1 Па добро бе. Како може да исчезне непроценливо богатство од музеј во центар на главниот град на една држава, а никој не знае ништо, ни кога, ни како, а не пак кој си ги зел артефактите. Прво се крадеа археолошки наоѓалишта. Потоа се крадеа икони од цркви. А сега се краде и во музеј. Чиста работа. Попишано, класифицирано, конзервирано… Што е следно? Да беа поштите сигурни, оти и нив ги ограбуваат, ќе им ги праќаа со брза пратка.
Добро што Музејот се сели. Па при селењето открија дека им фалат артефакти. Ќе треба почесто да се селат.
Попис на луѓе не можеме да направиме. Туку дај да се преброиме што од уметнички предмети ни останало по музеи, галерии, библиотеки, архиви, цркви, џамии, да пријавиме кој што си има по дома, да ги собереме на куп и да им ги поделиме на светските музеи, Метрополитен во Њујорк, Британскиот музеј во Лондон, Лувр во Париз… Да ни го почуваат малку националното богатство. Додека да се консолидираме како држава. Таму барем ќе бидат на сигурно. И ако, евентуално, некој ги украде од таму, барем веднаш ќе забележат дека ги нема.
2 Министерот Џери Наумоф го чекавме долго време да се приспособи на македонската клима. Заборавивме за што министер е поставен. Ги чекавме, го чекавме, и конечно се појави со група можни кинески инвеститори што упорно бараат македонски визи. Цел свет инвестира во Кина, поради евтината работна сила, а Џери ги повика Кинезите да инвестираат во Македонија, оти и ние имаме свои вредности и предности. Министерот Џери го рече ова: “Македонија во однос на трошоците за производство е исто толку конкурентна колку и Кина. Во Македонија има најниски плати во Европа”. Рече Џери, и за тоа зема плата.
Блазе си ни. Тоа нe прави многу горди. Стасавме и ние да сме конкурентни на светскиот пазар. Не сме само Индија во Европа. Ние сме Кина во Европа.
По оваа изјава на министерот Џери Наумоф, веќе се подготвува нова реклама за привлекување странски инвестиции со нов слоган: Дојдете во Македонија, ние ќе ви работиме за џабе.
А министерот веќе се подготвува за следниот проект. Ќе оди по инвеститори во Бангладеш.
3 Инаку, Индијците успешно ја испратија првата вселенска мисија за Марс. Лансираа ракета. А бе Субрата Рој нешто го нема деновиве.
4 Инаку, настрана конкурентните плати, оваа недела имавме многу оптимистички проекции. Растот на бруто-домашниот производ е повисок од Еврозоната и САД. Порасна и индустриското производство. Пораснала и куповната моќ на граѓаните.
Веројатно некој тоа и го чувствува. Блазе си му.
5 Метју Нимиц се шетал низ Европа. Па бил и во Берлин. И си вика, што да правам, со кого да помуабетам за моите напори за решавање на спорот, па отишол до сојузната германска Влада. Се пријавил на пријавница. Добар ден, се извинувам, канцеларката во канцеларија ли е денеска? И тие му рекле, да тука е, нема работа, оти влада уште нема формирано. Ги потпишува платите, ама многу ќе ти се израдува, да $ го разубавиш денот. И така Нимиц отиде да ја информира канцеларката Ангела Меркел за неговите напори за решавање на спорот. Оти таа досега не била информирана.
Американскиот амбасадор во Скопје Пол Волерс рече дека тоа е добро. Сигурно си помислил: “Ај малку друг нека им го бере гајлето”. Ама нека не се надева дека така лесно ќе се откажеме од Американците. Оти Меркел на цела Европа $ го бере гајлето кај $ одат парите, па којзнае дали ќе сака уште и кума за име да биде. Ајде, кумо, ти изгоре ќесето. Со тој себап покрај Самарас, може и Груевски некоја паричка да добие од Германците.
Значи, шумарот од Вашингтон, колку и да е лут, досега не успеа да ги разбрка Германците и партизаните. Ама ако дојде шумаркава од Берлин, и ако се налути, нека му ја мислат и партизаните и Германците.
Обама едно време беше прогласен за најмоќен човек во светот. А Ангела Меркел беше прогласена за најмоќна жена во светот. Па сега видете што е полошо.
6 Загадувањето во Скопје изминативе денови било четири пати поголемо од дозволеното. И некои медиуми дигнаа паника. Без да земат предвид дека лани, во истото време загадувањето во Скопје било десет пати поголемо од дозволеното.
Тоа е пристрасно информирање. Медиумите зборуваат за загаденост, наместо за подобрување на квалитетот на воздухот. Ние и на ова поле бележиме напредок. Кој во Европа, а богами и во светот успеал да ја намали загаденоста за 60 отсто. И тоа и покрај увозот на стари коли, немањето филтри на индустријата што е во подем и градежниот бум. Ај нека пробаат таму некаде во ЕУ толку драстично да го подобрат квалитетот на воздухот како кај нас.
И најзелената партија на Лиле Поповска ДОМ деновиве почувствува потреба да се обрати до јавноста. Одржаа прес-конференција на која ја повикаа меѓународната заедница да изврши притисок врз Грција. Во врска со името.
А градоначалникот на Скопје Коце Трајановски објасни дека е нормално во центарот на Скопје да има поголема загаденост од нормалата, оти многу се гради.
Е сега веќе можам полесно да дишам. Ако треба да се умира од загаден воздух, барем да се умира за повисоки цели.