од 1945 година. Во говорите вели дека нема да скршне од патот на Киро Глигоров, кој е најголем син на македонскиот народ. “Друже Тито ми ти се кунемо / да са твога пута не скренемо”. И по Тито – Тито!
3. Борис треба да му се налути на Тито, затоа што му ја украде идејата за семејните традиции. И едниот и другиот настапуваат сосе семејството. Љубчо и Бранко им се татковци, и синчињата никаде не излегуваат сами од дома без прашање. На сцената прво се појавуваат татковците да си ги испофалат децата. И после им велат на Борис и Тито: “Ај сега, синче, кажи им на луѓето што си научил!”. Тие ќе изрецитираат, ќе се поклонат и ќе си заминат заедно со тато. Пу, пу, машала, напредни деца.
Битката меѓу кандидатите е нерамноправна. Тито е во поповолна позиција од Борис. Бранко нема друга работа, па може секој ден да оди со Тито на митинг. А Љубчо кога има работа, Борис мора да прави пауза.
4. Министерот Борис Стојменов продолжува со успешната трговија. Книжарница, телевизија, штедилница… Еве сега и стоковна куќа. И се чудам на опозицијата како може да ја обвинува Владата дека врши евтина распродажба, кога за министер го има Борис Стојменов. Тој не продава, тој само купува. Најкатастрофална грешка е кога обвинуваат дека Владата ја продава Македонија. Сé додека таму седи Стојменов, можеме мирно да спиеме. Како тргнал, тој ќе ја купи и Македонија.
5. Циле се кара со коалиционите партнери, зашто не му давале да ора во нивните ниви. Вели, имало уште многу ниви за орање во Македонија, само немало кој да ги ора.
Вистина е. Има многу ниви за орање. Ама, има и многу овци за стрижење. Туку, кај се видело овци сами да си го избираат овчарот.
П.С. Тито Петковски во прексиноќното интервју за А1 телевизија изнесе една лага дека во “Вечер” се поставени луѓе од раководства на партиите на власта. Колку и да сакав во овој период да не му придавам значење на ниту еден од претседателските кандидати, ќе морам да ја видам уште еднаш снимката од интервјуто.
Се плашам дека ќе морам заради заштита на сопствениот углед и чест, но и за угледот на весникот кој го потпишувам, да го тужам господинот Петковски. Настрана што поради таа изјава ќе мора да побараме и материјално обесштетување, ако претседателскиот кандидат кого го почитуваме толку колку и останатите, не покаже доблест да ни се извини.
Ете му на Тито уште еден мотив за да стане претседател на државата. Како што обично бидува кај нас, казната ќе ја плати со државни пари.