ГОЛИ ПИШТОЛИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:103:"Семејнитеполицајциќегочуваатбизнисотнафамилијата

    1. Кој нормален човек дома чува и по неколку парчиња оружје, а не му треба? Сите заслужни граѓани на Македонија. И како мисли Хари Костов сега да им го собира оружјето? Со сила? Знае ли дека со тоа им ги девалвира заслугите? Замислете некој да се обиде да му ги оспори заслугите на еден универзитетски професор од форматот на Љубомир Фрчкоски. Има да си ги брани со сите расположиви средства. Ќе распали со сите оружја. Со шест пиштоли и една пушка.
    Бранко не е толку опасен. Тој има само два пиштола. По еден за двете раце. Добро е што не вози, туку го возат. Оти може да биде нервозен возач. Па ако удри во столб, како на времето, да запука по столбот.
    Не е убаво и тоа што на мирољубивиот Киро му дале пиштол. Не дај боже да му текне да го употреби. Ако му се затресе раката, ќе настрада баба Нада.
    На академиците Блаже Ристевски, Гане Тодоровски и Таки Фити исто така им дале пиштоли. Да им се најдат кога ќе одат во МАНУ. Да не ги убие некоја силна мисла.
    Пиштол има и возачот на владиката Наум. Бог си е Бог, ама пиштол си е пиштол. А сила Бога не моли.
    Оружје добиле и заслужни новинари. За слободно и независно информирање изнудувале информации со пиштоли.
    Слободан Чашуле изјави дека се гордее со пиштолот оти со дипломатски средства ја одбранил границата. За да бидеш добар дипломат, треба да имаш добар пиштол.
    Од 1991 година до денеска биле поделени над 3 илјади парчиња оружје на заслужни граѓани. Со толку многу пиштоли, мора да имало многу дела за заслуги. А ситуацијата и по 12 години независност – ќорак.

    2. Државниот врв се договори да прави вистински специјалци. Затоа што, како што рече претседателот Трајковски, овие до сега биле “гулабари и чавкари”.
    Никој од војската не се навреди од изјавата на врховниот командант. Ама, затоа длабоко навредени се гулабарите. Во Редакцијата пристигна писмо од еден гулабар што му се лути на Трајковски за изјавата. Во Македонија околу 3 илјади луѓе се занимаваат со гулабарство. И за разлика од македонските специјалци што не контролираат половина од државата, македонските гулабари се петти во Европа. Ако специјалците биле како гулабарите, Македонија веќе ќе беше членка на НАТО.

    3. Министерот за одбрана Владо Бучковски беше во Швајцарија. Соопштено е дека таму разговарал за евроатлантските интеграции. Да не утнал темата? Или, решил и Швајцарија заедно со Македонија да ја внесе и во ЕУ и во НАТО. Кога веќе не е во Обединети нации.
    Бучковски во Берн разговарал за швајцарскиот концепт за одбрана. Тие имаат цивилна одбрана и заштита. Таму важи концептот на вооружен народ. Кај нас важи концептот на вооружени функционери.

    4. Паралелно со евроатлантските интеграции на Бучко, во земјава Хари Костов се обидува да направи интеграција на Арачиново со Македонија. Заедно со ОБСЕ имаат план редот и мирот во селото да им го препуштат на 20 тамошни семејства. Членовите на семејствата ќе биле интегрирани во полицијата. Така барале арачиновските бизнисмени.
    Идејата со фамилијарниот полицаец е добра и за пораст на вработувањата според Бранковиот закон. Тоа е исполнување на предизборните ветувања. По еден вработен во секое семејство.
    И јас барам да си имам семеен полицаец. Ќе се чувствувам дискриминирано ако на улица ме сопре цајкан и ми пише казна некој што не ми е род. Глупаво е братучед да ти земе пари. Плус, ако веќе плаќам данок и дел од тие пари оди за полицијата, зошто да не завршат во фамилијата.
    Така и во Арачиново. Тие ионака ништо не и плаќаат државата. Вака, белким ќе и плаќаат на фамилијата. За да врви бизнисот на кумот.
    Во овој концепт недостига само уште нешто. До кое колено ќе има ингеренции полицаецот на фамилијата. Да не се случи злоупотреба на третите братучеди.

    5. Фамилијарниот бизнис цвета и во Велес. Татко и син се карале за ресторан. Ресторанот е во Домот на АРМ. Tаткото и синот многу биле лути конкуренти па наддале дури 100 илјади евра. Оти, ако некој трет дадел повеќе, ќе морале да му плаќаат кирија уште осум години цели шесто евра. По добро и луто наддавање достигнале астрономска цена од 80 евра за квадратен метар.
    Станинов капа би им симнал за ваква лицитација.
    Оловото во Велес чуда прави. На луѓето им го поматил умот, па можеби таткото и синот стварно наддавале. Среќа што Бучко не е од Велес, па има бистар ум. Ја поништи лицитацијата, затоа што нелогичностите брзо ги забележува. Речиси веднаш после Бранко.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира