1. МВР пак држеше прес-конференција. Фатија некого? Не! Па зошто тогаш држат? За да ги соопштат резултатите од здружената полициско-граѓанска викенд вежба “Да ги исчистиме гаражите и подрумите заедно”.
Како што беше соопштено, истрагата околу атентатот врз претседателот Глигоров напредува. Пронајден е песокот. Тоа е од исклучително значење за натамошниот развој и непреченото функционирање на Министерството за внатрешни работи. Во кругот на Министерството се гради подземна гаража. За нејзината изградба е потребен песок. За бетон и за малтер. Песокот е пронајден. Изградбата на гаражата може да продолжи.
Функционерот во МВР што ја држеше последната прес-конференција изјави дека камчињата во мозаикот полека се составуваат. Камче по камче. Истрагата сигурно напредува. Напредува изградбата на гаражата.
Песокот е најден во една скопска населба. Во негова близина биле пронајдени и парчиња метал што биле употребени за правење на бомбата. Таков метал употребувала една фирма што го увезувала од една западноевропска држава. Не е потврдено дали таа фирма има врски со една мултинационална компанија од една соседна држава што има замешано прсти во организирањето на атентатот. Автомобилот го возела една жена. Не се знае дали жената имала врски со еден странски државјанин кој ја направил експлозивната направа и потоа си заминал. Така, еден октомвриски ден е направен атентат врз еден претседател на една балканска држава. Истрагата е во тек.
Претседателот се врати, жената ја нема. Не се знае дали била црнка, или русокоса. Ќе видиме наскоро од фотороботот. Полицијата ќе направи интересна двојка од купувачот на автомобилот-бомба и од фаталната жена-возач. Фоторобот и фотороботка. Со сликата на фотороботот-двојка ќе тргне во нови општонародни акции. На удар ќе бидат скопските парфимерии и фризерници. Ќе дојдат до сознанија кои жени често ги бојадисуваат косите. Тие се најсомнителни. Замислете, фотороботката да покаже русокоса жена. Сите ќе се бојадисаат во црно, за да не бидат осомничени за учество во атентатот. Така полициската истрага ќе го одреди модниот тренд на македонската жена.
2. Добро е што полицијата прави општонародни акции. На прес-конференцијата беше речено дека еден од резултатите на викендашките претреси на Кисела Вода е и тој што се покажало дека полицијата работи за да ги одврати оние граѓани од евентуални намери да направат нов атентат. Луѓето да сфатат дека со нив нема лабаво.
Беше употребен еден интересен израз – чешлање на теренот. Некој ревносен припадник на јавниот ред и мир пред некој ден влегол во расправа со претседателот на ВМРО-ДП Владимир Голубовски и неговиот син. Во расправијата го употребил и пендрекот. Човекот сакал малку да ги чешла. Ама, бидејќи кај Голубовски има малку коса за чешлање, наишол на проблем, па морал да повика засилување. Чешлањето на теренот завршило, така што Голубовски и син му ги привеле во полициска станица.
3. Велат дека министерот за надворешни работи Стево Црвенковски намерно одолжува со одредувањето на шеф на канцеларијата за врски во Атина. Чека да види што ќе направи Бранко Црвенковски со реконструкција на Владата. Можеби некој министер што ќе отпадне ќе сака за утеха да отпатува за Грција на подолго време.
И без шеф, ние ја отворивме канцеларијата за врски. Дознавме дека тоа не одело баш најлесно. Имено, нашиот претставник во Атина, ден пред свеченото закачување на знамето, имал сериозни проблеми. Имал знаме, ама немал стап за да го закачи. Па шетал низ Атина за да најде стап. Срамота е, ај што немаме шеф на канцеларијата, ама да немаме и стап!?
Грците тука излегоа поопремени. Тие навреме си го испратија својот шеф на канцеларијата. А стап имаат од порано.
4. Во сите нормални држави во светот, авиокомпаниите ја обновуваат својата флота, заменувајќи ги старите авиони со нови. Кај нас се случува спротивното. Новите авиони се заменуваат со стари. “Палер” ги врати новите “фокери” и ќе купува дотраени “ДЦ-деветки”. “МАТ” го замени “боингот” со руски “ЈАК”. Единствената гордост во македонската авио-флота е “Авиоимпексовиот” “ДЦ-9”, стар само 23 години, последно чудо на техниката.
Македонските граѓани не заслужиле да се возат во нови авиони. Не ги заслужило ни раководството. Многу брзо ги заборавија двете трагични несреќи од 1993-тата. Услугите на новите авиони во неколку наврати ги користеа и претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. На последното патување за Париз, пред десетина дена, со тој авион замина и премиерот. Сега е време и тие како и останатите граѓани да почувствуваат како е да се возиш со македонски авион, длабоко влезен во полнолетство. За комплетно доживување препорачливо е да им организираат слетување во Охрид. Додека стискаат палци некој Русин да ја погоди пистата, можат и да размислуваат на тема – национална авиокомпанија. Кога веќе не најдоа време да размислуваат во изминатите пет години откако сме независна држава.
Впрочем, што ќе ѝ е на Македонија авиокомпанија, кога ЈАТ повторно лета?