ГРЧКА БЛОКАДА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:124:"ДопредизвесновремемислевдекавоГерманијасезборувагермански

    1. Да беше грчкиот премиер Папандреу во Бон во исто време кога таму прес­тојуваше претседателот Глигоров, мислам дека ќе умреше од завист. Толку грчки новинари, колку што ја следеа посетата на Глигоров на Германија, Папандреу може да посака на било кое свое патување. Претседателот на Македонија во Бон беше комплетно покриен. И верувам за неговиот престој повеќе јавувале грчките медиуми отколку македонските.
    До пред неколку дена си мислев дека во Бон се зборува германски. Ама тој јазик не можеше да дојде до израз од грчката навалица на новинари. Глигоров во хотел, Грците на рецепција. Глигоров во амбасада, Грците на улица пред амбаса­дата. Глигоров во ресторан, Грците во бар. Глигоров во соба, Грците пред лифт. И – обично добро распоредени. Две-три камери тука, две-три камери таму. Дежу­раат цело време. Се прозеваат на фотелјите пред рецепција. Откако пристиг­на Глигоров во Германија, останаа ненаспани.

    2. Овие грчки новинари во Германија се божем поинакви од оние што секогаш доаѓаат кај нас. Веднаш ти приоѓаат како на колега и ти се претставуваат дека тие се Грци, ама со германски поглед на свет. Значи – шашливи. Едното око на Балканот, а другото во Европа. Ако погледот не им се допаѓа, веднаш го вртат едното око кон Русија. А со другото фаќаат на кај Америка.
    По толку шашливо гледање наоколу, толку се збунети што дури и кога ќе им успее да се истепаат со момчињата од безбедноста и да му го подметнат микро­фонот на Глигоров пред лице, единственото прашање што им паѓа на ум е: Што ќе попуштите за да ви го укинат ембаргото? Во друга прилика ќе прашаат: Дали ќе попуштите за да ви го укинат ембаргото? И така истото прашање во неколку варијанти.

    3. Доаѓа Ван ден Брук. Тајно. Глигоров си замислил да му даде вечера во неговиот апартман. Менаџерот на хотелот вели: Не може – ќе се олади храната. Добро – ќе вечераат во ресторанот. А пред хотелот – две грчки ТВ екипи. Во текот на ноќта доаѓаат и други. Да ја снимаат тајната вечера. За која веќе знае цела Грција.
    Дремат тие, дремеме ние. Излегува Ван ден Брук и без да се сврти трча преку вратата. И сите новинари по него. А вратата кружна. А екипите – врзани. Па се плеткаат, светла, микрофони, камери, кабли… Има сопнувања, паѓања, викања. Ќе отидеа за малку и вратата и главите.
    Потоа ние македонските новинари се занимававме со истражувачко новинарство. И откривме дека менаџерот на хотелот бил Грк. Па и дека келнерот што им служел храна на реверот носел плочка со име Јоанис. После ни станаа сомнителни сите хотелски гости. До доцна по полноќ седевме спроти тројца недефинирани кои зборуваа те на англиски, те на германски. Си викаме – и овие мора да се Грци.

    4. И така почнавме редовно да ги сонуваме. Ноќта кога пристигна Ван ден Брук имаше големо невреме. Врнеше и грмеше. Преведувачката на Претседате­лот изутрината раскажуваше дека кога во еден момент светнала молња, таа се извадила од памет. Си помислила дека некој Грк се качил на дрво и преку прозорец ги слика што вечераат.

    5. Еднаш измисливме начин како да го скратиме времето. Чекавме Претседа­те­лот да заврши еден важен разговор. Средбата беше на првиот кат. А грчките екипи, со сите можни реквизити поставени веднаш наспроти скалите, подготвени да снимаат. Направивме совршен план. Еден од нас ќе се качи со лифт до првиот кат. По пет минути ќе слезе по скали. Штом ќе зачекори на скалите веднаш се палат светлата и камерите. Лажна тревога, ама се чувствуваш како ТВ ѕвезда. По пет минути друг влегува во лифтот. Па ќе се појави на скалите и пак се палат сите рефлектори. Така сите по еднаш се изредивме. Среќа што бевме малкумина. Да бевме колку што беа Грците, не верувам дека ќе останеа непрегорени и каме­рите и светлата.

    6. На прес-конференцијата во Меѓународниот прес-центар во Бон, само еден германски новинар успеа да постави прашање. Другите не можеа да се нат­преваруваат со Грците. Затоа на крајот Глигоров особено им се заблагодари на грчките новинари што дојдоа во толкав број и им рече дека би му било многу драго ако и македонските новинари можат да одат на прес-конференција во Гр­ција.
    Арно ама, на колегите што си направија грчка прес-конференција не им беше доволно, па го нападнаа Глигоров во ходник. Човекот се извлече некако (сепак сме држава па околу него има телохранители), ама настрада советничката за печат. Кога почна веќе да се гуши, немаше каде, па за да се спаси на помош ја повикуваше новинарската етика. Им рече: “Во име на новинарството не вршете притисок врз мене, туку направите притисок кај вас барем еден наш новинар да може да влезе во Грција”.

    7. На стотина метри од хотелот во еден италијански ресторан се запознавме со готвачот – Албанец од Македонија. Момчето е од Дебар, со нас зборуваше македонски, со германски акцент. Само што си направивме нашински муабет, на другата маса седнаа – Грци. Ете, среде Бон, во германски ресторан, со италијанска храна во исто време заедничките интереси си ги пронајдоа и Албанец, и Маке­донци, и Грци.
    А Глигоров за цело време на посетата зборуваше за потребата од европе­и­зација на Балканот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира