ФЕСТИВАЛ НА ЃУБРЕТО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:93:"Контролатаетука.Сегасамоќесезаштитисозакон.

    1 Бидејќи ние функционираме само со рокови, еве цела недела чекавме да дојде петок 23 август за да се постигне решение за 24 декември. Притоа решението нема да биде исто како сите други решенија. Оти видовме дека решение е дури и кога не се постигнува решение.
    Во секој случај, цела недела цела јавност си имаше занимација. Прво се сретнаа Груевски и Заев, после се сретнаа Груевски и Заев со членовите на Комисијата за 24 декември, па се појави и претседателот на Комисијата во оставка Борче Давитковски, па после Комисијата секој ден се состануваше, и претседателот на Комисијата секој ден беше оптимист. Дури имаше вести и од маргините на Комисискиот самит. Како онаа дека среде политичката криза која ја тресе Македонија, на Северина во Струмица и влезе прашинка во окото, ама ја спасија, како што спремно забележа Благородна Дулиќ, а Фрчко му се налути на Заев дека не го викнал.
    Значи драма со сите нишани. И кога ќе се извади драмата од настанот, што останува? Останува уште еден рок. Ќе го чекаме октомври. Ама сега можеме да бидеме порелаксирани. Оти знаеме дека извештајот на Европската комисија ќе биде лош.
    Така вели премиерот Никола Груевски. Тој уште пред да почне последната драма со Комисијата, рече дека ќе добиеме лош извештај од Европската комисија и оти за тоа е крив Бранко кој се вратил од одмор. И Заев кој нема контрола во партијата.
    По седум години неприкосновена власт на ВМРОДПМНЕ и направени реформи во секоја пора на општеството, по толку инвестиции и високи рејтинзи на “Дуинг бизнис”, со независно судство, слободни медиуми и исклучително поволна бизнис клима, лошата опозиција е виновна за еден лош извештај. Дури не е ни целата опозиција туку еден бивш лидер на опозицијата.
    2 Кога веќе имаш лош извештај, воопшто не е важно кој е крив. Како граѓанин, баш ми е гајле кој бил на одмор, а кој бил на Марс. И ако премиерот ми кажал дека целта на неговата работа е секоја година да добива позитивни извештаи од Брисел, воопшто немам разбирање кога се жали дека е многу тешко да се добие позитивен извештај ако имаш опозиција на чело со Бранко.
    Па не е лесно да се води држава. И ако целта е да се добие позитивен извештај, очекувам премиерот тоа да го испорача. Вака излегува дека тој не се занимава со решавање на проблемот туку со барање оправдание. А кога веќе ќе почнеш да бараш оправдувања, тогаш не е проблем да се најдат и виновници. И кога ќе се најдат виновници, ние треба да заборавиме дека извештајот е негативен.
    На крајот на краиштата, од лидер на власт не очекувам да ме заморува со процесот на наоѓање решение и барање разбирање дека СДСМ и порталите му правеле сплетки. Мене ме интересира дали тој ќе испорача позитивен извештај на ЕУ, или не.
    3 Ако веќе и има вина во опозицијата за дереџето до кое сме дојдени, па и за овој евентуално лош извештај од ЕУ, тогаш таа е во тоа што сите овие седум години, ако немале што да понудат свое, тогаш барем можеле да поддржат нешто што било добро, а што го направила власта. Оти не може во седум години баш ништо добро да не направиле. Зошто? Затоа што со поддржувањето на нешто за општо добро, а не само за нивното партиско добро, тие само ќе си го кренеа рејтингот, оти ќе покажеа дека се одговорна опозиција. А, патем, ќе му го земеа адутот на Груевски дека опозицијата е виновна за неговите неуспеси.
    4 Додека цела држава се занимаваше со политичката криза од која зависи напредокот кон ЕУ, претседателот Ѓорге Иванов во Охрид држеше предавања на школа за млади лидери.
    Прво претседателот сите го молеа да преземе нешто за деблокада на политичкиот дијалог. Така и стана иницијатор на Комисијата за 24 декември. После дијалогот пропадна, и неделава, кога се отвори можноста за повторна деблокада, единственото што имаше да го понуди шефот на државата, беше изјавата на неговиот кабинет дека “Претседателот очекува решение и се надева”.
    Па и јас се надевам. Сите ние се надеваме. Ама за разлика од нас, претседателот има ингеренции да направи нешто. Ај што Комисијата е негова, ај што е правник, ај што е доктор на науки, туку е и претседател. Претседател на држава. Значи, по уставна дефиниција тој е лидер. И наместо што им држеше теоретски предавања на деца што сакаат да бидат лидери, можеше со негов ангажман за деблокирање на Комисија да покаже на дело што е лидерство.
    5 За која држава зборуваше министерот Иво Ивановски кога рече дека стручните служби ќе обезбеделе независност на Агенцијата за медиуми, оти тие ќе биле непартиски и ќе ги подготвувале материјалите, а директорот само ќе ги потпишувал?
    Се слуша ли што зборува? И верува ли во тоа што го слуша? Кога се вработил непартиски кадар, или неистакнат симпатизер во државна служба во последниве дваесет години?
    Гледајќи го Иво, ми текна дека тој живеел во Америка и таму се школувал. Па си помислив дека можеби во Америка би имало резон тоа што го зборува. Оти таму стручните служби не ги именуваат со партиски книшки. Можеби затоа ним не им текнува со закон да официјализираат цензорско тело и автентично да си го толкуваат Првиот амандман на Уставот кој гарантира слобода на изразување и слобода на печатот, оти тоа е светиња.
    Баш би ме интересирало дали министерот Ивановски би можел во Америка да прави автентично толкување на Првиот амандман како што тука прави со членот 16 од Уставот кој, исто така, гарантира слобода на изразување. Оти, како што напредува цивилизацијата, се прошируваат слободите и правата на луѓето. Кога и би имало нови закони, тие би требало да обезбедат поголема слобода на информирањето и да ги заштитат граѓаните од евентуалните злоупотреби на власта. Ама кај нас се прават закони кои ќе ја заштитат власта од преголема слобода на информирање.
    Убаво завчера си кажа премиерот: “Медиуми и портали под контрола на СДСМ”. Што значи таа фраза? Дека другите медиуми се под контрола на власта? Едните се, демек, лоши, а другите се, демек, добри. Независни не може да има. Значи контролата е тука. Сега само ќе се заштити со закон.
    6 Минатиот викенд Министерството за животна средина организираше чистење во националните паркови Галичица, Пелистер и Маврово. Во Маврово дури беше организирана и манифестација “Еко грин фестивал”.
    Кај нас собирањето ѓубре е фестивал. Треба да се радуваме што собираме ѓубре. Ние го славиме ѓубрето така што еднаш во годината го собираме, а цела година го фрламе.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира