1. Не се само туристите тие што на летување фаќаат боја. Во Грција ова лето боја фаќаат и авионите. Како, на пример, оној на “Палер Македонија” што во средата слета на островот Крф со 160 патници од Македонија. Патниците во Грција отидоа за да поцрнат. Авионот – побеле.
Компанијата сé уште не знае како по две недели ќе ги врати македонските граѓани дома. Следниот пат кога нивниот авион ќе слета на крфскиот аеродром, може да се случи Грците да им наплатат поголема такса, која во себе ќе ги опфаќа и трошоците за кантичките со боја и работната рака на молерот на аеродромот. Освен ако молерот не е доброволец и голем патриот, па да се согласи прекувремено да работи во името на одбраната на татковината од скопјаните.
Тоа што авионот на македонската компанија бил премачкуван во Грција повеќе е вест за кај нив, зашто тие се секираат за туризмот, отколку за кај нас. Ние сме научени да живееме премачкани. Политичарите порано ни беа комунисти, сега си играат позиција и опозиција. Бизнисмените порано беа социјалистички директори. Имињата на луѓето се исти и тогаш и денес. Покрај пребојосани директори и пребојосани политичари, што е чудно што имаме и пребојосани авиони. На авионот барем му удрија бела боја. Пребојосаните политичари ни се премачкани со сите бои.
2. Туку, што правиме што нé снајде друга несреќа. Годинава богато родиле доматите. Сега не знаеме што да им правиме. И онака сме доволно заглавени во сос.
Преработувачите на градинарски производи велат дека ќе успеат да ги соберат сите домати, ама немаат во што да ги спакуваат. Од друга страна, фабриката за лименки во Битола вели дека тие се “дават” во произведени лименки, ама конзервите нема кој да ги купи. Несреќата никогаш не доаѓа сама. Ај што доматите богато родија, ај што има и доволно конзерви, ама што правиме ако преработувачите ги откупат конзервите, ги спакуваат доматите и – немаат на кого да му ги продадат. Ете ги беља. Затоа сега бараат државата да им најде пазари. Зашто директорите на ЗИК-овите можеби се пребојосани во капиталистички управувачи, ама уште размислуваат како во времето на советските колхози и совхози. Лесно беше лани. Србија под санкции, можевме и да им продаваме домати и да им дигаме цена. Годинава нека помогне државата.
Со домативе некако ќе се снајдеме. Туку, да молиме бога да не ни се случи уште некоја несреќа. Дај додека е време, нека фати некоја суша, или ако е веќе доцна, барем град да удри по полињава. Кој ќе ни ги гледа гревовите, ако покрај доматите годинава добро ќе ни родат и лозјата. Што ќе му правиме на толку грозје!?
Не е бадијала измислен вицот за Американецот што една недела шетал низ Македонија и пред да си замине рекол дека најголем впечаток му оставило тоа дека ние сме многу побожен народ. Домаќините се зачудиле и го прашале, од каде му е тој заклучок. “Па, тоа што ви дал господ, тоа го имате”, им одговорил гостинот.
3. Во рамките на двонеделната турнеја на Фадил Сулејмани и неговите дојде очекуваното напуштање на Собранието од страна на пратениците на ПДПА- НДП. Тој потег доаѓа во рамките на замислената програма за создавање политичка криза во државата.
Не ми се верува дека отсуството на неколкумина пратеници, кои патем не се откажаа од пратеничките места и платите, може да предизвика политичка криза. Иако многу сум загрижен дека ова може да биде вовед во сериозна духовна криза. Зашто сега седниците на Собранието ќе бидат уште поздодевни. Со одењето на пратеничката група на ПДПА-НДП си замина и единствениот весел персоналитет во овој состав на Парламентот, Сали Рамадани.
4. Македонија се појави на вежбата на единиците на членките на НАТО и на “Партнерството за мир” во Албанија, иако името на нашата држава во последен момент беше премачкано со коректор и врз него напишано БЈРМ.
Пред две недели ниту еден претставник на Министерството за надворешни работи не се појави на министерскиот состанок во Софија токму поради тоа што домаќинот инсистираше на табличката пред нашиот претставник да стои името БЈРМ
Ова само може дополнително да ја обнови расправата како треба да се однесуваме во меѓународната заедница, кога сакаат да ни го наметнат името што не го сакаме. Дали да се појавиме и на самото место да протестираме и да си го кажеме тоа што сме го наумиле, или гордо да си останеме дома? Што се однесува до војниците на АРМ на вежбата во Албанија, такви дилеми не постојат. Каква војска би била таа, ако се повлече?
5. На домашен терен повлекувањето оди полесно. Либералната партија ја повлече интерпелацијата за министерот Томислав Чокревски. Воопшто, на либералите им стана навика да дигнат врева и потоа да се повлечат. Рака на срце, и министерот Чокревски си ги повлече обвинувањата кон новинарите. Уште и им порача да не се плашат од министер што зборува отворено, туку од оние што молчат.
Како во народната поговорка: “Куче што лае, не каса”!. Или, “Кучињата лаат, карванот си врви”!