1 Дури ни изградбата на северната трибина на стадионот во Скопје не успеа да ги смири повеќедецениските поделби меѓу навивачите. Сега на арената Филип Втори сосема е сеедно дали седиш на јужна, или на северна трибина оти и за буџите и за барабите седиштата се исти. Ама на последните натпревари на Македонија против Хрватска и против Србија, пак можеше да се слушне: Јави се јужна!!. Па ако овие од јужната трибина не беа доволно гласни, северњаците им скандираа: Цела јужна педери!!
Ако може да се делиме по партии, по религии и по пол, зошто да не се делиме и трибини? Што ти касмет. И голем стадион не може да не собере. Една Македонија, а две големи трибини. Впрочем потребна ли е нова тема за да најдеме уште една причина за поделба? Не. Кога била потребна?
2 Оваа недела покрај традиционалните македонско-албански и вмровско-сдсмовски поделби почна сериозно да се дискутира и за поделбата на здрави и нездрави средини за растење деца. Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски без никој ништо да го праша си изјави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи геј бракови. Па после 4-5 луѓе даваа изјави дека тие се за геј бракови. Па министерот дообјасни дека деца посвоени од геј родители живеат во нездрави семејства. Па активистите обвинија дека министерот е примитивен. И така откако министерот ги подели луѓето на здрави и нездрави, оваа држава стана побогата за уште една поделба.
Ама тоа што никој не ни побара геј бракови во земјата, и тоа што никој не ни побарал хомосексуалците да можат да посвојуваат деца, не е причина да не чуеме што за тоа има да изјави СДСМ. И нив никој не ги праша. Ама и тие биле против геј бракови. За секој случај. Да не помислиме случајно социјалдемократскиот СДСМ е различен од конзервативната ВМРО-ДПМНЕ.
За темата се изјасни и Сојузот на пензионери и некој синдикат. Ај за пензионерите не би сакал многу да зборувам. Доволно сум воспитан да не им одвраќам на постари. Башка, откако добија покачување на пезнијата и уште еден ден за бесплатно возење во двокатните автобуси тие немаат за што да се секираат. Па единствената грижа имбеше да му дадат поддршка на здравиот министер Спиро.
Ама и синдикатите многу се загрижија за здравјето на нацијата. Па и тие оддржаа прес конференција за поддршка на министерот за труд и социјална политика. Баш сум задоволен што и синдикатот бил против хомосексуалци да посвојуваат деца. Ама кој ги праша за тоа? Кога ги прашувавме синдикалците дали ќе ги заштитат градежните работници што летово на отворено работеа на 50 степени и дали ќе протестираат за заштита на текстилните работнички што работат како робови во грчките погончиња и шивални низ битолско и штипско, синдикатите мудро молчеа. Знаеја дека најголемиот синдикален проблем во државава се геј браковите. И чекаа да дојде вистинскиот момент за да имаат што да изјават.
3 СДСМ со ништо непредизвикана и непрашана не даде изјава само за геј браковите. Без никој да ги праша тие дадоа изјава и дека Меморандумот на Грција за преговорите за името е неприфатлив. Со нескриена радост го прозваа премиерот Груевски тој да каже како ќе одговори на меморандумот.
Е тука се гледа колку СДСМ ја боли за државата. Ги боли само тоа што не се на власт. Предолго се во опозиција и станаа фрустрирани кавгаџии: Аааа, ај сега да те видам тебе како ќе им одговориш на Грцитее..Ааа, ќутиш, а, ќутиш…. Њања њања, њањања…..
Е до таму допира државничкото однесување на Бранко и неговото друштво. Да го сскаш Груеввски да направи нешто за инает на СДСМ. И да се надеваш дека тоа ќе го направи па макар било и против државниот интерес. А бидејќи Груевски се пали на инает, може за инает и ќе го послуша Бранко.
4 Се ближи декември и очигледно е дека на Меморандумот ќе мора да се одговори. Ќе треба најљубезно да им се каже на Грците дека сме неизмерно радосни оти во овие тешки моменти за нивната земја тие сепак нашле сила и време да го продолжат дијалогот со нас во спорот што самите го наметнаа. Министерот Никола Поповски да му срочи одговор на колегата Аврамопулос со кое ќе го убие со љубов. Добивме позитивен извештај од Европската комисија. Добивме сигнали дека можеби ќе почнеме и преговори со ЕУ иако не ни е решен проблемот со името. Би било глупаво баш сега да се скараме со Грција. Тоа би било голема белја. Сега не е време за кавга, па макар колку и да сака Грција да не навлече на кавга. Па макар колку и Бранко да го буцка Никола на кавга. А Никола да се пали на тоа.
По 21 година спор името се уште е единствената точка која навистина може да ги спои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ама за таа спојка и на двете партии треба да им биде поважен државниот од ситнопартискиот интерес. Што мисли СДСМ? Дека ако случајно дојде на власт темата ќе исчезне? Или тие имаат некое решение кое го криеле 15 години?
5 Проституцијата е легален бизнис во Грција. Во кризата, некои фудбалски клубови за спонзори земале бордели. Фудбалерите носат розови дресови со логото на борделот.
Еве уште една шанса како може да им се помогне на Грците. Нели кога едно здраво македонско семејство оди на одмор таму си носат се со себе. Мажите покрај жената и децата си носат пиперки, домати, млеко, макарони, смрзнато месо… Следниот пат нека си ги остават жените дома. За салатата сами ќе се снајдат.