“Што е ова, зошто и на нашата граница се чека во долга редица?”, прашува еден од опашката во редот за влез во Македонија на граничниот премин Богородица.
“Чекаме за да платиме “бранкарина”, извикува еден од понапред и продолжува да му објаснува на возачот од унгарскиот автомобил зад него, со лош англиски јазик дека оваа Македонија во која сега влегува не е иста со Македонијата од која штотуку се враќа од одмор. Што му значи тоа “бранкарина”, не се ни обидува да објасни. На Унгарецот и без тоа наскоро се ќе му стане јасно.
Не е лошо министрите од Владата некој ден, заедно со премиерот инкогнито да посетат некој граничен премин и да ги почувствуваат задоволствата што обично се чувствуваат кога човек по долгиот пат се враќа дома. Министерот за урбанизам ќе види каде му одат парите што од неодамна ги земаат за одржување на граничните премини и за хигиена, министерот за внатрешни ќе ги проконтролира полицајците, министерот за земјоделие ќе се одушеви на ревносноста со која ветеринарите и натаму не штитат од шап и лигавка, а премиерот ќе си ја види државата од редицата заедно со сите Срби, Унгарци, Полјаци, Чеси, Словаци, Грци што секојдневно нé поминуваат и можеби ќе му стане јасно зошто тие и натаму, заедно со цела Европа само ќе не поминуваат.
За да влезеш во Грција ти треба виза. Визата чини околу седум германски марки, платени во драхми. За да влезеш во сопствената држава, не ти треба виза, ама треба да ја платиш истата сума. Сите држави во светот си ги поткраднуваат своите граѓани, ама тоа го прават на префинет начин, за да не забележиш. Македонија на своите граѓани им ги собира парите како од времето на друмските разбојници. Дај пари ако сакаш да се вратиш дома!
Во сите држави, сопствените граѓани на граница влегуваат во посебна лента и без многу чекање бидејќи странците чекаат во други редици. Тоа ти го дава убавото чувство на враќање дома. Кај нас носителите на македонски пасоши наместо да се привилегирани, стојат во редицата заедно со странците од едноставна причина што сите мора да бидат пренесени преку вода, до која стои табла “Дезинфекција”. Лани тоа беше заштита од шап и лигавка. Годинава шап лигавка нема, ама водата мора да се помине. И да се плати – Пет марки ве молам! И тука има “имаш ситно, немаш ситно, овој е странец, земи му во марки, на овој немам да му вратам пет денари, не си одам без кусур, му ја запиша ли регистрацијата.. .” Молчи, барем момчињата и девојките што работата на водата личат на нешто, имаат бели униформи, прозборуваат и некој странски збор, знаат и да се обратат на “Вие”, да кажат “Благодарам”.. .
Потоа редицата малку се извива и среде пат ве напаѓа некој, инкасатор ли е, разбојник ли е, локален мангуп ли е и ви дели белешки на кои пишува нешто за хигиена на граничниот премин: “30 денари за кола и по 30 денари за човек”. Со странците полемизира со прстите на раката, а цигарата не ја испушта од уста: “Цвај марк, драј марк”. Луѓето молчат и плаќаат. Хигиена ли е во прашање, нема проблем. Хигиената е половина здравје. Преку ред влегува некое “ауди” со струмичка регистрација. Не плаќа. Има некои посебни антени на хаубата, мора да е некој битен локален моќник. Луѓето молчат. Хигиена е во прашање. Хигиена на умот.
Еден се побунува. Вели “Не ти плаќам. Ако може оној пред мене, можам и јас”. Ќе викнам полиција, се заканува инкасаторот. “Викни”, упорен е другиот. “Што ќе ми направи полицијата? Нема да ме пушти да се влезам во сопствената држава!?” Инкасаторот тргнува накај полицијата, во меѓувреме му се протнуваат уште две – три возила и пак си се враќа на старото место.
Полицајците се единствените што малку отскокнуваат од оваа бугарско српска варијанта на македонската граница. Само мафташ со синиот пасош од возилото, тој ти одмавнува и си заминуваш. Нормално, си се враќам дома. Ако им забележиш зошто за враќање дома треба толку да се чека, тие ќе ти речат: “Ние можеме да примаме патници на повеќе ленти, ама овие што наплаќаат го закочуваат прометот”.
Цариниците не се многу променети како од времето кога фаќаа по два пара фармерки од Солун. Мора да ти го кажат задолжителното “Отвори багажникот”. Не видовме дали тој битниот со струмичката регистрација отвараше багажник. И не оти цариниците имаат да уловат нешто од годишноодморците, ама редот си е ред. Момчињата имаат трауми од социјализмот и сакаат да личат на тогашните цариници. Башка, зошто “Богородица” да личи на европска граница, кога може да личи на бугарска?
Колоната се разбива по патот кон Скопје. Гордите граѓани на Македонија за најмалку два часа ќе бидат дома. Унгарците, Полјаците и Чесите ги чека уште една граница, уште еден инкасатор УШте една хигиена на умот. “Да свртиме накај Охрид, го фалат, дај да го видиме!” Бог да чува, дај да бегаме што подалеку од овие. Нé чека Европа!