1. Портпаролот Антонио Милошоски рече дека Парламентот се занимава со глупости. Па шчо!? Тој би сакал пратениците да се занимаваат со одбрана, а тие расправаат за напади и за убиства.
Зошто пратениците се навредија на изјавата на Милошоски? Бидејќи парламентот гласа за доверба на Владата, а Владата го поставува Милошоски за портпарол, тогаш пратениците навистина направиле голема глупост. Ја изгласале оваа влада.
Сепак, малку е несериозно да се каже дека пратениците се занимаваат со глупости. Тие расправаат за една тема веќе цела недела. Не можат да ги приберат до пладне секој ден, а во 18 часот кога завршуваат, секогаш се на работ на кворумот. Што подолго расправаат тоа е подобро за нив. Секој ден – нова дневница. Зар така би постапил глупав човек?
Покрај расправата за инцидентите на изборите, пратениците, по изјавата на Милошоски си добија нова тема: Дали се глупави или не? Затоа, ме чуди што оваа расправа за глупоста не траеше барем уште една недела. За сè е виновен претседателот на Собранието Саво Климовски. Што му требаше да се враќа на работа и да нè лиши од задоволството да уживаме во настапите на потпретседателот Томислав Стојановски. Нему темата за глупоста најмногу му лежи. Кога расправата за глупоста би ја водел Стојановски, ефектот би бил многу поголем. Би поставувал реторички прашања од типот: “А јас, магаре ли сум?” И би барал да види што има во гаќите на другите пратеници.
2. Саво Климовски ја прекина расправата меѓу Валентина Божиновска и Радмила Шеќеринска, а пред тоа меѓу Шеќеринска и Ѓулистана Марковска со зборовите: “Да прекинеме со ова женско шоу!” Која шоу програма сме пропуштиле, што тој ден седницата не ја водеше Томислав Стојановски. Џентлменски ќе ги отераше во мајчината.
За разлика од него, женското шоу беше многу инспиративно за пратеникот Љубисав Иванов. Тој е многу среќен што сфатил дека Валентина сега го сака. Под импресиите на ова сознание, Ѕинго имаше наплив на поетски изблици. Па во еден здив изрецитира: “Бела крава, црно млеко дава!”
Ѕинго рече дека разбира што е реализам, а што романтизам, ама не знае што е модернизам. Во женското шоу требаше да се вклучи и парламентарката Илинка Митрева. Како професор по филологија, да ги разјаснеше правците. Валентина е романтичарка. Шеќеринска – груба реалистка. Ѓулистана секогаш е тоа што треба да биде. Ќе го смени правецот, како што ги менува партиите.
Милошевиќ не се враќа, втор круг нема да има, па Ѕинго ќе мора да премине во поети. Како што падна во љубов со Валентина, ништо чудно в година, на “Струшките вечери”, глумицата да рецитира песни од поетската збирка на кратовскиот новосознаен модернист. “Бела крава, црно млеко дава /ај погодете/ кој каде парите ги клава”.
3. Само на Амди Бајрам му е преку глава од жени. Прво го нападнале “мушкарци”, а го “докрајчила” една жена. “Смејте се, смејте, ама не е за смеење жена да ве докрајчи”, ги предупреди Бајрам пратениците.
Тој се пожали дека 70 отсто од докторите на Кардиологија се од СДСМ и 89 отсто од судиите со душа и срце се со СДСМ. Во иднина нема да кажува 102 отсто, бидејќи му се смееле, па сега ќе вели 98 отсто. Бидејќи Амди Бајрам се разбира во проценти, конечно е најдена мера на глупоста. 98 отсто.
4. Милошоски не бил ни свесен колку погодил со изјавата за глупоста. Само што требаше да ја прошири и на Владата.
Љубчо пред извесно време ги повика ТАТ-овци сами да си го сменат стечајниот управник. Човекот завчера само што не бил линчуван од разгневените штедачи.
Ако во државата незадоволните штедачи сами менуваат стечаен управник, ако Лефтеров менува директори со упади во фирми, ако рекетари ја обезбедуваат полицијата, ако централата на владејачката партија бара од локалните активисти да ја оценуваат подобноста на судиите, тогаш значи дека Владата не верува во правото и во системот во чие име владее.
Љубчо не верува во право, тој верува во сила. Ако денеска ТАТ-овци се подготвени сами да ја земат правдата во свои раце, тогаш кого ли треба да натепаат нормалните девизни штедачи, на кои обврзниците им вредат половина од заштеденото. Стапот има два краја. Утре некој ќе тргне да го менува премиерот. А бидејќи тој ги поткопува правниот систем и процедурата, самиот не ќе има инструмент со кој ќе може да се одбрани.
5. Мерата на Амди Бајрам во старт ја исполнува оној што му наредил на Клиничкиот центар да ги укине тековните сметки на вработените во Комерцијална банка и да ги префрли во друга. Околу 5.000 вработени имаа дозволен минус од две плати.
Кога Владата ќе реши да демонстрира сила, плаќаат обичните граѓани. Колку ли сега треба да платат за да го смени Владата Хари Костов. И зошто граѓаните да плаќаат за каприците на политичарите. Со сметките во банката не ќе можат да се расчистат до следните избори. Владата заборава дека некој пак треба да гласа за нив. Или 5.000 гласа не им значат ништо.