1. Џабе ѝ е на ВМРО-ДПМНЕ што се повикува на историскиот континуитет со легендарната ВМРО. Изгледа дека Владата не извлекла никаква историска поука. Државата пак ни е во рацете на истите што ја разнебитија. Тешко нас кога за нашиот спас се грижат Англија, Франција и Русија. Ако сакаа да нé спасат, ќе не спасеа уште во времето на ВМРО, а немаше да нé поделат.
Сега се помодерни времиња, па на ВМРО му се додаде и ДПМНЕ, а на историските спасители – Америка. Сега треба уште да чекаме некое утро, кога ќе се разбудиме, пак да се видиме поделени. Да се надеваме само дека нема да ни го земат барем Крушево. Белки една Крушевска Република ќе успее да нé собере. Ако онаа од 1903 траела цели 12 дена, овој пат ќе издржиме и 12 години, ако треба, во сопствена држава.
2. Пред три дена, границата кај Блаце беше затворена. Откако во државата влегоа над 200 илјади бегалци, Владата презеде решителен потег. Рече историско “Не!”. Откако прво нé направија решето.
3. Претседателот Глигоров бадијала се закануваше дека ќе предложи воведување воена состојба. Тоа ќе значеше суспендирање на Владата. Меѓународниот фактор прави заговор со Глигоров. И без прогласена воена состојба, Владата е суспендирана. Со државата владее Високиот комесаријат за бегалци на ОН. И тоа, како што може да се забележи, прилично неорганизирано.
На пример, полека – полека, главна во државата ни станува Пола Гедини. Пола е, а цела беља направи. Се однесува небаре е Доста Димовска или Радмила Кипријанова. Сите ги кара, па дури и демарши дава. Како што тргнала, сигурно ќе им ги земе и кабинетите да ги наполни со бегалци, кога веќе не успеа да им обезбеди тениски терени и базени со чиста вода.
Ќе се повлечат и министерот за внатрешни работи Павле Трајанов и заменик-министерот за надворешни Борис Трајковски. Само уште не можат да си ги поделат секторите. Им се мешаат компетенциите. Борис пушта зелени светла на семафорите, а се знае, тоа му е работа на Павле. Овој, пак, ја држи границата отворена, а рампата спуштена. Сé се испомешало. Додека не им дојде НАТО со оние графитни бомби, па тогаш ни семафори ќе работат, ни рампата ќе се спушта.
Министерот за одбрана Никола Кљусев ќе се најде најлесно. Тој си е професор и ќе си се врати на настава. Гледате како го избрка заменик-министерот за здравство од час, затоа што кажуваше некоја друга лекција. Само таков професор може да ги дотера на ум и ова странците што ни ја водат државата. Ако се налути Кљусев, може да ја примени и педагошката метода од времето кога тој бил ученик. Кој не внимава на часот, пет пати со прачка по рацете. Кој кажува погрешни лекции – десет прачки. Нема само бркање од час и “плукни ја мастиката”, зашто не е од македонско производство. Само така треба, строго и правично, па ќе видат тие дали и во иднина нема да купуваат македонска храна и ќе се прават важни дека нивната храна била по НАТО стандарди. Види ги ти нив, таква убава чорба сме им свариле, а нејќат да ја јадат!
Министерот за надворешни работи Александар Димитров не е во земјава. Подготвува терен за влада во егзил. Кога странците ќе ги преземат сите функции во Македонија, Владата ќе се пресели во странство. Тука, и онака, никој не ја слуша.
4. Сите што доаѓаат да нé спасуваат, апелираат да бидеме хумани и да примиме уште бегалци. Зошто апелираат да бидеме хумани? За да не бидеме како нив.
Колку похумана е Македонија толку тие поубаво ќе си живеат. Ако си ги примат косовските бегалци дома, нема да имаат високи дневници, нема да спијат по скапи хотели, нема да пијат евтино пиво и да пушат евтини цигари. Ќе мора да живеат од плата. А вака, што повеќе проблеми за нас толку поубав живот за нив. Ех, кога би можеле да нé натераат да бидеме толку хумани, па цела Македонија да ја направиме еден голем камп, сами да си ја уништиме државата, па после и ние да се разбегаме по соседните земји, па тие да се потресуваат како ќе ни подигаат шатори, како ќе нé вакцинираат, па како ќе нé лекуваат по НАТО стандарди, како ќе ни обезбедат тениски терени по камповите. Тоа е многу мачна работа. Кој ли ќе мисли како да си обезбедат дневници, па осигурувања, па надоместоци за живот во кризно подрачје… Европската комисија падна, меѓу другото, и поради скандал со проневери во хуманитарните фондови, па сега треба да им се даде поправен испит. Антивоени профитери – колку сакаш.
5. Сега ги имаме “Стенковец 1” и “Стенковец 2”. Како што тргнала работата, ќе завршиме како во оние мамутските холивудски серијали. Па ќе слушаме како некој го посетил “Стенковец 15”, се отворила детска градинка во “Бразда 9”, а пристигнала нова медицинска опрема во “Радуша 17”.
Во холивудската сапунска опера заскита и Ричард Гир. Го прими сопругата на претседателот, госпоѓа Нада Глигорова со другарките. Истиот ден, на вечера во “Св. Пантелејмон” во Нерези го изведе и сопругата на премиерот, госпоѓа Снежана Георгиевска со другарките. Гир се виде со сите важни другарки во државата, освен со ракометарките. Требаше да се сретне и со нив, да му заиграат едно оро и да му запеат “Македонско девојче”.
6. Какви се тие глупави забелешки дека Танзанија на донаторската конференција добила една милијарда долари, а Македонија само 100 милиони долари.
Па ние не сме Африка!