ГАЌИТЕ ГОРЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:72:"Мојатамајкаедобракакозмијатакобра

    1 Ние сме ти едни фини малограѓани. Кои повеќе се грижат што ќе кажат луѓето отколку што им е гајле како живеат секој ден.
    Затоа и воопшто не се потресов од она што се случи со новинарската трибина во Европскиот парламент во Брисел. Зошто тоа таму во Европа, што се случило само еден ден во годината е срамота, бламажа и скандал, а тоа што ни се случува секој ден во Скопје, во Тетово, во Битола, во Струмица… е нормална работа. Па исто е.
    Ако кажеш дека многу ти се допаѓаат новите градби во Скопје ти си ептен ВМРОвец. Ако кажеш дека не треба да се гради, туку парите треба да се потрошат за нешто друго, тогаш си комуњара. А ако кажеш дека е добро што се гради, ама баш и не ти се допаѓа тој стил, тогаш или си ВМРОвец, или комуњара. Зависи кому си кажал.
    Ако се одушевуваш на споменикот на Александар, тогаш си патриот. Ако немаш ништо против Александар, ама ако кажеш дека споменикот е кич, тогаш си предавник. А ако кажеш и дека си против Александар, тогаш си суперпредавник.
    Ако се радуваш на успехот на кошаркарите во Литванија и закачиш државно знаме на балкон, тогаш си Македонец. Ако ги славиш кошаркарите и ја пееш “Гоцевата раса”, тогаш си Супермакедонец. А ако споменеш дека за освоено четврто место Владата изрежира исфорсирана приредба, тогаш си Антимакедонец зрел за протерување од државата.
    Затоа најдобро да си молчиш. Да се правиш дека не си од тука.
    Којзнае, можеби да не живеевме тука, ќе ни беше смешно.

    2 На ред за сеир сега се новинарите. Тоа не е ништо веќе досега невидено. Па нели имавме протести на незадоволни стечајци и контрапротести на задоволни стечајци? Нели имавме задоволни тутунари и незадоволни тутунари? Нели директорите на болниците се делат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а СДСМ и ДПА чекаат кога ќе им дојде редот? Имаме и задоволни и незадоволни пациенти. Нели имаме пејачи што пеат за “нашите” и пејачи што пеат за “вашите”? И балерини и глумци. И судии и адвокати. И лустратори. И професори и студентски лидери. И невладини и владини “невладини”…
    Тука дури и нормален човек мора секојдневно да си ја добива пропишаната доза отров за да може да функционира. Оти бруталната исклучивост и поделеност на “наши” и “ваши” влезе во срцевината на македонското општество. И во моментот кога само и што ќе се обидеш да кажеш дека веќе не сакаш да те трујат, ќе те изложат на дополнителна доза. Уште поотровна и уште поопасна.
    Така ние си живееме на нашето буниште. Си се валкаме дома отруени со омраза. Ама кога тоа буниште ќе им го пренесеме во Брисел, тогаш тоа било срамота
    И што може да прави човек во ваква ситуација за да остане нормален? Да ги остави да се делат на патриоти и предавници и да си ја брка својата работа. И кога ќе му побараат да се изјасни за кого е, да им даде број на добар психијатар. Со надеж дека може да им помогне.

    3 Во грчкиот Парламент расправале за навивачката песна “Излези момче”. Оти банкротот го решија, Германија работи, а тие немаат други посериозни проблеми.
    И во Македонија се отвори многу длабинска и конструктивна дискусија за песната со аналитички приод кон истата. Оти се споменува “Гоцевата раса”. И ќе се оди на Солунско Поле. А момчето излегло на тераса. Ама литературно не се викало тераса. Туку балкон. На што дискусијата кулминираше со потребата од правење јасна дистинкција меѓу тераса и балкон. За што експертската јавност с уште не се произнела.
    Арно ама не била ни “Гоцевата раса”. Туку било “Гоцева тераса”. Ама бидејќи неписмените викаат “тараса”, звучело како “Гоцевата раса”.
    А “Солунско Поле” е ставено за да има рима. Кога има рима, тогаш и песната штима. Па на “рацете горе”, оди “Солунско Поле”. На што на социјалните мрежи на Интернет се појавија фотографии за илустрација на Гоцеви тераси ширум македонските градови. На кои, традиционално, во првиот ред се суши долната облека. Па Гоцева тераса е синоним за “Гаќите кренати високо горе”. Што повторно најдобро се римува со “Солунско Поле”.
    Оф мори, мајко. Кај песната не е наша оригинална, туку некои навивачи ја препејувале од српска, туку ние воинствените од “Гоцевата раса” ќе сме го освојувале Солунско Поле. Со што? Со кубурот што го чуваме за не дај боже. Ние на нашите полиња не знаеме што да им правиме, освен слободни економски зони, па Солунско ќе го средиме.

    4 Ова со “Гоцева тераса” има логика приближно исто како што има логика и објаснувањето на европратеникот Шацимаркакис зошто ги избркал новинарите со грчкиот навредлив збор “малака”. Прво рече дека не им рекол “малака” на новинарите, туку на обезбедувањето, оти бил лут дека не дошле навреме во салата. После рече дека секогаш кога е нервозен, сам на себе си викал “малака”.
    Е малака, малака… Долниов од Горна Македонија многу те сака. И да не викаш друг пат така. За да не ти е мака.

    5 Ова со римата ме потсетува на еден настан од основно училиште, кога учителката ни даде задача да напишеме песна за 8 Март. Па една другарка напиша: “Мојата мајка е добра како змијата кобра”. Римата ја погоди, ама петка не доби.

    6 Да се Турците толку сериозни како Грците, тогаш и во Парламентот во Анкара треба да се отвори дебата за песната што се пееше при дочекот на кошаркарите на аеродромот “Александар Велики”. Кај аеродром ни изградија, кај првиот авион со навивачите тие го платија, кај торта за кошаркарите спремија, кога ги качија на бината на која пишуваше ТАВ им запеавме “Земјо македонска, земјо турскоропска Македонијо…”.
    Тамам им запеавме. Срцето им го згреавме.

    5 Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи рече дека извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ ќе бил реален одраз на состојбите во земјата.
    И Теута се прави како да не е од тука. Од 2002 година ДУИ е речиси без прекин во власта.
    Нека не ми кажува дека извештајот од Брисел ќе бил реален. Ај да видиме кој е нејзиниот реален придонес и кој е придонесот на ДУИ за состојбите да бидат подобри.
    И нека не зборуваат само за решавање на името. Нека зборат малку и за владеење на правото. И за нивниот придонес како “нашите” и “вашите” ќе бидат исти пред законот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира