1 Меѓународната заедница вчера констатираше “значаен напредок” на Македонија во развојот на “стабилна и демократска мултиетничка држава” по повод петгодишнината од Охридскиот договор. Соопштението е потпишано од претставниците на САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО.
Како смееле амбасадорите да го изјават ова? Му се јавија ли на Али Ахмети да побараат дозвола? Оти тој инсистира дека има авторско право на Охридскиот договор. Вели дека тоа што мандатарот Груевски не ја одбира ДУИ за партнер во власта е “погребување на Охридскиот договор”.
“Не прифаќаме улога на опозиција”, открива Али Ахмети. Какви приказни за правата на Албанците, за непочитување на волјата на мнозинството гласачи и застој на демократските процеси…Тој си има личен проблем. Не прифаќа да биде опозиција. Едноставно, не може да се помири. И затоа бара од “САД, ЕУ и НАТО да се вмешаат и да интервенираат во преговорите за новата влада”.
Од што не може да се помири со судбината, мисли дека е центар на светот. И дека меѓународната заедница нема попаметна работа од тоа да се занимава со него. Во 2002 година го ставија во власта. Нема белким секои четири години да му помагаат со меѓународна интервенција.
2 Потпретседателот на ДУИ Рафиз Алити за блокадите на улиците вели: “Знаеме дека го кршиме законот, но тоа не е прв пат. Луѓето на ВМРО-ДПМНЕ први не го почитуваа кога се бунеа против продажбата на ЕСМ. Но, сега се работи за нешто друго и позначајно, а тоа е заштита на гласот на 120.000 граѓани”.
Кога ДУИ беше во власта го обвинуваше здружението “Гласот на светлината” дека крши закон. Но, од тие блокади луѓето на Али Ахмети ги научија стратешките точки, како со минимален број луѓе да направат хаос во сообраќајот.
“Гласот на светлината” го кршеше законот што го донесоа СДСМ и ДУИ. Тие го бранеа правото на 2 милиона корисници на струја. Ама кога се во прашање Албанците и кршењето закон е легитимно право. Оти нивниот глас е посилен од светлината. Бидејќи и онака не плаќаат струја.
3 Новиот газда на ЕСМ австриската ЕВН почна да ги исклучува неплаќачите. Открија дека државните институции не платиле струја во вредност од 12 милиони евра. Ние како даночни обврзници сме им дале пари, меѓу другото, да си платат и струја, а тие ги потрошиле.
Откако Австријците ги исклучија и Генералштабот на АРМ и Министерството за финансии и десетина училишта и културни установи, другиот ден побрзаа да си го платат долгот.
Тоа е одлична инвестиција. Прво ќе ѝ платиш на државата 225 милиони евра за да го купиш монополот за дистрибуција на струја. Потоа државата ќе ти ги врати парите назад.
4 Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан по обелоденувањето на скандалозната продажба на црквата и манастирите во Говрлево на Цементарницата “Усје” рече дека е многу убаво тоа што медиумите ја откриле целата работа.
Уште да ни кажеше: “Убаво што го откривте проблемот. Сега сами да си го решите. Да сакаше МПЦ да го решава, немаше ни да го продаде манастирот”.
5 Во јули 1997 година, Бранко Црвенковски како тогашен премиер и како лидер на СДСМ на годишната конференција на партијата самокритички прашал дали ситуацијата во Македонија е навистина најтешка во Европа. И самиот си одговорил дека “кај нас е неспоредливо подобро отколку во Албанија, СР Југославија и Бугарија”.
Завчера Бугарите ни соопштија дека од жал нема да ни ги наплаќаат визите што мора да ни ги воведат оти ќе влезат во ЕУ. Албанија ги укина визите оти годинава нејзините плажи се преплавени со македонски туристи. А СР Југославија не постои, но Србија продаде еден мобилен оператор за милијарда и пол евра, наспроти нашите 225 милиони за монопол за струја.
Тоа е истиот Бранко кој во 1997 година беше премиер во втор мандат, потоа беше лидер на опозиција, па пак премиер, а сега е претседател на државата и главна личност во СДСМ околу која се вртат сите интриги за новиот шеф на партијата.
Кога ќе чекаме во редот за бесплатна бугарска виза ќе имаме време да размислиме за изборот што го имаме во државата. И нека не ме теши меѓународната заедница дека “значајно сме напреднале”. Точно е. Понапред сме во редот за виза.