ХАТА ЈОГА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:139:"Когагиразменувадипломатскитеноти,СтевоЦрвенковскидостигнуванирвана

    1. Го гледав на телевизија министерот за односи со странство Стево Црвен­ковски како удобно завален во фотелја цела недела примаше како на лента еден куп дипломати. Има извежбан стил. Лежерен. Веројатно, пригоден за ситуација кога се разменуваат ноти за воспоставување дипломатски односи. Кога разговара ја дига едната нога преку коленото од другата нога. Го прави тоа така, за да може шпицот на чевелот да му го приближи што поблиску до лицето на сого­ворникот. На тој начин може да се почувствува историскиот момент во односите меѓу двете држави. При размената на нотите повторно се прекрстуваат нозете. Овојпат се префрла другата нога врз првото колено. За повторување на целата процедура обично нема време. Таквите разговори траат кусо.
    Штета. Црвенковски беше на пат да ја усоврши техниката кога се сретнаа со јапонскиот дипломат. За жал не успеа двете нозе одеднаш да ги префрли врз двете колена. Така ќе достигнеше нирвана. Затоа сега ќе усовршува хата јога. Врв на опуштеност и релаксација и задоволство ќе доживее кога ќе успее едната нога да ја префрли зад главата, преку вратот. И да ги размени нотите со помош на ножните прсти.

    2. Министерот-координатор Ристо Иванов не вежба хата јога, иако има добри предиспозиции. Има можност движењето на ногата да му оди помазно, поради високо истрижената фризура “принц Валијант”. Сепак, Иванов изгледаше смирено кога се појави на ТВ дневникот за да се осврне на барањата на стечајните работници. Беше тоа вистински машки настап, откако, најавувајќи го своето враќање во Владата, за “Нова Македонија” изјави дека не сака да биде ни риба ни девојка.
    Машки постапи и министерот за социјала Илјаз Сабриу. Им рече на стечај­ците: “Капитализам е, кој ќе живее, ќе живее” и си замина во Саудиска Ара­­бија. Ги остави луѓето во заблуда. Некој пред тоа им имаше потшепнато дека Македо­нија според Уставот е и социјална држава. Кој ќе преживее, ќе раскажува.

    3. Во капитализмот сите ќе возиме убави коли. Собранието ја намали царина­та. Иако пратеникот на Социјалистичката партија Бранко Арсовски на говорни­цата изјавуваше дека “нам не ни требаат коли, тие се луксуз и ни прават само трошоци.”
    Не знам од каде такво мислење кај овој пратеник. Можеби тој оценил дека во Македонија има многу – магариња.

    4. Којзнае, пак, што си мисли Радован Караџиќ кога упорно нé повикува да ѝ се придружиме на скратената Југославија. Уште поинтересно е што оваа изјава доаѓа во време кога Радован Караџиќ како вистински државник ги добива сите почести во Москва. Да договори уште некоја руска единица, како зајакнување. Ете, по истиот урнек како за Сараево, сега си бара руски војници да го “ослободи” тузланскиот аеродром. Заокружува­њето на освоените територии продолжува со помош на мајчичка Русија.
    Ама сега и Американците не седат со скрстени раце. Решија да направат федерација меѓу Хрватите и Муслиманите. И да испратат војници. Накрај Босна ќе изгледа како Германија по војната. Ќе има источна и западна Босна. А во Сараево ќе изградат ѕид, како во Берлин.
    Нам пак дискретно ни нудат, “во одбрана од албанската наезда”, да си влеземе во конфедерација со Србија и Грција. Дури ни нудат и руски трупи. А тие обично доаѓаат да бидат тампон зона. Што е многу поприфатлив термин отколку зацемен­тирање на српските освојувања.

    5. Американците урнаа над Босна четири воени авиони, ама сите се правеа удрени. Никој не сакаше да признае чии биле авионите.
    Другиот ден Србите им забранија на македонските авиокомпании да прелетуваат над нивната територија. Како што не се знаеше чии биле авионите, не знам зошто молчеа нашиве. Да пријавевме дека авионите биле наши, можеби Американците ќе ни платеа отштета.

    6. Бидејќи воздушниот простор над Македонија над 7 илјади метри го контролира белградската обласна контрола на летање, ништо чудно Србија да забрани летање и над нашата територија. Зашто, ако некој авион полета од Скопје и слета во Охрид, а во меѓувреме ги надмине “суверените” 7 илјади метри, авиокомпанијата мора да му плати на – Белград!

    7. Грците ни ги враќаат и писмата. Во скопската “Пошта 2” имало многу вратени писма, на кои пушувало Република Македонија, а биле адресирани до Грција. Меѓу нив била и божиќната и новогодишната честитка на премиерот Бранко Црвенковски до министерот за надворешни работи Каролос Папуљас.
    Што ти е младост и неискуство. Бранко треба да учи од Глигоров. Тој не ја користи поштата. Кога сака да му пише на некого во Грција, го повикува Ван ден Брук.
    Не би било лошо холандскиот дипломат да дојде во Скопје некаде пред Велигден.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира