1. Кедев е кардилог. Затоа Кристина Арнаудова му пее: “Спаси го и моето срце!”. Замислете кандидатот за претседател да беше гинеколог. Што ќе пееше Кристина? Или, ако беше уролог, ќе мораше да го викне на помош и татко и Гоце Арнаудов. Да има Кедев за што да се фати.
И на Бранко му пеат соодветна песна. Тој нема професија. Тој е државник.
2. Во песната за Бранко се вели дека држава не се прави за еден ден. Лидерот на СДСМ ни порачува дека на Македонија не и требале нови почетоци. Не ни требале нови ризици. Си имаме ние стари. Си го имаме Бранко. Тој е шизик без ризик. Веќе 13 години.
Бранко – кандидатот за претседател, на конвенцијата на СДСМ беше против Бранко – премиерот. Премиерот вети дека годинава ќе има многу инвестиции. А кандидатот за претседател му порача на премиерот: “Ќе има инвестиции, ама прво јас да ви обезбедам мир и стабилност”.
Сега не знаеш за кого да навиваш – за Бранко премиерот, или за Бранко претседателот.
Тој вели и дека на крај на идната година ќе сме станеле кандидат за членка на ЕУ. Не умри магаре до зелена трева.
Дали тој верува дека му веруваме? Сигурно. Инаку не би се кандидирал за претседател. Ќе си останеше премиер. Не ни требаат нови ризици.
3. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски му порача на Бранко да се качи на 50-ти кат и да изврши “харакири”.
За да направиш харакири не треба да скокаш од прозорец, туку самиот да си го распориш стомакот со бодеж.
Во филмот “Последниот самурај” со Том Круз има најмалку две сцени со харакири. Ама Никола не оди во кино. Љубчо оди во кино.
Да си го прашаше Никола Љубчота, пред да зборува на митинзи, ќе знаеше дека не мора Бранко да се качува дури до 50-ти кат за да си го распори стомакот.
И што треба сега Бранко да му одговори на Никола: “Ќе извршам харакири на 50-ти кат, кога ти ќе извршиш шушумига во подрум”.
Кампањава – нема врска.
4. Андов вели дека Бранко не бил државник, туку бил “држалник”. Затоа што се држел за фотелјата.
Тоа го кажува човекот кој прво се држеше за Анте Марковиќ. Потоа се држеше за Киро Глигоров. Потоа се држеше за Петар Гошев. Потоа се држеше за Љубчо. Сега се држи за Никола Груевски. Да види што може да ќари. Идат локални избори. ВМРО-вците треба да му изгласаат некој градоначалник и на Андов.
5. Во 500 недели на власт, Владата не прими толку штрајкувачи, колку што прими за една недела. Оние од “Сувенир” Рада ги примаше дури и два пати.
Кога има време сиромашката Рада и портпарол на Бранко да му биде, и седници на Влада да води, и со такси на прес да се вози, и во Европа да не носи и фризура да прави. Уште плочки на плоштадот да почне да реди. Мора да биде готов до вториот круг. Не ни требаат нови ризици.
6. На која држава Гзим Острени ќе биде претседател, ако го избереме? Кое знаме ќе стои во Кабинетот на шефот на државата? Пред кое знаме ќе се редат гардистите на врховниот командант?
Во предизборната битка меѓу кандидатите на Албанците во Македонија имаме приказна за лошиот и добриот. Лошиот е Зуди Џелили, а добриот Гзим Острени. Лошиот, на митинзите не вее знаме на Македонија и не пее химна на Македонија. И добриот не вее знаме на Македонија и не пее химна на Македонија. Лошиот бил послужител во минофрлачко одделение под команда на Талал Џафер. А добриот бил генерал на ОНА.
Е па сега ако бираме, нема да избираме послужител за претседател. Ќе бираме генерал. И државникот Бранко нема шанси покрај генералот Гзим. Ќе го моли да му ја даде војската во вториот круг. Генералот покрај државникот ќе стане маршал.