1 Извинете, може нешто да прашам? Не може.
Еве како една најобична приказна ја отсликува слободата на изразувањето во Македонија. Слушнавме дека во просториите на Советот за радиодифузија тепале глувци, и се јавивме да прашаме дали е тоа вистина. Претседателот на Советот Зоран Трајчевски рече дека нема коментар.
Ние не побаравме коментар. Баравме глувци.
Ама за да не ги најдеме случајно глувците, ни испратија закана дека ако продолжиме да ги бараме случајот, ќе добие судска разрешница.
Алооо! За глувци станува збор. Не прашавме ништо за буџетот.
Реакцијата на независното регулаторно тело е типично за оваа влада. Ќе напишеш нешто дека е мравка, а тие ќе извадат тешка артилерија. Ќе распукаат со соопштенија и од Влада, и од ВМРО-ДПМНЕ, и од Курир, и од нему сателитските веб портали, па дури и колумни од кучињата што ги хранат за лаење ќе нарачаат. Па и извинување на прва страница ќе побараат. Како што има обичај спикерот Трајко Вељаноски да бара.
И после се чудат зошто ни паѓал рејтингот кај организациите кои ја мерат слободата на из-разување. И зошто има недоверба кон новиот закон за медиуми. И зошто Стејт департментот дал лош извештај за почитувањето на човековите права во Македонија.
Е зошто де, зошто? Затоа што не смееш да прашаш. Основното право да поставиш прашање е доведено во прашање.
Па сега осмели се. И прашај.
2 Ако за секое прашање ти се закануваат со тужба, ако сопствениците на медиумите, исто така, се плашат што ќе прашаат нивните новинари, а речиси е извесно дека судот ќе пресуди против новинарите што се осмелиле да прашаат, тогаш главна вест е само тоа што ќе ти го кажат. На пример, дека претседателот Ѓорге Иванов ќе оди во своето родно Валандово. И дека министерот за здравство ќе одржи прес-конференција. А вест во низа е поставување камен-темелник за ова или за она.
Се прашувам само кого тоа го интересира?
3 Меѓу државните вести кои не провоцираат прашања се протна и една сериозна. Мачка во Скопје добила беснило, и каснала човек.
На вестите стручните лица апелираа: “Ако се забележи атипично однесување кај животните, тоа да биде веднаш пријавено”.
Никој не вели дали дали треба да се пријави атипично однесување кај луѓето. Смее или не смее?
4 Откако ги решивме проблемите со мачката и со глувците, јас засега немам повеќе пра-шања. Ја предавам говорницата на тужителот.
5 Всушност, ако СДСМ не ми се закани со суд, барем додека е во опозиција, би сакал да прашам уште нешто. Зошто им пречеше Владо Камбовски да биде претседател на анкетната комисија за 24 декември? Рекоа дека бил министер во Владата на Љубчо Георгиевски. Па нели Љубчо со нив беше пред Собрание на 23 декември вечерта?
Башка Камбовски беше министер за правда во последната југословенска влада на Анте Мар-ковиќ. Таму кој го предложи? СКМ. Партијата чиј имот го наследи сегашниот СДСМ.
Изгледа дека навистина СДСМ ни самите веќе не знаат кои се и каде се.
Двете најголеми партии, веќе шести месец не можат да се договорат да ја создадат комиси-јата која треба да испита еден многу сериозен инцидент кој стана нов бенчмарк за влез во ЕУ. Се договорија дека треба да направат комисија дури откако дојде Филе да им ги истегне ушите.
И после се чудиме зошто 21 година сме заглавени во транзиција. И зошто 21 година чекаме некој Филе да дојде и да ни направи држава.
6 Не сме зрели за ЕУ. Немаме смисла за рационален менаџмент на изборите.
Ги гледате Бугарите? Си отпечатија 350.000 гласачки ливчиња, божем со техничка грешка. Толку им требало. А нашиве будали, направија операција “Пролетен десант”. Едните со авиони влечеа гласачи од Швајцарија и од Германија, а другите печатеа лични карти и полнеа автобуси од Пустец. И пак не беа сигурни некој да не ги поправи лифтовите предвреме.
Е тоа ти е европска држава. Види колку напреднаа. Нема веќе бугарски воз. Сега има бугар-ска маклатура.
7 Владата го распиша најголемиот тендер за јавни набавки на директори и амбасадори. Оваа година ќе пропадне туристичката претсезона во Грција. Осумдесет раководители и дипломати ќе се тресат да не бидат сменети. А којзнае уште колку други, наместо да одмо-раат на плажа, ќе пишуваат мотивациски писма.