1. Веселата дружина продолжува со шоу програмата. Љубчо, Љубе и Амди, а богами и Марјан Ѓорчев, конечно влегоа во 21 век. Од физика преминаа на хемија. И измислија хемиски состав на хартија што самата си гласа против ВМРО-ДПМНЕ.
Љубчо го нема да се јави. Љубе држи прес – конференции. Ѓорчев и рипа на претседателката на ДИК. А Амди Бајрам изјавува дека не бил во здравствена состојба.
Има нешто во приказната за хемиската анализа. Оти, вакво однесување е можно само под дејство на хемија. Без оглед дали се работи за апче за смирување, или апче за развеселување.
2. Бидејќи е на поправен испит, Бранко е се уште на физика.
По победата видовме дека неговите пацифисти се распукаа од сите видови лесно оружје од оваа страна на Вардар. Во исто време, миротворците на Ахмети пукаа од другата страна на Вардар.
Бидејќи забавата заврши, сега Бранко треба да ни докаже дека навистина не му било до власт, туку до тоа како ќе му живеат децата. За почеток – да направи нова жетва на оружјето. Без разлика дали од оваа, или од онаа страна на Вардар.
А потоа, да ни покаже како во Македонија ќе владее правото. Тоа што мисли да прави ревизија на работењето на претходната власт, да апси ако треба и да открива големи криминалци – нека си прави. Ама додека не видам како во оваа држава полицијата казнува за погрешно паркирање, па макар згрешил и самиот тој – следува казна по 4 години.
3. Да не сте го виделе случајно Андов? Може е зафатен. Ги вади лавчињата од регистарските таблички.
Си доби 5 пратеници и му е гајле. Каков што си е незаменлив, како Ѕинго, ништо чудно идната недела да го чуеме како дава изјава дека тој намерно влегол во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, за да го зезне Љубчо и да му помогне на Бранко. Та, нели, на Зоран Крстевски му беше срам што седи во иста влада со Љубчо. Па сега чека Андов да го отсрами.
Којзнае и Чашуле какви нови демократски хоризонти ќе открие додека се враќа од Њујорк дома. Па, зар тој не беше во СКМ, уште во времето кога ја пробиваше демократијата во државата? Зар по сукцесија, тој нема една од најстарите книшки на СДСМ? Па и во таа партија има некаков збор со демократски предзнак.
4. Петар Гошев на последниот митинг на коалицијата “За Македонија заедно” велеше дека само Љубчо Георгиевски и Фидел Кастро држат говори подолги од два часа.
Три дена подоцна, Гошев победнички изјави дека Фидел Кастро го изгубил Љубчо. Заборави да каже дека Бранко му се врати на Џијанг Цемин.
5. Американскиот амбасадор Ричард Батлер вели дека кога тој би бил Црвенковски, ДУИ би му била партнер во Владата.
Ова е изјавено кога лидерот на ДУИ Али Ахмети се уште се наоѓа на црниот список на САД, на кој се наоѓаат лица кои го спонзорираат тероризмот.
Е сега Бранко треба да му одговори: “Кога јас би бил Буш, би си го избрал за партнер Осама бин Ладен”.
Мир во земјата, мир во светот.
6. На крајот од оваа недела би сакал да упатам и една порака до победниците.
Во текот на само неколку дена, било лично, било преку посредници добив повеќе телефонски јавувања од СДСМ и ЛДП отколку во цела измината година од ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Те не им се допаѓал насловот, те не била добро избрана фотографијата, те сме претерале на насловната страница, те сме требало да почекаме уште некоја недела…
Почитувани победници,
Сите глупости што ги правеше минатата влада ги вадевме на насловната страница на ВЕСТ. Некои од нив ви беа инспирација за вашите предизборни говори. Да се надеваме дека вие ќе бидете подобри како што ветивте, ама верувајте дека и за вашите глупости ќе има место на нашата насловна страница.
Изминативе три-четири дена доволно одговарав на телефонските повици на разни партиски функционерчиња што се занесуваат дека со полтронство ќе фатат приклучок во новата владина администрација. Од понеделник, нека не се јавуваат. Не дигам телефон. Ако вие немате попаметна работа – ние си имаме.