1 Што имам јас како обичен граѓанин од тоа што премиерот и се лути на Европа? Ние не сме го избрале да се лути. Сме го избрале да воведе европски стандарди на живеење.
И јас сум скептичен за многу работи, па и за Европа. Божем не ја знаеме Европа, па требаше Груевски во серијал од две продолженија на интервју за државната агенција МИА да ни кажува колку таа е неправедна. Не за џабе цело време за Европа викаме дека е курва.
Не сфатив само дали премиерот е лично разочаран од ЕУ по добивањето на годишниот Извештај од Европската комисија. Или сака и нас да н пишмани? Јас, на пример, сум разочаран од ЕУ уште од Лисабонската декларација во 1992 година кога тогашната Европска заедница донесе резолуција дека не смее да се признае држава која во своето име ќе го содржи зборот “Македонија”. И разочараноста уште ме држи. Особено што сега во Извештајот веќе не го ни споменуваат зборот кој не смее да се изговори.
Евроскептицизмот не е забранет. Евроскептицизмот не е лош за една демократска расправа. Затоа и овие што му се лутат на премиерот Груевски дека е евроскептик ја промашиле темата. Не е проблем што премиерот е евроскептик. Проблем е што го злоупотребува евроскептицизмот за да си најде оправдание за домашното што не си го завршил. Оти пред пет години му се даде шанса да направи вистинска правна и демократска држава, а тој направи длабоко партизирано општество. После пет години веќе не може Бранко да биде виновен за тоа. Сега нека биде Европа.
Типична македонска работа. Помакедонска – здравје. С некој мора да ни е виновен. Од султанот преку Тито и партизаните до Брисел.
Ај да замислиме дека ЕУ ќе ни се смилува и дека од утре не само што ќе добиеме датум, туку и ќе станеме членка. Еве дури и денарот да го замениме со евро. Ќе живееме подобро? Ќе добиеме правда на суд? Нема да умреме во чекалница во јавна болница пред да стигнеме до лекар? Тендерите ќе ги добиваат и оние од партијата што не се на власт? Или ќе може да го добие и некој што не е врзан со ниедна партија, ама има најквалитетна понуда.
Конечно, Европа ли ни е виновна што не можеме еден попис да направиме?
2 Во моментот кога Светската банка ја прогласи Македонија за трета најподобрена економија во светот, најмногу впечаток ми остави веста дека на Катар му требаат работници.
Европа ли ни е виовна затоа што живееме во држава во која луѓето се радуваат дека во Катар ќе има работа за сите.
3 На францускиот претседател Никола Саркози му се роди ќерка, а тој сиромашкиот ни мекици не проба и не успеа да си го види детето, оти мораше да се види со германската канцеларка Ангела Меркел за да се договара како ќе ја спасат Грција.
И после нам ни викаат: “Договорете си се со Грција и после ќе ве примиме во НАТО и во ЕУ”. Како ние ќе се договориме за името, кога тие не можат да се договорат за 370 милијарди евра? Грците им украдоа толку пари, и згора на тоа се бунат дека не им даваат уште. Па за да ги спасат 370-те милијарди ќе треба да им дадат уште толку.
Тие се договараат дека ќе се договорат и секоја недела го одложуваат договорот. Кога ќе треба да си ги земат парите од Грција назад, нека дојдат тука да размениме искуства. Со Грк за име не можеш да направиш муабет, а не пак пари да му земеш.
4 На фудбалскиот натпревар меѓу судии и обвинители во неделата на кој судела естрадата имало финта. Министерот за правда им дал задача на пејачите да судат неправедно и нефер.
Судиите сфатиле дека министерот ги зафркава и од Основниот суд Скопје 1 соопштија дека било “неадекватно и нефер започнувањето на кампањата за реформи во судството да се одбележи и компарира со непрофесионално, политизирано, нерегуларно и неетичко работење на судиите”. Судиите немало да учествуваат на фудбалот ако знаеле дека тоа ќе биде пародија за работата на судовите.
Судиите не сфатиле дека министерот Блерим Беџети не се мајтапел со нив. Тој само им раскажувал Езоповска басна. Со наравоучение.
Е па за да не е басна, следниот пат нека ја викнат како судијка новинарката Јадранка Костова на која во истиот суд и одредиле 15.000 евра казна оти со наслов во неделникот “Фокус” му го нарушила угледот на поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.
Колкава казна ќе им одреди на судиите Костова? Колкави плати имаат судиите на кои им изгледа нормално дека ова е соодветна казна за нарушениот углед на министерот.
Патем, реакцијата на басната дојде дури три дена по натпреварот. Што е уште еден доказ за власта дека судиите се СДСМ-овци. Им треба време прво да сфатат, па да почнат да работат, па да го напишат тоа и да го стават на веб страница. За тоа време ВМРО веќе им смислило нови басни.
5 Жените во некое гратче во Колумбија го употребиле сексот како начин за на протест. Односно, штрајкувале со тоа што не им давале на мажите додека не се асфалтира некој регионален пат долг 57 километри.
И градоначалникот признал дека жена му не му давала додека не почнало асфалтирањето.
Кога го ставиле првиот слој асфалт, жените соопштиле дека го прекинале штрајкот. И им дале на мажите.
Еве им добра идеја на жените од Општина Сарај во Скопје. Од кога им ветуваат дека ќе се направи мостот преку Вардар, а тој не се гради. Сакаш ќеф, направи мост.
Замислете што би се случило кога жените во Македонија би штрајкувале на овој начин. Да не им даваат на мажите додека не се изгради патот за Прилеп преку Бабуна. Или пругата до Бугарија. Би умреле како девици. А и пари за домашни инвестиции ќе немаше. Сите ќе отидеа по увезени проститутки, или по сексуални екскурзии во странство.