1. Во Македонија заврна снег. Управата за хидрометеорологија ни соопшти колку сантиметри наврнале во Битола. Колку во Скопје. Дури и во Гевгелија врнело. И на Маврово веќе има доволно за скијање. Само за Попова Шапка не ни кажаа. Зошто? Изгледа на Шара оваа зима не врне снег. Пролет на Шапка.
2. Шапка не е друга држава. Шапка е друг свет. Кога би била друга држава, Шара би ја викале горна Македонија. Бидејќи е погоре од Тетово. А Тетово е Македонија.
Најсолидно решение за проблемот со името е од сегашното ФИРОМ да ги извадиме самогласките. Ќе бидеме ФРМ. Федеративна Република Македонија. Два света, а една држава. Ќути, Мобимак е веќе тука, а и ОТЕ, кај и да е, ќе дојде. Тие ги поврзуваат световите.
3. А селата во другиот свет ги поврзува македонската полиција со мешовит состав. Полициските патроли прашуваат: “Господа учки, може едно крукче да свртиме во вашето село?” А тие им одговараат: “Може, може, ама само едно и тоа да не излегувате од колите. Ќе излезете од кола кога ќе изгласате закон за амнестија. За да се осетиме вистина рамноправни”. Половина час и – толку. Одете си со здравје, додека не сме почнале пак да се бориме за човекови права”.
Има една госпоѓа, се претставува дека е од ЕУ, се вика Кларис Пастори. Госпоѓата изгледа коректно, релативно фина, средена, ама строга. Кога зборува таа, чиниш ЕУ лично ни се обраќа, па во неа гледаме со стравопочит, ја цитираме по сите весници, и ја вртиме на вести по сите телевизии.
Е, таа госпоѓа завчера ни рече дека ќе била среќна ако “македонската полиција само поминела низ Доброште, Нераште и Одри”, но знаела дека “месното население не го дозволува тоа”.
Ете ти беља работа. Ние не сме знаеле дека според стандардите на ЕУ и, претпоставуваме, според законите на државата од каде што доаѓа госпоѓата, месното население се прашува дали сака полиција, каква полиција сака и колку саати сака да им се шета низ село. Сега научивме.
Е па госпоѓо Пастори, знаете ли вие каде почнува и каде завршува вашиот мандат? Или ќе ве испратат во Авганистан на дообука?
Кажано со речникот на европската дипломатија – и ние би биле среќни кога ЕУ не би ни испраќала такви типови какви што ни испраќа, ама знаеме дека за нас само такви има.
4. Циле остана сам. Го напуштија и Саво, Столе Попов и компанија. Тоа не значи дека Циле водел лоша кадровска политика. Тоа значи дека немал ни партија. Имал интересна група. Додека имаа интерес од него, сите беа дури и вљубени во него. Сега кога нема што да им даде му раскинаа. А и што има сега Саво од Циле? Ништо. Само мигрена. А Љубчо може и да му даде нешто. Ако веќе не му дал.
Море дај што ќе дадеш. Се однесуваат како да ќе нема утре. Сега што ќе земеш, земено е. Грабни додека има, зашто утре, сигурно Доста нема да смета на кадар од типот на Саво, а и кај Бранко не знам како би поминал.
Само Циле уште верува во третиот пат. А третиот пат – за него е секогаш пат за Америка.
5. Море видоа тие дека Чашуле човек се стори откако се врза со ВМРО-ДПМНЕ. Ене го во Њујорк. Завчера стигна едно соопштение од МНР. Не знам само како не им беше срам да го испратат. Велат дека шефот на дипломатијата бил на сесија на некое лево ќоше во ОН и дека таму биле некој потсекретар, помошник-потсекретар, копретседавач и неколку потпретседавачи. А на левото ќоше претседавал потпретседавачот Срѓан Керим, инаку другар на Чашуле. Се истркала лончето, да си го најде капачето. Дури до Њујорк.
Не знам дали и двајцата сметаат на нашата глупост, па ни сервираат такво соопштение. Тие изгледа мислат дека со самото одење на Чашуле во Њујорк, ние треба да паднеме во несвест. Штом е во Њујорк, значи прави нешто ептен значајно за државата. А за да изгледа многу важно, спие во апартман во “Валдорф асторија” каде што обично спие американскиот претседател.
Патем, не прочитав во соопштението на МНР – да не почнале да ги менуваат теписите во “Валдорф асторија”?
6. Љубчо си кажа што си кажа за предлогот на Кризната група и за името “Горна Македонија”. Туку, кај е Бранко? Баш сега отишол со Шеќеринска во Берлин. Сигурно пак на некоја Левица. И Бучко не е тука да се произнесе за името. Тој е во Белград. По дефиниција и традиција. Само Никола Поповски остана да ја тегне мастиката за “интересниот предлог”.
Бранко, пред да оди за Берлин, бил во Штип. И таму не зборувал за името, туку за тоа што ќе им прави на богаташите кога тој ќе дојде на власт. Како што јавија дописниците, тој рекол дека “ќе биде многу значајно дел од тие пари или стопански објекти да се повратат во сопственост на државата, на работниците, на овој народ.” И уште, Кастро од нашиот сокак порачал: “Еден ден, секој ќе мора да докажува како станал енормно богат”. Ајдеее… Тешко на капиталистите. Зашто Бранко ќе го отворел процесот на преиспитување на криминалната приватизација.
Ало, Бранко, кој прв почна?
7. Виц на неделата: Како Авганистанците го викаат Борис Трајковски?
Тора Бора.