ФУНДАМЕНТАЛИСТИ И КОМЕРЦИЈАЛИСТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:121:"Пациентитеќепреживеат,амаќеумратвицовитезадокториисестри

    1 Уште не можам да се освестам од шокот што ми го приреди новиот закон за забрана на употреба на пластични ќеси. Како ќе фрламе сега ѓубре? Јас самопослугите ги избирав според ќесите кои ги даваа. На пример, оние од “Веро” убаво ќе си ги фатиш за рачките, па педантно ќе си ги заврзеш во јазол, и можеш да си го чуваш ѓубрето речиси вакуумирано пред врата, а комшиите да не се бунат дека им смрди. Добри беа и оние од “Рамстор”. И тие убаво се пакуваа, ама некако многу шушкаа. Не ми легнаа на рака како оние од “Веро”, а плус и во контејнерот не ги личеше.
    Секогаш им се лутев на “СП Маркет” и на “Тинекс” оти ќесите не им се квалитетни. Мислам, í служеа тие на намената, ама некако секогаш кога имав полошо ѓубре ставав во “Тинекс”, а поубавото го чував за “Веро”. Освен пелените на син ми. За нив не трошев ќеси од брендирани супермаркети. Нив строго ги ставав во оние пазарските и пилјарските ќесиња што убаво се лепат на гранките од дрвјата секогаш кога ќе дувне ветре и ќе ги расчисти контејнерите. Ќе ја стиснеш пелената, ќе ја замоташ во розово или во жолто ќесуле, ќе ја подврзеш цврсто да излезе цела смрдеа од неа и можеш да си ја чуваш на тераса колку сакаш.
    Колку што знам, идејата на Владата беше сосема да се укине употребата на пластични ќеси. Затоа не сфаќам зошто сега уште ги има. И сî додека ги нудат, ќе ги има. Затоа што има ќеси за ѓубре, ама тие се поскапи. Зошто би купувал такви, кога овие се денарче или два. Додека се поевтини и додека ги нудат на каса, не се откажувам од хигиенската навика таму да си го собирам ѓубрето.
    Една ќеса треба да биде барем 30 денари. Ама не тие пари да одат во “Веро” или во локалниот гранап. Тие пари треба да бидат еколошка такса што ќе ја собира државата. Па ако не си еколошки свесен, ќе си платиш глоба за екологија во вид на ќеса, ама тие пари државата ќе ги вложи во капацитети за рециклирање. Или за нешто друго за заштита на околината. Па кога ќе се продадат милион ќеси, ќе има половина милион евра за инвестиции во екологијата. А не половина милион евра екстра ќар за трговците.

    2 Министерот за здравство Бујар Османи побарал од директорите на болниците да назначат луѓе што ќе го прегледуваат материјалот снимен на камерите во ходниците и секојдневно ќе му праќаат извештај што виделе.
    Се снима во 71 болница. И тоа 24 часа. Како може еден човек да го прегледа цел материјал? За секое работно место ќе треба да се вработат барем тројца. За да има секој по осум часа работа. Седумдесет болници по тројца, ети ти 210 нови работни места. Ај заокружи на триста, оти и овие пазачите ќе мора некогаш да одат на одмор или да се разболат, па ќе им треба замена.
    Ако нема нови вработувања, тешко ќе му биде на главниот пазач. Како сам да прегледа 24часовна снимка, а притоа да води министерство? Ќе ја гледа забрзано? Или тоа што се случува навечер нема да го гледа. А баш тоа, за време на дежурствата, може да биде најинтересно. Остави друго, можеби ќе преживеат пациентите, ама, дефинитивно, ќе умрат вицовите за докторите и сестрите.
    Снимките можат да имаат широка примена во секојдневниот живот. На пример, ако шефот не ти верува дека си бил на лекар, ќе му однесеш дивиди и ќе му речеш: “Еве, најди ме на снимката”. Или ќе ја лажеш жена ти дека си на работа, а швалерката дека си кај жената, а ти чекаш во ходник за преглед на простата.

    3 Со месеци градот е излепен со плакати од фантомска невладина организација која ни порачува дека “Абортусот е убиство”.
    На телевизија нî бомбардира владината кампања за трето дете и дека со правењето деца сме поблиску до Бога.
    А и Црквата, меѓу два бизниса во хотелскоугостителската дејност, ни порачува дека треба да се множиме и дека абортусот е грев.
    И миц, по миц, ќе дојдеме и до сериозна филозофскотеолошка и далбокоумна расправа на тема дали и маструрбирањето е грев, па богами дали и кондомите треба да се забранат. Оти, ако абортусот е убиство, тогаш мастурбирањето или свршувањето во кондом е геноцид.
    Каква што ни ја дал Господ Владата што си ја избравме и како што си ја имаме МПЦ што се души во борбата за превласт меѓу православните фундаменталисти и православните комерцијалисти, ништо чудно утре да видиме слични плакати со потпис “Остваруваме, Влада на РМ”. Оти, Владата тргнала да го реформира општеството качена на бранот на популизмот, но почна да се дави оти самата го дигна до цунами.
    И абортусот како тема е популистички идеална за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми во здравството и образованието. Оти и тоа е, нели, во “духот на конзервативната идеја” и во рамки на “борбата против пад на наталитетот, промовирањето на европски вредности, ослободување на срцето и подигање на патриотизмот”.
    Затоа тие секој ден ме потсетуваат дека “Ти си Македонија”. За да не помислам дека, пред сî, сум човек. И дека како човек имам право на избор. И дека правото на абортус е, исто така, право на избор и како такво е цивилизациска придобивка.
    Баш ме интересира како на Влада би гласале министерките Гордана Јанкуловска и Елизабета Канческа Милевска. И дали ако партијата тоа го побара од нив, против абортусот како право на избор и како цивилизациска придобивка ќе гласаат и пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ и колешките од владејачката коалиција.
    Така ќерките и внуките ќе ги фрлат во канџите на квазимедицинската мафија. Евентуалната несакана бременост нема да ја прекинуваат во болниците каде што ќе ги снимаат камерите туку ќе одат по шупи и мотели кај надрилекари и ветеринари. Или министерките и пратеничките можат да бидат дисциплинирани војници на партиската фаланга оти тие своите ќерки и внуки ќе ги праќаат во странство каде што абортусот е легален.
    Има најмалку четворица министри во Владата на Груевски за кои сум сигурен дека нивните деца нема да учат со моите. Оти нема да живеат во Македонија.
    Ама што да правам. За разлика од нив, јас сум Македонија.

    4 Три комисии ја испитуваа причината за несреќата на воениот хеликоптер во која загинаа 11 мировници. По цела година, рекоа дека причините за несреќата се воена тајна.
    Во воздухопловство, едноставно, не постои зборот тајна. Оти секој детаљ е важен за спречување нови несреќи и нови жртви.
    Ако биле неисправни инструментите на хеликоптерот, тоа не е воена тајна. Тоа е скандал.
    Ако пилотот не бил обучен за инструментално летање, тоа не е воена тајна. Тоа е скандал.
    Ако ремонтот се правел во фирма која не е специјализирана, тоа не е воена тајна. Тоа е скандал.
    Во оваа држава за проститутките има задолжителен преглед и парична казна. Шверцери на тутун за кои уште нема докази се во притвор. За инкасанти на патарини има затвор.
    Но кога има 11 загинати луѓе и осакатени 11 семејства, нема одговорност од никого. Оти тоа е воена тајна.
    Тоа е скандал.

    5 Али Ахмети добил инспирација за траен дијалог. Го гледал спотот “Ти си Македонија” со Александар Македонски и му текнало како да му помогне на коалициониот партнер Груевски во битките со минатото. Од лидер на ОНА, ќе се прекомандува во лидер на Македонската фаланга.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира