1 Сега кога енциклопедијата и официјално стана забранета книга сфаќам дека сум направил добар бизнис затоа што побрзав да ја купам. Минатата сабота пишував дека можам добро да ја препродадам. Ама сега ќе си ја чувам како колекционерски примерок и континуирано ќе заработувам од неа.
Од како се пофалив дека ја имам, не престанува да ми ѕвони телефонот. Се јавуваат и бараат: “Ај те молам провери што пишува за тој и тој? А оној го има? А за тоа што пишува? А колку е голем текстот? А за оној поголем ли е?” И така јас, листам, листам, рацете ме заболеа од вртење страници и мускули нафлив дигајќи го те томот од А до Љ, те томот од М до Ш, и тоа со една рака, оти со другата мораш да го држиш телефонот и да го потпираш со рамото до увото.
Арно ама откако со интервенција на меѓународната заедница МАНУ ја прекина дистрибуцијата на книгите, се создадоа услови и јас пазарно да се однесувам. Кој сака да му читам, нека плати. Кој сака сам да чита, нека повели дома и нека уплати паушал. Во цената е вклучено кафе, вода, лупа за читање и шублер. За прецизно да се измери за кого повеќе, а за кого помалку е напишано.
Единствено ме загрижува дека пиратеријата може да ми го уништи бизнисот. Оти, тука не помагаат ни американски, ни британски интервенции. Слушам луѓе како се фалат дека спорното издание веќе го имаат во електронска форма и го шират со це-деа. Не сум проверил дали веќе го има пред На-Ма на картонските кутии со це-деа и дивидија меѓу градниците, гаќите и палома за 5 денари. Заедно со песните на Цеца, видео клипот на Северина, погребот на Тоше сигурно веќе може да се купи и Енциклопедијата на Блаже Ристовски. И кога ќе застанеш кај продавачот ќе се пазариш дали да ја купиш “Згодна Цеца”, “Ебежлива Северина”, “Тажен Тоше” или “Горчлив Блаже”.
2 Лидерот на ДУИ Али Ахмети на една телевизија од Тирана порача дека примирјето меѓу Македонците и Албанците од 2001 година.е нарушено.
Какво примирје? Што значи примирје? Дека војната не е завршена, туку само се прекинало да се пука? Дека од 2001 година, Македонија не живее во мир, туку во војна во која на сила е примирје? Дека во услови на примирје, а не на траен мир една етничка зедница е попривилегира од другите со тоа што и се гарантираат потпретседателски места во Парламентот, во Владата, министерски места, амбасади, квоти за студирање, квоти за вработување, илјадници гарантирани работни места во државна администрација… Македонија стана бинационална држава и лидерот на партија од владејачката коалиција се уште зборува дека тука нема мир туку само примирје.
Па кога ќе настапи мирот? Што прави Али Ахмети за во Македонија примирјето да се претвори во мир? Освен што се жали кај Американците и што се заканува, која е неговата одговорност што државата се уште е воена зона?
3 Добро е што Американците и Британците се побунија за неточности во енциклопедијата. И добро е што Албанците уште пожестоко се побунија. Оти така и на Македонците им текна да ја читаа енциклопедијата.
И видоа дека дури и Албанците да ја пишувале енциклопедијата ќе немало толку неточности за Македонците колку што има сега.
И МАНУ со соопштение “изрази загриженост за евентуални ненамерни неточности”.
Што значи тоа кога ќе каже дека жали за неточности тој што ќе ги напише. А тој не е било кој, туку најголемата научна институција во државата. За што жалат академиците? Изгледа жалат дека никој од тие што седат таму не ја прочитал енциклопедијата пред да се отпечати. Особено не ја читале тие што се потпишале.
Ете уште еден парадокс на македонската медиумска сцена. Најголемиот таблоид излезе од Македонската академија на науките и уметностите.
4 Во ДУИ велат дека дошло време МАНУ да се освежи. Затоа што таму седеле луѓе што се школувани во стариот систем.
Се согласувам дека МАНУ треба да се освежи. Со студентите што ќе дипломираат на Државниот тетовски универзитет кои пред неколку дена излегоа да протестираат против енциклопедијата и викаа “Умрете Македонци” и “Смрт за каурите”.
Тоа се идните академици од новото време и новиот систем. Тие ќе бидат вистинско освежување за МАНУ.
5 По пожарот во конаците на Св. Јован Бигорски поглаварот на МПЦ г.г Стефан рече дека треба “да размислуваме како да го обновиме манастирот, а не за тоа како се случи”.
Манастирот не се запали со Божја волја па да не размислуваме како се случил пожарот. Ниту пак сме сите ние одговорни што се запалил. Напротив. Се запали затоа што владиците не размислувале дека тоа може да се случи. Како што не размислуваат и сега дека истото може да се случи и со другите цркви и манастири низ Македонија.
Истото важи и за џамиите и за сите други религиозни објекти што се заштитени како културни споменици.
Сите тие им се дадени на владение на МПЦ и на ИВЗ. И тие треба да размислуваат како да не се случат вакви катастрофи. А не сега владиката да не повикува да заборавиме зошто се запалил Бигорски, туку да гледаме како да го обновиме.
Лесно е за обновување. Црквата брзо ќе собере пари. Ама за чување на културното богатство треба и да си ги троши. Парите полесно си ги трошат за обновување на возниот парк, отколку за прописна заштита на вековното наследство што не може да се обнови.