1. Во кината во Скопје хит е вториот дел на “Хари Потер” – филмот “Хари Потер и одајата на тајните”.
В година ова време треба да излезе и третиот дел од овој серијал со наслов: “Хари Потер и затвореникот од Аскабан”.
За тоа време, во Скопје се развива првиот дел од драмата: “Хари Потера и затворениците од Шутка”.
2. Во Македонија новата година почна со убиства по улици. Малку беше што се убиваа Македонци и Албанци и по некој Ром. Проблемот доби светски размери. Уште Кинез не беше убиен.
Двајца Кинези со сатари бркаат двајца Македонци низ Трговски центар во населбата Јане Сандански. Додека бегаат, на Македонецот му текнува дека има и пиштол. Се врти и со еден куршум ќе го отепа на место Кинезот пред неговиот Кинески ресторан. Ова не е филм. А и “Јане Сандански” не е “Кинеска четврт”.
Исто како што не е филм кога пред едно возило во кое се вози просечно македонско четиричлено семејство, луѓето што палат Бадников оган ќе фрлат петарди. Разлутениот татко на семејството, излегува од колата, го вади пиштолот и пред очите на сопругата и двете деца пука во масата народ. Тоа се случува во скопска “Автокоманда”.
Не е лошо македонскиот Хари Потера уште веднаш да почне со вториот дел од серијалот филмови за борбата против злото. Напоредно со приказната за затворениците од Шутка и расчистувањето со организираниот криминал, да ја тера и приказната за борбата против уличното насилство.
3. ВМРО-ДПМНЕ и натаму се заканува дека притворањето на нејзини видни членови обвинети за криминал ќе било кобно за Македонија. Малку беше што истрагата за криминал ја поврзаа со Рамковниот договор, малку беше што Љубчо пред Нова година ни порача дека во Македонија нема да биде симпатично да се живее, кога сега, по приведувањето на Војо Михајловски дознаваме дека тоа било вовед во нови делби и дека тоа ќе било кобно за граѓаните на Македонија.
Државниот обвинител на Израел покренал истрага за корупциски скандал на премиерот Шарон. По објавувањето на оваа вест, паднал рејтингот на партијата Ликуд, ама никому од таа партија не му текна да испрати соопштение дека истрагата за корупција во семејството на лидерот ќе биде кобно за Израел.
А што може друго да се очекува од Љубчо. Откако го знаеме тој зборува за делби. Тие не му излегуваат од ум. Со исклучок на периодот од 1998 до 2000, кога беше милениче на Запад и кога постојано беше весел и расположен, секоја негова изјава е најава за потоп. Ако веќе тој не може да живее како што живееше додека беше премиер – нека не живеат ни другите.
Гледате ли колку кобно е тоа што оваа година Снешка не го организираше ни Божикниот бал. Навистина може да биде многу несимпатично ако наместо на бал во “Александар палас” се падне на игранка во Шутка.
4. Помеѓу Нова година и Божик, се состана и Владата на Република Македонија. По состанокот, премиерот ги повикал на Бадников ручек сите министри и претседателот на Републиката. ВЕСТ објави дека на овој ручек претседателот Трајковски ги озборувал Слободан Чашуле и Васил Тупурковски, а другите толку се смееле што ќе се засркнеле.
Лежерниот ручек на кој државниот врв си дозволил и малку психичка релаксација преточен во соопштение на некоја служба во Владата изгледа вака: “…на ручекот беа разменети мислења за прашања од стратешко значење за иднината на Македонија”.
Значи, прашања од стратешко значење за иднината на Македонија се Циле и Чашуле. Или, како што би рекол Трајковски, имитирајќи го Месиќ: “Позовите Тупурковског”.
5. Социјалдемократите масовно почнаа да се вртат кон верата. Пред Божик, министерот за одбрана Владо Бучковски стана кум на црквата Св. Наум Чудотворец на Попова Шапка. Министерката за надворешни работи Илинка Митрева другиот ден стана кума на Св. Атанасиј во Лешок.
Бранко не стана кум. Ама кумува.
6. Пред некој ден, на влез во земјава, на еден граничен премин пак се изнервирав што државата уште наплаќа пари за шап и лигавка, иако две години болеста ја нема и му реков на момчето што собира арач: “Кажи му на министерот дека веќе нема шап и лигавка”.
Добив ваков одговор: “Тој министер, не е мој министер. Јас сум од ВМРО”.
И ајде сега. Кој ни е крив што сме ваква какви што сме. Албанците? НАТО? ОБСЕ? За ЕУ и САД ич муабет не правиме.