ГОЛОРАКИ АМЕРИКАНЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:217:"ОдстраводСрбијаМаргаретТатвајлервиденанањујоршкиотаеродромкакосогрупабегалцичекаавиондаизбеганаКуба

    1. Паника и страв владее деновиве по невообичаено пустите улици на амери­канските градови. Илјадници незаштитени и оставени сами да се снаоѓаат, амери­кански мајки со деца со денови чекаат на њујоршкиот аеродром да влезат во еден од авионите кои ќе ги евакуираат на сигурно, на Куба или во Кина. Нивните вредни сопрузи и грижливи татковци, сосема голораки, со понекој минофрлач или снајпер ги запоседнаа значајните објекти во центарот на Њујорк и направија барикади низ њујоршките квартови за одбрана на родните огништа. Никој во светот не може да ја разбере оваа голгота низ која минува голоракиот амери­кански народ, кој единственото што го сака е да живее во мир, обединет со сите Американци во една заедничка држава. Голема е огорченоста од сознанието дека модерниот свет не ја почитува правичноста, туку исклучиво интересот и силата.
    Ова чувство дополнително е зајакнато со најновиот ултиматум на славниот српски војвода Шешељ, кој вчера го пренесоа сите големи американски ТВ станици: “Српскиот народ ќе ги фрли САД под нозе”! Претседателот Буш сé уште изјавува дека не прифаќа никакви ултиматуми. Но, кога “извесна Татвајлерова” се прочита себеси во белградските угледни весници, доби таков уплав, што не е исклучено наскоро и таа да биде прифатена како бегалка во Хавана или Пекинг. Најсериозно предупредување стигна од високо ценетиот дневен весник “Вечерње новости”, кој на насловната страница со огромни букви предупредува дека САД и Европската заедница се впуштаат во опасна авантура на војна, од која тешко ќе можат да излезат без последици.

    2. Очигледно Србија повеќе не може да го толерира однесувањето на САД и нивниот претседател Буш, кои од една страна постојано повторуваат дека се за мир, а од друга, под изговор дека го заштитуваат од геноцид американскиот народ, се договараат со Европската заедница да ги признаат сите републики од бивша Југославија кои Србија не сака да ги признае како самостојни држави.
    Српскиот министер за надворешни работи се обиде да ги смири Американ­ците со зборовите “Нема причина за паника и нема причина Србија да отстапи од принципиелната политика која ја водела и досега”. Се разбира, доколку САД го почитуваат правото на Србите да останат да живеат во заедничка држава со сите оние кои сакаат да живеат со нив и со оние кои во меѓувреме  ќе ги осло­бодат.
    И Слободан Милошевиќ негираше постоење било какви паравоени фор­мации на негоата територија, или пак, не дај боже, некој од Србија да учествува во агресијата на Босна и Херцеговина. А неговите весници со наслови “Белгра­ѓанка – нишанџика”, “Ослободен Зворник”, “Српски доброволци во Бијелина”. Па и на телевизија видовме како армијата “донесува мир” во Вишеград. Тие тоа го велат “го става под контрола градот”. За слични акции, кога се работи за град во туѓа држава, има поедноставна реченица: “Го окупира градот”.

    3. Тоа што им стана јасно дури и на Американците, кои долго се надеваа дека Милошевиќ можеби ќе се смири, па и на Сајрус Венс, кој прво патува за Белград, изгледа единствено не им е јасно во Македонската телевизија. За нив, за она што се случува во Босна и Херцеговина сите се виновни. На дневниците уште се зборува за “судрените страни”, “екстремистите”, “националните лидери”, “националните војски”… Изгледа и од војната во Хрватска ништо не успеаја да научат, па пред некој ден на третиот канал имаа дополнителна лекција во која двајца гости во студиото зборуваа како “го ослободувале Вуковар од усташите”.
    Скраја да е, ама веројатно нема да ги сфатат работите дури кога ќе почнат и ним да им ја ослободуваат зградата. Еве, на последната седница на српското собрание повторно го актуализирале прашањето на границата со Македонија.

    4. Последните настани во БиХ се само потврда дека од лошо секогаш има полошо. Еве, ние се жалиме дека ни е лошо, а други бегаат кај нас. Велат било добро.
    На бегалците не можеме да им понудиме европски живот. Затоа што сé уште на знамето ни стои црвената ѕвезда петокрака. Така европското чувство за живот го сфаќа Љупчо Георгиевски. Сега ми е јасно зошто и Американците немаат чувство дека живеат во Европа. Кој ли ќе им изброи колку петокраки имаат тие на знамето?
    Да си бидам искрен, се согласувам со Љупчо. И јас до денес не сум се почув­ствувал европски во Македонија. Само што, кога ќе застанам во редовите за бензин, кога ќе ја примам платата, кога нема да го најдам лекот што ми треба и кога ќе одам на Зелено пазарче да купам од шверцери масло за јадење и шеќер, затоа што во продавниците ги нема, ни на крај памет не ми паѓа дека тоа е така затоа што сé уште не сме ги смениле знамето, грбот и обележјата на границите.

    5. Европско чувство, и тоа веројатно само за време на траењето на седницата на Собранието, имаше министерот Денко Малески. Ги слушаше внимателно цел ден, сигурно одвреме-навреме според дискусиите и самиот забораваше дека тие всушност расправаат за неговата интерпелација (што би рекол легендарниот Митко Анастасовски “интерпретација”) и накрај – ладно си замина. Не го потресе ни тврдоглавото барање на некои ВМРО-вци: “Признај, та признај дека си виновен”. Не признава човекот. Исто како Европа.

    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари