1 Најубаво е сега да си кичевчанец или стружанец. Не е лесно. Ама барем е политички коректно. Не мора да се правдаш дали си за ВМРО или за СДСМ. Бидејќи, и онака никој не те прашува дали си за ДУИ или за ДПА. Не мора да се плашиш за работно место, да правиш списоци на гласачи за твоите или за нивните, не мора да се караш по кафеани, не мора да го сликаш ливчето за кого си гласал… Кога ќе те прашаат за кого си, ќе речеш “За нашите!”. И ќе ти веруваат.
Во земјата на чудата, Никола Груевски во Струга зборуваше, а зад него кандидатите за советници на СДСМ и лидерот на струшките СДСМ-овци аплаудираа. Вечерва, пак, СДСМ ќе има митинг во Струга. Ќе ги промовира истите кандидати што ги промовираше ВМРО-ДПМНЕ. Само што сега ВМРО-вците ќе мора да се качат на бината и да му аплаудираат на СДСМ.
Читам разни аналитичари и експерти што велат дека договорот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе доведе до етничка поделба и етнички тензии. Божем досега тензии ич немавме. И божем досега не се гласаше по етничка припадност.
Навистина, еднаш Македонците се обидоа да гласаат граѓански. Се занесоа дека и Македонија го добила својот Барак Обама. Над 70 илјади Македонци во 2009 година го заокружија Имер Селмани како кандидат за Претседател на државата. Дури и во Источна Македонија му броеја гласови. Никој не гласаше за Селмани под присила, никој немаше пар-тиска директива да гласа за него ниту, пак, се полнеа кутии. Пограѓански од тоа – здравје.
Арно ама, Селмани веднаш потоа им докажа на наивните гласачи дека згрешиле. Стана порадикален од Мендух Тачи и од Али Ахмети заедно. Така што, оваа генерација албански политичари си го потроши кредитот да исфрли Обама. И преку глава ми е секогаш Македонците да мора да се правдаат. Особено што албанските гласачи досега не покажале дека би гласале за македонски Обама, и тоа без партиска директива и пукање на гласачки места. Како што на времето гласаа за Борис Трајковски.
2 Кичево е град. Ама изгледа дека кандидатот на ДУИ за градоначалник уште не се симнал од планина. Фатмир Дехари на Фејсбук се промовираше сликан со калашников. Спомен од 2001 година.
Каква порака им испраќа Дехари на гласачите? Еве, јас имам оружје за да ги решавам сите ваши проблеми. Кога ќе распалам, ќе ги срамнам сите улици. Како ли ќе му изгледаат комуналните инспектори ако победи? Ќе носат бомби? Снегот и запуштените канали со што ќе ги чисти? Со тенкот од Радуша?
3 Изборна топ-тема на овие локални избори е гасификацијата. Сите кандидати за градоначалници ветуваат гасифицирање на општините. А гасовод нема. Важно е дека клучниот збор на сите изборни програми е гас. Само ме чуди зошто Северина ќе дојде да пее дури по изборите. Нејзиниот хит “Гас, гас” ќе беше одлична химна за сите кандидати.
Морам да признаам, кога го видов кандидатот за градоначалник на Кичево како се џилита со тоа машинката, ич не обрнав внимание дали и тој нуди гас, гас. Мислам дека не нуди. И поарно. Пукање и гас не одат заедно.
4 Меѓународниот фактор во Македонија уште вечерта кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја поднесуваа заедничката кандидатура за Струга и за Кичево во ДИК, почна да пушта болви дека тоа не чини за соживотот. Ама не чув некој ни тајно, а не пак јавно да има нешто да каже за калашниковот на Дехари. И за неговите говори за спојување на Кичево со Чаир и со Тирана.
И сега они ќе зборуваат за фер и демократски избори. Ќе повикуваат да нема насилство. Да нема полнење кутии и групно гласање. Да нема заплашување на гласачите.
Баш ме интересира кој од ОБСЕ или од ОДИХР ќе се осмели да провери некое гласачко место или да надгледува гласање и да брои ливчиња од гласачка кутија во некое кичевско село каде што кандидатот за градоначалник се промовира со машинка. Кој ќе дојде? Може шефот на набљудувачката мисија Герт Аренс ќе се охрабри. Нека проба.
Како викаат странците? Мора да биде фер.
5 Платената политичка програма може да направи нешто што ниту најбогатиот комерцијален клиент не може да го направи. Може да ја измени програмската шема на телевизиите. Дури и терминот на редовните вести не е фиксен. Се одложува додека не заврши политичкиот пропаганден блок. Ај вестите, туку и турските серии настрадаа.
Да се разбереме. Не мислам дека политичкиот комерцијален притисок е полош од корпоративниот комерцијален притисок. Ама пред секои избори станува очебијно кој е главен во медиумите. Тој што плаќа најмногу. А обично најмногу плаќа партијата на власт. Така било од 1991 до денеска. Кој не се сеќава, нека памети за следните избори.
За што, всушност, зборуваме, кога зборуваме за слобода на изразување и за демократија? За независност? За професионални медиуми? За професионални стандарди?
И менувањето термин на редовните вести си има своја цена. Едно евро секунда.
6 Далдисани од изборите никој не се сети да го побара командант Мсуси, директорот на “Македонска пошта”, да каже дали парите кои беа украдени сосе сефот од битолската пошта, биле осигурани. Како што го прашуваа кога се запали скопската пошта. Тогаш самиот рече дека немаше голема штета, а муралите кои изгореа не ги ни спомена. Тие немаат ни цена. А во Битола уште и ќар излезе поштата. Крадците оставиле нов катанец.
Прво ги напаѓаа поштарите што носеа пензии и ги крадеа парите. Откако пензионерите ги префрлија на трансакциски сметки и на картички, почнаа да ги напаѓаат поштенските комбиња. Па се зајакна обезбедувањето на транспортот на парите. Видоа, не видоа, сега си влегуваат директно во пошта. Си кршат катанец и си влегуваат во дворот. Па влегуваат во зградата на главната пошта. И си го носат целиот сеф. Не знаеле дека тежи 400 кила, па имале време да викнат и засилување. Го спуштиле од прв кат на приземје. Во дворот го натовариле на виљушкар. И на крај, купиле нов катанец и го заклучиле дворот. Ептен дома-ќински. Особено што и виљушкарот го оставиле. Да се најде. Може ќе има уште нешто да се изнесе. Камерите не работеле. Никој ништо не видел, никој ништо не чул.
МВР може да ја стопира истрагата. Сефот со парите не е украден. Само е дислоциран на побезбедна локација.