1. Тоа што премиерот Љубчо Георгиевски со половина Влада и повеќе парламентарци тргна на пат за Израел само докажува дека Владата навистина работи по цели денови. Сиромашките министри толку многу се зафатени што немаат време кога да си ги потрошат платите. Бидејќи немаат каде да трошат, од заштеденото си уплаќаат туристички аранжмани за Израел. Кој не верува дека самите си ги платиле аранжманите, нека ги праша портпаролот Антонио Милошоски и лично премиерот. Тие ќе им ги покажат сметките. Владата работи транспарентно.
Вестите дека аранжманот на туристичката агенција “Гуливер” бил организиран од сопругата на премиерот Снежана и нејзината фондација “Благовестие” се обични злобни забелешки на завидливите кои не можат да платат да патуваат заедно со премиерот. Освен тоа, зошто им се мешаат на луѓето во приватниот живот. Ќе патуваат со кого сакаат и како сакаат. Подобро е да се направи жртва, па ако треба и да се плати нешто, за да се лета заедно со Љубчо отколку да се лета од Владата.
За место во авионот имало голема тепачка. Сите одеднаш сакаат да станат аџии. Не го пуштаат Љубчо сам да го врви патот на Христос, туку и тие би се мачеле заедно со него. Премиерот треба да ја крати Владата и да прави реконструкција. Којзнае што сè ќе му дојде на ум додека минува по Исусовите патеки. Можеби токму во Израел ќе одлучи дали да го укинува Министерството за развој или не.
Затоа, џабе му била упорноста на министерот за иселеништво Мартин Треневски по секоја цена да се качи во авионот со Љубчо и Снешка. Тука ни Господ не му помага. Неговото министерство се укинува. Така што сега Мартин е двоен губитник. Ај што нема да биде министер, туку нема да биде и аџија.
2. Покрај министри, аџии сакаат да станат и едночудо бизнисмени. И тие тргнаа на Гуливеровото патување. Ако ги видите фаците на тие што се качија во авионот да им прават друштво на Љубчо и Снешка за време на семејниот одмор, ќе забележите дека главно се истите што му правеа друштво и на Бранко. Само што тогаш агенцијата не се викаше “Гуливер”.
Ја знаете приказната за Гуливер и Лилипутанците. Тие прво му се плашат, го врзуваат, па потоа стануваат пријатели. Особено ако се дарежливи со хуманитарни донации и подароци. Тогаш Гуливер многу ги сака во свое друштво. Кај нас Гуливерите се менуваат, ама Лилипутанците остануваат исти. Кој и да стане Гуливер, тие ќе се тепаат да патуваат со него.
Приказната за Гуливеровите патувања ја напиша Џонатан Свифт. Оваа за аџилакот на премиерот можеби ја смислила Снежана. И во двете приказни Лилипутанците си се Лилипутанци. Мали човечиња.
3. Циле овој пат не отпатува. На тој начин демантира дека го нема во земјата секогаш кога е жешко. И на 40 степени, тој си остана дома.
Тоа што одлучи да не оди на аџилак е многу добра работа за Лилипутанците. Да се качеше во авионот, веднаш Снешка ќе требаше да избрише од списокот на патниците тројца маченици. Вака Циле ослободи три места. Македонија ќе биде побогата за уште тројца аџии. Ако се ситни души. Белки тоа што биле во Ерусалим ќе им ги прочисти.
4. Премиерот замоли да го оставиме малку да ужива. По неуспешната интерпелација на СДСМ за недоверба на Владата, Љубчо тргна во ноќна прошетка низ Скопје и на чашка муабет во “Дал Метфу”. Како ослободител парадираше низ центарот на главниот град.
Бранко не го видовме како шета по улици. Каде ли му се изгуби енергијата од митинзите? Или неговите толку многу викаа по плоштадите, па сега кога требаше да се покажат во парламентот, го изгубија гласот.
Никола Поповски се жали дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги надминале пратениците на СДСМ во техниката. Побрзо реагирале во притискањето на копчињата за пријавување, па затоа не им оставиле простор на социјалдемократите да дојдат до збор. Ете што беља им направи Бранко на сопартијците што ги шеташе од град во град на митинзи. Ги измори толку што немаат сила дури ни едно копче да притиснат. ВМРО знае подобро да ги користи тастерите.
5. И едните и другите се неефикасни. Пратеникот Амди Бајрам тоа би го средил без тастери. По итна постапка. “Они ако имаат пиштоли и јас имам пиштоли, па ќе се пукаме ако треба”.
6. За следење на состојбата со високите температури, Владата формираше кризен штаб. Е сега кризниот штаб не бил кризен штаб, туку експертски тим. Водачот на експертскиот тим им порача на скопјани да не им веруваат на термометрите во градот, туку само на термометрите на Зајчев Рид и во Петровец. Арно ама, скопјани не живеат на Зајчев Рид. Така што тие наместо да не им веруваат на термометрите, не им веруваат на експертите кога им кажуваат колку е жешко. Лажат термометрите. Експертите не можат да лажат.
7. Повторно се најавува изградба на слободната зона во Бунарџик. Наводно, веќе во септември ќе никнат едночудо фабрики. Во август тоа ќе биде огромно градилиште.
Да е паметен Циле, не треба да почнува со градбата на Бунарџик. Замислете Тајванците навистина да почнат да градат пред локалните избори. Со што ли ќе се лажат гласачите кога по две години ќе дојдат парламентарните избори. Ако почнат да градат сега, нема да имаат што да градат тогаш.