ГРЧКИ ГАС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:124:"НаВМРО-ДПМНЕирастерејтинготзатоаштоситеодСДСМпреминаатаму

    1 Нетрпеливо го очекувам развојот на два крупни настана во земјава.
    Едниот е дали премиерот Груевски ќе го поддржи предлогот на Зоран Ставрески, и бројни сопартијци и видни интелектуалци за кандидатурата на Ѓорге Иванов за Претседател.
    Втората дилема е уште поинтересна. Кој ќе настрада по василичарската прослава на СДСМ. Затоа што Бранко и Бучко пееле гушнати, при што Бранко на сите им нарачувал песни за штимунг. Штом било така весело, сигурно ќе падне некоја глава. Таква е василичарската традиција во СДСМ. Прво беше Рада, после беше Бучко, па пак беше Рада, во меѓувреме беа Тито и Љупчо Јордановски…
    И додека тече конкурсот за Претседател во ВМРО-ДПМНЕ, во СДСМ демократски ги минираат потенцијалните кандидати на ВМРО.
    На СДСМ не му треба конкурс. Гледајќи го списокот со натпартиски поддржувачи на Иванов, па богами и некои министри во Владата, јасно е дека сите потенцијални кандидати на СДСМ отидоа на гурбет во ВМРО.
    Ете, затоа на ВМРО-ДПМНЕ í расте рејтингот. Затоа што сите од СДСМ преминаа таму.
    Е па Бранко, тоа што си го сакаше, тоа си го доби.

    2 Многу се забавувам гледајќи како Европската унија ја дисциплинира Русија по прашање на гасот. Оти Европската унија е партнер на доверба, а Русија демек не е. Ја караа Русија, ја караа, и на крај сî си дојде на свое. Мораше Ангела Меркел да се сретне со Путин.
    Колку ми се симпатични кога глумат лудило. Демек, Брисел решил да преземе акција и ги испратиле кај Путин премиерот на Бугарија и на Словачка. Путин се стресол кога ги видел и Бугаринот и Словакот. И од што треперел, раката му отишла неконтролирано кон вентилот.
    “Што викате вие, дека Русија не е партнер од доверба? Уф, уф, баш ми е жал што вие Европејците така мислите”, рекол Путин и пак му цимнала раката. “Многу ми е драго што повторно се видовме. Одамна не сте дошле на инструкции во Москва”, рекол Путин и свртил уште малку со раката додека со сожалување гледал на доверливите европски партнери од Софија и од Братислава. “Гледаш, да ме исплашевте уште малку, да си го земевте и колегата од Литванија, на пример, па да настапевте како европска ударна тројка, можеби ќе ве сфатев уште посериозно “, рекол Путин и, оп, пак раката му затреперила .
    “Што вика Баросо, што вика? Не сме биле сигурни? Не сме биле партнери од доверба? Дај пратете ми го Чехот, нели тој е некое претседателство таму”, рекол Путин, и Чехот вчера ептен се налутил. Па од името на ЕУ изјави: “Трпението на европските земји е истрошено. И Комисијата во Брисел и чешкото претседателство имаат многу потврд став од пред неколку дена во однос на Русија”. На што Путин сигурно се смрзнал како Европеец во Бугарија.
    Кога така арогантно се однесуваат кон Русија, ние не треба да се чудиме зошто така се однесуваат кон нас. Ама гледајќи ги колку се себични, а ефикасни, јасно е дека не треба да очекуваме од нив решение за нашите проблеми. Да си се доследни во солидарноста и во стилот на решавање на проблемите, сега треба да ги пуштат Караманлис и Бакојани да го смрзнат Путин со најсилниот аргумент. Русија го краде природното богатство на Грција зашто уште од антички времиња гасот бил грчки. На тоа ќе се надоврзе новиот грчки министер за култура Самарас и ќе поентира: Ако продолжи вака да се однесува, Русија наскоро ќе се распадне.

    3 Премиерот Груевски пред неколку дена на трибина во Куманово рече дека светската криза почна да се чувствува кај нас уште од септември.
    Груевски тоа сега го дознал. Неговиот министер за инвестиции Веле Самак на 4 септември, кога ја пушташе трафостаницата во Бунарџик, како инвестиција на лошиот инвеститор ЕВН, изјави: “Во наредните пет до шест месеци на оваа ливада очекувам нови инвестиции и речиси целосно пополнување на Бунарџик, како и отворање на нови 1.000 до 2.000 работни места”.
    Еве го шестиот месец изминува за дваесетина дена. Гледам, врие од инвестиции на Бунарџик. На 4 февруари ќе има експлозија од работни места. Тогаш ќе се постигне точката на вриење.
    Затоа никаде го нема министерот Самак. Се засолнил да не се попари.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира